НА СВЕТИКЛИМЕНТОВИОТ УНИВЕРЗИТЕТ
Директорот на Управата за заштита на културното наследство, Паско Кузман вели дека така одлучил Одборот, кој ги избира проектите кои ќе бидат застапени во рамките на Светиклиментовиот универзитет, кој ќе биде готов до крајот на 2009 година. Кузман додава дека МАНУ ќе има резиденција таму, исто како и Колумбија Универзити, со цел да му се даде поголемо значење на просторот. МАНУ уште во 2004 година, со решение на Владата, за своја летна резиденција, ја доби на користење куќата на Уранија. Сега најверојатно, овој објект, еден од најрепрезентативните во Охрид ќе се врати на користење на Завод и Музеј Охрид. Директорот на Завод и Музеј Охрид, Јордан Трца вели дека Академијата веќе три пати одбивала да го преземе објектот кој поради архитектонските нарушувања и фактот дека куќата може да се урне и дека е потребна итна санација. Пред една година со средства на Министерството за култура делумно беше санирана фасадата на куќата, бидејќи по пороен дожд еден дел од куќата беше урнат. -Куќата на Уранија треба статички да се зајакне. Во иднина би било добро во куќата да биде поставена етнолошка поставка со покуќнина типична за Охрид од 19 век. Ваква поставка не само што бараат домашните туристи, туку и странците кои во Охрид ги има во текот на целата година, вели Трца.
Во моментов еден кат од куќата на Уранија е посебно уреден и таму се снима филмот посветен на Кемал Ататурк. |