Скопје, 26 март (МИА) - Во Музејот на современа уметност (МСУ) во Скопје вечерва свечено е отворен Регионалниот центар за дигитализација на културното наследство на земјите од Југоисточна Европа.
Центарот го отворија македонскиот министер за култура Арифхикмет Џемаили и генералниот директор на Организацијата на ОН за образование, наука и култура (УНЕСКО) Коичиро Мацура.
Министерот Џемаили, кој им се заблагодари на УНЕСКО, Регионалното биро на оваа организација во Венеција и на италијанската Влада за помошта во реализацијата на востановувањето на центарот, рече дека со дигитализацијата ќе се овозможи заштита на културното наследство во случај на негово оштетување или целосно уништување во случај на климатски непогоди.
- Со идниот центар покрај поврзувањето на национално, а потоа и на регионално ниво со сите институции од доменот на заштитата на културното наследство ќе се отпочне со еден долгорочен и комплексен процес на евиденција, регистрирање и дигитализација на целокупното културно наследство, подвлече министерот Џемаили.
Генералниот директор на УНЕСКО рече дека Центарот претставува важен чекор на земјите од Југоисточна Европа во развивањето на нивните напори за промовирање и зачувување на своето разнообразно културно наследство за денешните и идните генерации.
- Развојот на овој Центар е значајно дополнение на останатите регионални активности чија цел е развивање на соработката преку меѓукултурен дијалог и културна разновидност, како што е годишниот регионален самит на шефовите на државите од Југоисточна Европа што УНЕСКО активно го поддржува и кооорганизира од самиот негов зачеток во 2003 година, истакна Мацура.
Регионалниот центар е сместен на приземјето на Музејот на современа уметност на површина од 141 метар квадратен и ќе функционира како тело на Управата за заштита на културното наследство. Центарот се прави со донација на италијанската Влада од 300.000 евра, а минатата година УНЕСКО за него одобри 330.000 евра. Целиот простор ќе биде доопремен до крајот на годинава.
Корисници на Центарот ќе бидат заводи, музеи, центри и експерти за конзервација на културно наследство, архиви и библиотеки. УНЕСКО ја набави компјутерската опрема и проектот ќе го финансира една година, а понатаму функционирањето на Центарот ќе биде финансирано со средства од буџетот. хс/бак/19:34