Наодите од неодамна завршените археолошки истражувања на локалитетот Цареви Кули само ги потврдија поранешните претпоставки дека Струмица е еден од најраните христијански градови во Македонија и на Балканот. Ова може да се заклучи според остатоците од откриената архитектура, фрагменти од керамика, накит, монети и други предмети кои зборуваат за културниот континуитет и за традициите на населението од овој крај. Деталните истражувања, исто така, придонесоа за прецизно дефинирање на сите влезови во тврдината, како и за лоцирање на објектите околу неа, со што е исполнета основната цел на проектот за конзервација и реставрација на овој културно-историски споменик. „Мошне сме задоволни од штотуку завршените археолошки истражувања на бедемското платно, на централната и влезните кули, на некрополата, цистерната и на другите фортификациски објекти. Ова особено се однесува на западниот бедем кој е добро сочуван со кулите високи од еден до 1,5 метар, од кои се вршело набљудување“, вели Славица Тасева, директор на Заводот за заштита на спомениците на културата и Музеј во Струмица. „Меѓутоа, иако очекувавме многу, од откриените наоди сепак не добивме попрецизни сознанија од времето на македонскиот Цар Самоил. Но, затоа пак пријатно сме изненадени од откритието на остатоци од црква која според фрескодекларацијата датира од 13-от век, што бездруго го потврдува фактот дека во периодот на средниот век, покрај Охрид, Струмица била еден од главните верски центри во Македонија“, додаде Тасева. Инаку, за предвидената реконструкција на тврдината Цареви Кули која треба да биде извршена во текот на 2008 година, од европските фондови за прекугранична соработка и од општинскиот буџет се обезбедени околу 460.000 евра. Дел од средствата се веќе потрошени за пробивањето на пристапниот пат до кулите во должина од 2,5 километри, како и за заокружување на археолошките истражувања. |