Антички македонски штитови од Пелагонија" е насловот на публикацијата на археологот Душко Темелкоски која вчера беше промовирана во Градската библиотека "Борка Талески" во Прилеп. Во публикацијата се претставени деловите од штитовите, пронајдени на локалитетот Бонче кои потекнуваат од пред 22 века, од периодот по Александар, во времето на античкиот македонски крал Деметриј.
- Наодите за штитовите се претставени не само на стручен туку и на попопуларен начин, за приказната за античките штитови да биде достапна до широката читателска публика, изјави Темелкоски. Тоа значи дека публикацијата донесува податоци и за локалитетот Бонче и за тоа кој бил кралот Деметриј. Освен од Темелкоски публикацијата е потпишана и од францускиот историчар Пјер Жуел.
- Жуел се затекна тука во Македонија кога лани беа откриени штитовите. Со него бевме на локалитетот Бонче и ги разгледувавме штитовите, објаснува Темелкоски.
Жуел и Темелкоски наодите за штитовите ги презентирале во Франција, во Хрватска, а во Германија објавиле заедничка статија за штитовите во списание за епиграфика.
- Публикацијата е заокружување на процесот на соработка, вели Темелкоски.
Рецензент на книгата е полскиот археолог Ник Секунда, професор на Универзитетот во Гдањск, кој ја истакнува исклучителната важност на наодите. Деловите од штитовите се единствени пронајдени во Македонија кои потекнуваат од античкиот период и укажуваат на прочуената Македонска фаланга. Во Грција ги има само три. Деловите се на конзервација во Заводот и музеј во Охрид. Најрано на есен можеби еден од трите штита ќе биде реконструиран и претставен на јавноста.