Скопје, 8 ноември (МИА) - Министерството за надворешни работи на Република Македонија денеска преку соопштение истакнува дека со голема вознемиреност ги прими изјавите на митрополитот на грчката православна црква Антимос што го засегнуваат територијалниот интегритет на Македонија, а кои беа дадени на манифестацијата во Солун пред три дена.
Имено, се наведува во соопштението, вознемирувачки е делот од екстремистичкиот говор на митрополитот Антимос во кој тој повикува на „освојувачки походи на Битола“ и подвлекува дека „на Грција и недостига парчето од Македонија кое тие го имаат кај Битола и околината“.
МНР најостро ги осудува ваквите изјави дадени од високи грчки општественици кои имаат големо влијание и на грчката политичка сцена.
Министерството за надворешни работи, се додава во соопштението, со уште поголема загриженост и жалење констатира дека повикот на митрополитот Антимос за поход кон Битола не е досега ниту осуден, ниту отфрлен од претседателот на Владата на Република Грција Костас Караманлис, ниту од министерката за надворешни работи Дора Бакојани.
МНР очекува од двајцата како најголеми поборници во нивните изјави за добрососедски односи на Балканот и како најгласни осудувачи на секоја иницијатива за иредентизам веднаш и недвосмислено да ги осудат ваквите изјави кои, како што се истакнува во соопштението, претставуваат индиректна закана за територијалниот интегритет на Република Македонија.
- Со таквата своја осуда цениме дека ќе го дадат својот скромен придонес за нашите натамошни пријателски односи. Исто така, таквиот потег би требало да ги обесхрабри екстремистите во Грција, а да им направи простор на силите на разумот, укажува МНР.
Истовремено Министерството за надворешни работи за овој инцидент ќе ги извести сите релевантни меѓународни институции, бидејќи, истакнуваат од МНР, тој драстично го повредува духот на времената спогодба потпишана помеѓу Македонија и Грција во септември 1995 година. паг/са/12:50
http://www.a1.com.mk/vesti/default.asp?VestID=86034
посети:{moshits}