Македонија и Македонците со векови претставуваат една од ерупциските точки на планетата, каде што илјадници години се судираат световите, вели Огнен Бојаџиски, историчар и публицист што живее во Хрватска, автор на книгата „Хронологија на Охридската архиепископија“, промовирана деновиве во Сплит
Книгата на Бојаџиски ги обработува проблемите со кои се соочува Македонската православна црква, како нејзиното оспорување од другите цркви и многу други прашања што ја допираат оваа тема.
- Конфликтноста и антагонизмите не се само состојби, тоа се и патишта и излез, тоа е егзистенција и коегзистенција. Без гравитација нема паѓање, да се лебди, тоа е неоткриен космички закон на вселената во нејзиното бесконечно траење и еволуција - вели Бојаџиски.
Првото издание на книгата е објавено во 1995 година како прво дело со ваква тематика, публикувано надвор од границите на Македонија. Второто издание, промовирано во Сплит, е дополнето со друга документација.
- Потребата од ова издание на хрватски јазик се наметна поради тоа што многумина во Хрватска, дури и во интелектуалните кругови, многу малку знаат за проблемите и тешкотиите со кои се соочува Македонската православна црква - вели промоторот проф. д-р фра Душан Моро од Католичкиот богословски факултет во Сплит.
Авторот на читателите им ја приближува оваа историска и маченичка црква во време кога македонскиот народ ја води најкрвавата битка за својата црква, вели проф. д-р фра Моро.
Извор: http://novamakedonija.com.mk/NewsDetal.asp?vest=519101028364&id=9&prilog=0&setIzdanie=21987