На Уметничкото биенале во Турција, пред неколку години, особено внимание меѓу посетителите предизвикал видеопроект од Косово, на кој млад уметник од некоја сè уште недоволно развиена средина (што било видливо и на видеото), сам себеси си прави интервју и ги повикува потенцијалните поддржувачи на уметноста на помош со зборовите:
- Јас сум многу талентиран и способен, ве молам да ми помогнете и да ми платите за да ја практикувам својата уметност.
Генералната клима на непостоење соодветен или барем на поднослив амбиент за уметничко создавање од секогаш оставал простор и за т.н. уметничка имиграција. Четириесет и осум уметници од македонско потекло кои живеат во странство се претставени на веб-страницата на Агенцијата за иселеништво. Еден дел од нив се наследници на семејства, кои се иселиле од земјава, главно, во 70-тите години, а друг дел се иселиле подоцна, по сопствената одлука да побараат подобри услови за работа и за живот надвор од Македонија.
- Немаме правено посебна анализа за причините поради кои уметниците ја напуштиле земјата, но одржуваме контакти со нив и ги имаме претставено на нашата веб-страница - вели Виолета Шиндил од Агенцијата за иселеништво на Република Македонија.
Меѓу уметниците, претставени на веб-страницата на Агенцијата за иселеништво има сликари, режисери, оперски пејачи музичари, диригенти, а и некои кои во меѓувреме, по подолг престој во странство се вратиле и сега живеат во Македонија (на пример, баритонот Борис Трајанов, оперската двојка Ана и Игор Дурловски и др).
Меѓу овие 50-тина креативци, претставени на веб-страницата на Агенцијата за иселеништво, пак, има и такви чие долго отсуство од Македонија не е регистрирано, на пример, сликарот Јован Балов, кој одамна живее и работи во Лондон, режисерот Дарко Митревски, кој живее во САД, сликарот Роберт Дандаров, кој создава во Канада, писателката Жанина Мирчевска, која речиси деценија е жителка на Љубљана, сликарката Нада Прља и композиторот Никола Коџабашија кои живеат и работат во Лондон, скулпторот Горазд Поповски, кој го иницираше Македонскиот културен центар во Њујорк и др.
- Сосема е легитимна идејата за лоцирање на уметничката имиграција, иако, следејќи ја, конкретно, домашната ликовна сцена сиве овие години, не би можел да кажам дека постои таков феномен. Точно е, многумина се иселуваат но дали причините за таква одлука се од економска природа е тешко и неблагодарно да се каже - вели Емил Алексиев од Музејот на град Скопје.
Постојат, вели Алексиев, повеќе видови на имиграција - во нејзината класична и некласична смисла.
- Многумина го менуваат начинот на практикување на нивната уметност, па наместо да емигрираат надвор од земјата - остануваат во неа и се занимаваат со применета уметност. Знаете, место да сликаат слики, прават абажури за столни ламби, што е, исто така, еден вид на интерно иселеништво во професијата - вели Алексиев.
Уметниците емигрираат во потрага по креативен амбиент за работа или за посигурна општествена клима, кој ќе им овозможи поспокоен живот. Но, темата на емиграцијата е интересна и како уметнички предизвик за креативно толкување.
Македонската уметница Нада Прља, која живее и работи во Лондон, е кураторка на изложбата посветена на имиграцијата, која денес ќе биде отворена во Центарот за уметнички проекти во Виена.
За оваа изложба Прља избра четворица уметници: Минук Лим, Тања Остоиќ, Дејвид Риш и Калед Рамадан, кои низ своите видеа зборуваат за овој актуелен проблем, кој светската економска криза дополнително го потенцира.
И самата своевиден уметнички емигрант во британската престолнина, Прља го објаснува овој проект со сеопфатна анализа на тековните општествени и економски состојби.
- Поради актуелната светска криза, живееме во време на драматични промени, во кои конвенционалното спомнување на „земјата“ и на установената државна сила, се модифицира себеси, а резултат е пренасочувањето на социјалните, владините и на економските приоритети. Конвенционално најмоќните (или најкапиталистичките) земји се соочуваат со економски падови, што резултира со генерална паника поради индивидуалните загуби - загуби на сопственоста, на работните места, на стабилноста... Први во линијата да се изгубат, како резултат од кризата, се луѓето кои се маргинализирани - економски, етнички или религиозно, луѓето кои се, на сигурен начин, отуѓени од системот што го населуваат - вели Прља, објаснувајќи го концептот на изложбата.
Иако живее далеку од својата земја и оваа изложба ја подготвува во трета средина, Прља прецизно лоцира еден проблем со кој се соочува и Македонија - одливот на млади и високообразовани луѓе во странство и земањето туѓо (најчесто бугарско) државјанство поради непреченото патување во земјите на ЕУ во потрага по работа.
- Но, имиграцијата како феномен често, ако не и редовно, резултира и со општествено неприфаќање на имигрантите, со социјална изолација или со невидливост на маргинализираните групи. Силна реакција на оваа ситуација е забележлива во уметничката продукција, особено низ социјално - политички ангажираните практики на последните неколку години во форма на заштита од отуѓените или поинаку дисперзирани групи на поединци во општеството - вели Прља.
Денешното отворање на изложбата ќе биде проследено и со отворена дебата, на која воведниот збор ќе го одржи Прља.
- Целта на изложбата и на дискусијата е низ примери на уметнички одговор да се прецизира ситуацијата со емигрантите, која во современата заедница е дефинирана како „дупка во законот“ и да и се даде глас (пејачки или испукувачки) на оваа група на невидливи луѓе - вели македонската уметница.
Дел од македонските уметници кои живеат во странство, во годините што се зад нив успеале добро да се снајдат во овој вакуум, да го отпеат или испукаат својот талент, и да продолжат да се занимаваат со својата професија.
Автор: Јасна Франговска