Епидемија на „дигитална деменција“ меѓу младите
Јужнокорејските лекари предупредуваат на пораст на т.н. „дигитална деменција“ меѓу младите поради се поголемата зависност од интернетот, бидејќи не паметат обични работи, како на пример сопствените броеви на телефоните.
Јужна Кореја спаѓа меѓу земјите со најголем број на корисници на интернет и проблемот со зависноста од глобалната мрежа меѓу возрасните и децата е забележан уште во 90-тите години од минатиот век.
Сега оваа зависност доведува до рани симптоми на дигитална деменција, што всушност претставува намалување на когнитивните способности, вообичаено кај луѓето кои имале повреда на главата или страдаат од некои психијатриски болести.
- Прекумерната употреба на смартфоните и играњето игри го нарушуваат урамнотежениот развој на мозокот. Оние кои претеруваат имаа поразвиена лева страна на мозокот, додека десната останува недоволно развиена, предупреди Бјун Ги Вон, лекар од Центарот за рамнотежа на мозокот во Сеул.
Десната страна на мозокот е „одговорна“ за концентрацијата и ако не е доволно развиена лошо влијае на паметењето и вниманието, што дури кај 15 отсто случаи може да доведе до рана деменција.
Ситиацијата, според лекарите, се повеќе се влошува, бидејќи бројот на лицата, на возраст меѓу 10 и 19 години, кои користат смартфони повеќе од седум часа дневно, се зголемил на 18,4 отсто, што е зголемување од седум отсто во однос на минатата година.
Докторот Манфред Шпицер, германски невролог, минатата година ја објави книгата „Дигитална деменција“, предупредувајќи ги родителите и наставниците колку е опасно децата да минуваат премногу време покрај компјутер, на мобилни телефони или други електронски апарати.
Тој нагласува дека предизвиканата штета на мозокот не може да се надомести и се заложи за забрана на дигиталните медиуми во германските училишта пред учениците да станат зависници.