Платформа со главната награда на БИМАС
Студиото за архитектура и дизајн "Платформа" ја освои главната награда на 14. Биенале на македонската архитектура (БИМАС) за најуспешно реализирано авторско архитектонско дело.
Во конкуренција на 160 трудови "Платформа" ја доби наградата за проектот Административно-деловен објект - МЕБО, Штип" на авторите Елена Павловска, Емил Јегени, Веле Богоевски и Јасна Милојковиќ.
Студиото "Платформа" го сочинуваат млад тим архитекти. Работи во областа на архитектурата, внатрешен дизајн, саемски штандови и настани. Добитници се на домашни признанија и награди за најдобро проектирање и дизајнирање.
Биеналето на македонската архитектура се одржува од 1981 година во организација на Асоцијација на архитекти на Македонија - ААМ. Целта е на најрепрезентативен начин да се претстави двегодишната продукција на македонските архитекти.
Темата на БИМАС 2008 беше "РЕ-Архитектура - повторно промислување за архитектурата, инволвирајќи ги сите аспекти на професијата која се занимава со квалитетот на живот и животна средина".