Георги Василевски беше основоположник на автентичната македонска филмска критика
Георги Василевски беше еден од најдобрите македонски филмолози. Почина на 2 август годинава и зад себе остави бројни филмски записи, критики, анализи, есеи. Автор е на значајната четиритомна енциклопедија „Историја на филмот“.
Кусите биографски белешки за Георги Василевски велат: заврши постдипломски студии во Париз, под патронат на париската Кинотека. По враќањето во Скопје се вработи во Телевизија Скопје како уредник на филмската програма и ја уредуваше емисијата „Во фокусот на филмот“.
Василевски и припаѓа на тесната група критичари кои го основаа култното движење „Синеастички вечери“ и ги покренаа филмските списанија „Кинотечен месечник“ и „Кинопис“. Василевски е еден од соработниците на филмската енциклопедија во издание на Југословенскиот лексикографски завод „Мирослав Крлежа“ од Загреб. Автор е на досега објавените 4 тома од планираните пет „Историја на филмот“, и на „Филмска енциклопедија“.
Влатко Галевски, филмски критичар, за неговиот колега Георги Василевски ќе каже: „Човек од филмската критичарска фела кого мислам дека сите помлади го ословуваа со Господине. Елегантен, и промислен во изразувањето, темелен, и никаде не брзачки господин, вистински бард со енциклопедиски габарит. Значаен филмски теоретичар и надвор од македонските граници, еден од најпотентните филмолози. Маестро со префинети манири, пишувач со интегритет и став, често бескомпромисен, и секогаш благонаклонет и тактички критичен спрема македонската кинематографија. Ќе ми недостасува и како учител и како соговорник и како пријател“.
Филмологот Илинденка Петрушевска истакнува дека Георги Василевски е основоположник на автентичната македонска филмска критика. „Василевски секогаш му припаѓал на филмот и бил во најзначајните мигови на одредени случувања во домашната кинематографија. Особено е значаен неговиот ангажман на планот на ширењето на филмската култура, тука мислам пред се на востановувањето на познатите ’Синеастички вечери‘, како и на други форми што пред 30-ина години се појавуваа на разни трибини, разговори итн. Василевски е и кум на ’Кинопис‘. Кога размислувавме како да биде насловено списанието за историја и теорија на филм, токму Василевски го предложи името“, вели Петрушевска.
Инаку, Четирите изданија на кинематографската енциклопедија „Историја на филмот“ чиј автор е Георги Василевски, се значаен подвиг и печат за македонската филмска уметност. Последната книга од ова повеќетомно издание го опфаќа повоениот период во појавата и развојот на помалите и дотогаш непознати кинематографии. Во двете одвоени поглавја: „Ехото на анонимните кинематографии“ и „Откритието на азиските кинематографии“ се претставени кинематографиите на 12 земји. Последното поглавје „Време на новиот филм“ е посветено на појавата на новиот бран и неговите автори, Мал, Шаброл, Трифо, Годар, Рене, на обновата на британскиот филм и на новиот американски филм и Њујоршката школа...
(Т.И.) - Утрински весник