Скопје, 14 август 2009 god.(МИА) - Министерот за информатичко општество Иво Ивановски ја посети компјутерската фирма „Еин Софт“ која го изработува системот за електронско раководење со документи на сите министерства во Република Македонија.
Овој проект беше започнат во 2008 година и треба да биде комплетиран до крајот на годинава. Преку него ќе се добие зголемување на ефикасноста и транспарентноста на работата на институциите.
Системот поддржува електронско аплицирање, но поради потребите на Државниот архив на Република Македонија ќе биде потребна и хартиена копија.
- Направивме кратка презентација за да видиме до каде е процесот на дигитализација на државната администрација. Конкретно го гледавме процесот за објавување јавна набавка во Министерството за информатичко општество и како тој се движи од креирање на интерниот документ па се до крајот. Настојуваме до крајот на 2011 година сите јавни набавки во Владата да одат преку овој систем, изјави министерот Ивановски.
Позитивна работа за македонската Влада и државата, според министерот, е што бројот на невработени информатичари е мал и тие се група граѓани кои се најбарани на пазарот.
- Нашата цел е да се зголеми бројот на информатичари со отворање на новиот Универзитет за информатичка технологија кој започнува со работа наесен во Охрид, тие да останат во земјава и да придонесат за развојот на економијата, додаде министерот Ивановски. лѓ/паг/12:00