ПОД ЗАКРИЛА НА УНЕСКО
Танцот како облик на културна меморија на светот, танцовите разлики како проекција на културните разлики во светот, интерпретација на танцовата експресија од аспект на танцовата интеракција, се дел од темите на кои еминентни академици, теоретичари, кореографи ќе дискутираат во МАНУ, на меѓународната конференција за танц, што ќе се одржи на 6 и 7 декември. Конференцијата со наслов „Танцот како израз на културните разноликости“ ја организира културниот центар „Интерарт“ од Скопје, а ја поддржува УНЕСКО. Научната средба е дел од поголем проект кој ќе трае три години.
Конференцијата претставува доказ за вредната работа на „Интерарт“ во последните десетина години, рече нејзиниот основач Рисима Рисимкин.
- Не' радува што во Скопје ќе организираме меѓународна конференција од областа на танцот, целосно потпомогната од УНЕСКО. Тоа е признание за големиот труд што го вложивме во последните десетина година, за афирмација на нашиот танц во светот. Направивме танцот да стане тема на научна дискусија. На конференцијата сакавме да се фокусираме на излагањата на наши академици, еминентни професори, теоретичари, кореографи и танчари од светот, со цел да ги промовираме повеќе, но поканивме и странски гости, кои значат многу на светската кореографска мапа - рече Рисимкин.
Со свои излагања ќе настапат Татјана Петковска, Соња Здравкова-Џепаровска, Гоце Смилевски, Ивица Џепаровски, Ивана Вујиќ, Емилија Џипунова, Рисима Рисимкин, Ивона Татарчева, Надица Битољану-Делиниколова, Олга Панго. Од странство ќе дојдат Адам Дариус од Финска, Хелге Летонија од Германија, Изток Ковач од Словенија и Марија Илиева од Бугарија.
На малата сала во Драмскиот театар, на 6 декември ќе бидат изведени фрагменти од танцовата претстава „Куќата на Алба“, во кореографија на Рисимкин, чија премиера ќе биде идната година. Станува збор за мотиви по драмата на Лорка - „Домот на Бернарда Алба“. Ќе настапат Саша Евтимова, Ивана Коцевска, Бобан Ковачевски и Игор Велановски. Во претставата ќе учествуваат десет танчари, на музика на повеќе автори.
Рисимкин најави дека во втората половина на идната година во Македонија ќе се организира регионален конгрес за танц. Од конференцијата ќе биде објавена и публикација на македонски и на англиски јазик, што ќе ја уреди академик Катица Ќулавкова.
- Задоволна сум како го развиваме танцот во нашата земја. Се залагам да се создаде градска сцена за модерен танц, а оваа уметност да ја подигнеме на академско ниво. За тоа ни треба поддршка од државата. Ме радува што има многу млади што го сакаат танцот, рече Рисимкин.
За претстојниот „Танц-фест“ кој ќе се одржи во април, Рисимкин најави дека ќе гостува Националниот балет од Љубљана, холандската компанија „Галили денс“, Народно позориште од Белград, компании од Израел, Германија и од Финска.
(С.П.)