ТРИБИНА ЗА 60-ТЕ ТОМА МАКЕДОНСКА КНИЖЕВНОСТ
Внимание при изборот на вистинските вредности
На ова во своите излагања "апелираа" и акад. Гане Тодоровски и д-р Венко Андоновски, кои во своите излагања ја наметнаа и спецификата и тежината која претстои пред комисијата избрана од министерот за култура, Арификмет Џемаили
На општо одобрување и поддршка наиде идејата на Владата, односно Министерството за култура за објавување на 60-те тома македонска книжевност, кои би требале да ја исцртаат мапата на капиталните литерарни вредности во државава. Но, на трибината организирана од неделникот "Форум" и Градската библиотека "Браќа Миладоновци" од Скопје, провејуваа и поинакви критички, но и конструктивни тонови. Академик Гане Тодоровски апелираше дека "треба да се биде крајно претпазлив во јавните пројави на една јавна заложба да се тргне од добра намера... Потребно е далеку поспокојно и попретпазливо однесување кон гестот на нашата државна дарежливост..." и дека "не треба да се биде ни за миг наивен пред новото надитрување меѓу државата и културата и да бидеме наполно свесни дека, откако постоиме како општествена надградба во ова општество од АСНОМ (1945) и самостојноста (1991), досега се развиваме исклучиво под ѕвоното на државните грижи..."
За д-р Венко Андоновски, "мора да се внимава, пак, при изборот на капитално (дело) и капитален (автор), што значи правилно вреднување на нечиј труд и дело и нивното промовирање во вистински вредности". Тој во овој контекст напомена дека, генерално, во поново време (па дури и речиси две децении) отсуствува правилна и конструктивна литерарна критика.
За Елизабета Шелева е многу битно, откако сиот проект и критериумски издржаниот избор за која ќе е одговорна комисијата избрана од Владата, односно министерот за култура, Арификмет Џемаили, да биде преведен на еден од светските јазици.
Откако претставникот на Министерството за култура, Билјана Туџаровска-Ќупева ја соопшти комисијата во состав: Веле Смилевски, Бранко Цветковски, Санде Стојчевски, Раде Силјан, Фахри Каја, акад. Влада Урошевиќ, Шкелзен Халили, Халил Зендел, Елизабета Камчевска Милевска и Ивица Боцевски, присутните веднаш изреагираа поради нетранспарентноста и како што рекоа "доведувањето на оваа трибина во прашање".
"Прашалникот кој се наметна е продуциран од 'тајноста' на целава ситуација со изборот на комисијата, а мене оваа работа ми личи на народната: "Брзата кучка, слепи ги раѓа", рече Михаил Ренџов.
Што се однесува до стандардите и изгледот на изданијата, се наметна дилема меѓу издавачите (Ванчо Каранфилов - "Табернакул" и Павлина Лазаревска - "Магор") дали поради, како што беше посочено, унифицираноста на целата едиција, се потребни издавачи или само печатари. Отсуството на помлади автори во Комисијата, ја наметна дилемата по кои критериуми, пак, ќе се вреднуваат авторите од млада генерација кои, според Данило Коцевски, "заземаат се посериозен простор во македонската книжевност".
Борче ГРОЗДАНОВ
Вечер