МИНИСТЕРСКА КОНФЕРЕНЦИЈА ВО СКОПЈЕ
На конференцијата беше промовиран и нов телевизиски магазин кој ќе се емитува низ сите 12 земји на ЈИЕ и во времетраење од пет минути секојдневно ќе ја прикажува културата на земјите од регионот
Во организација на македонското Министерство за култура во соработка со Универзитетот за аудиовизоуелни уметности ЕСРА Париз-Скопје-Њујорк, а под покровителство на Европската комисија за обазование и култура и УНЕСКО Регионалното биро за наука и култура во Европа, вчера во Скопје се одржа конференција на тема "Културата и аудиовизуелната комуникација - вектор на мирот и европската иднина на земјите од ЈИЕ".
Во своето обраќање министерката за култура Елизабета Канческа Милевска рече дека Република Македонија е земја која аудиовизуелните можности нудат бесконечно многу предизвици за авторите кои умеат да продрат длабоко во темите кои се секојдневие, а во Македонија добиваат својата филмска мистичност.
- Вистинските битки Република Македонија секогаш ги водела на полето на културното напредување на македонската уметност. Само со дијалог заеднички именител на сите земји ќе бидат успехот и просперитетот, додаде министерката Канческа Милевска.
Таа истакна дека Собранието на Република Македонија неодамна го донесе Законот за заштита на аудиовизуелните добра.
Ректорот на Универзитетот за аудиовизулени уметности ЕСРА Париз-Скопје-Њујорк Јордан Плевнеш во своето обраќање рече дека честопати се вели оти народите на ЈИЕ имаат повеќе историја отколку што може да поднесат. Тој додаде дека е потребно преку културата постојано да се обновува меѓудржавниот дијалог и во тешките времиња.
На конференцијата беше промовиран и нов телевизиски магазин кој ќе се емитува низ сите 12 земји на ЈИЕ и во времетраење од пет минути секојдневно ќе ја прикажува културата на земјите од регионот.