Скопје, 18 март (МИА) - Во Музејот на Македонија денеска беше промовирана Стратегијата за унапредување и развој на креативните индустрии во Република Македонија, проект на Министерството за култура и Британскиот совет.
Креативните индустрии опфаќаат широк дијапазон на активности кои ги вклучуваат културините индустрии и сите културни или уметнички, научни, технички и технолошки продукции базирани на знаења и вештини. Тие се вид дејност во која спаѓаат продукцијата и пазарната размена на идеи од областа на културата, уметноста, науката и техниката, најчесто олицетвротени во конкретни материјални производи, информации и услуги.
На промоцијата на стратегијата се обрати министерката за култура Елизабета Канческа-Милевска која рече дека креативните индустрии во денешно време се фокус на многу европски земји, придонесуваат за подобрување на економската состојба и се промотори на културниот идентитет.
- Препознавајќи го потенцијалот на креативните индустрии, како еден од најполезните сектори во националната економија, Владата и Министерството решија да изготват стратегија која покажа дека Македонија има одличен потенцијал, особено во областа на културно-историските споменици од различни историски периоди, природните атракции и реткости, прехрамбените и други видови изработки, потенцираше министерката.
Канческа-Милевска додаде дека стратегијата има амбициозна цел да овозможи оптимални услови за развој и манифестација на креативноста, како и развој на вештините кои би отвориле перспектива за побрз економски развој на Македонија.
- Стратегијата ќе биде од голема полза за самите учесници во креативните индустрии и за авторите. Исто така, оваа стратегија укажува како да се организира секторот кон подобро искористување на сите расположливи ресурси. Во неа се застапени архитектурата, дизајнот, модниот дизајн, музиката, театарот, филмот и телевизијата, издавачката дејност и занаетчиството, посочи министерката за култура Елизабета Канческа-Милевска. лѓ/са/12:26