БОГАТСТВОТО НА АНТИЧКИОТ ГРАД ОДНОВО ЈА ВОЗБУДУВА МАКЕДОНСКАТА ЈАВНОСТ
Раскошното богатство на античка Хераклеја е предмет на две посебни, богато илустрирани монографии, објавени деновиве во Скопје и во Битола. Меѓу другите теми, богатството со мозаици на Хераклеја е предмет и на форумот, кој конзерваторите од регионот им го посветија на мозаиците како голем белег на културниот идентитет на Медитеранот. Естетско-композициската вредност на хераклејскиот мозаички комплекс е најзначајна програмска и иконографска целина од периодот на доцната антика на Медитеранот, вели Елизабета Димитрова, професор по ранохристијанска уметност на Филозофски факултет од Скопје. Според тоа како познавачите го вреднуваат мозаичкиот комплекс во Хераклеја, Македонија слободно може да се пофали со овој дел од своето културно наследство, и тоа во светски рамки. - Таква иконографија не се среќава никаде. По својот квалитет мозаиците од Хераклеја стојат на врвно место во епохата на доцната антика - вели Димитрова. За разлика од хаосот во кој се наоѓаат најголем дел од археолошките локалитети и константните закани од дивите копачи, стручњаците се задоволни од тоа како се згрижени мозаиците на македонска почва, не само тие во Хераклеја, туку и во Стоби и во Лихнидос. - Македонските мозаици се заштитени во согласност со сите меѓународни закони и конвенции. Во изминатите 50 години константно се одделувани државни средства за конзервација на мозаиците и можам да констатирам дека сум задоволен со конзерваторскиот третман на кој работеле наши стручни лица од козерваторската школа - вели Паско Кузман, директорот на Управата за заштита на културното наследство. При последните ископувања на Плаошник беа најдени подни мозаици на 2,5 метри под земја, кои потекнуваат од раноримскиот период, а се наоѓаат под слојот со мозаици од раното христијанство. - И тие се многу добро сочувани. Веднаш се конзервирани и згрижени. На нив преовладува паганска тематика и можат да се забележат најразлични зооморфни мотиви и флора, како и други претстави, меѓу кои и тие на охридската тврдина. Кога ќе дојде време, и тие соодветно ќе и бидат презентирани на јавноста - вели Кузман. Мозаиците во Хераклеја, пак, се простираат на четири објекти и тоа во малата базилика, цивилната базилика, големата базилика и гробната базилика, кои се лоцирани на 250 метри од централната градска област. Сите мозаички целини се направени во техника на опус сектиле и на опус теселатум и се со датација од 5 и од 6 век и се од големо значење за историјата на уметноста на раното христијанство и иконографија.
Мозаиците - инструмент за разбирање на културите
Археологот Љубица Џидрова во моментов престојува на меѓународна средба посветена на заштита на мозаичкото богатство од Медитеранот и воопшто во регионот на Југоисточна Европа, која се одржува во Хрватска. Учесниците на средбата, реализирана со поддршка на УНЕСКО, порачуваат дека мозаиците се важен израз на креативната различност на културите од ова поднебје, тие се инструмент за разбирање на културите во кои настанале, но и средство за меѓукултурен дијалог.
Две монографии посветени на Хераклеја
Интересот на јавноста деновиве повторно е свртен кон мозаичкиот комплекс во Хераклеја со објавувањето на луксузната монографија „Хераклеја, антички град во Македонија“ од Иван Микулчиќ, во издание на „Магор“. Еден дел од изданието е посветен токму на најубавите мозаици создадени на ова поднебје - тие од античка Хераклеја. Неодамна во Битола беше промовирана уште една монографија посветена на античкиот град, насловена „Хераклеја Линкестис“, од авторката Аница Ѓоргиевска, археолог во НУ Завод и Музеј - Битола. Ова издание, пишувано на македонски и на англиски јазик, исто така, прикажува материјал за прекрасните мозаици, архитектурата и други вредности што говорат за културно-историското наследство во Македонија.
Ивана Васева- Време
Посети:{moshits}