Пребарување по интернет-страници, информирање за најновите вести, праќање електронска пошта, чет и онлајн-игри, се причините поради кои Македонците најмногу висат на интернет. Повеќе од половина граѓани во земјава постари од 15 години користат интернет, при што пред компјутер повеќе време поминуваат мажите отколку жените, покажа најновата студија на Институтот за истражување на пазарот „ГФК Скопје“.
Најголеми зависници од интернет се младите од 15 до 24 години, од кои дури 88 отсто се прикачени на глобалната мрежа. По нив следуваат тие на возраст од 25 до 34 години со 77 отсто. Интернет најмалку користат лицата постари од 65 години, односно само осум отсто од оваа популација.
Според студијата на ГФК, 52 отсто од населението користи интернет во земјава, кој е за 2 отсто поголем од минатата, при што најголемо зголемување има кај популацијата од 25 до 44 години. Но, бројката се намалува кај постарите лица.
- Како што се зголемува возраста на луѓето, се намалува користењето интернет. Имајќи предвид дека употребата на интернет меѓу населението на возраст над 45 години е под националниот просек, може да се види дека потенцијалот за зголемување на неговото користење се наоѓа во овој сегмент - пишува во студијата.
Истражувањето на ГФК покажало дека дури 71 отсто од граѓаните најмногу го користат интернетот за пребарување по веб-страници, а 68 отсто за да ги следат најновите вести и информации. Голем процент, односно 65 отсто го користат за примање и испраќање електронска пошта, додека 64 отсто за онлајн-разговори. Интернетот најмалку се користи за онлајн-плаќање и купување.
За истражувачите е интересен фактот што пристапот до интернет преку мобилен телефон, односно 3Г-технологијата, станува се' популарна. Осум отсто од популацијата користи мобилен интернет, за разлика од лани кога биле пет отсто, а 12 отсто планираат да почнат да ја користат ваквата технологија во следните шест месеци. За разлика од лани, кога дури 80 отсто од граѓаните се изјасниле дека не знаат што е мобилен интернет или воопшто не планираат да го користат, годинава тој процент е помал од 60 отсто. (Д.Т.)Дневник