Поимот за секуларноста ги означува вековните настојувања на државата да ги одземе сите државни функции на религијата (кај нас вообичаено - Црквата) кои што таа со векови ги имала како свои овластувања. Секуларноста значи посветовување на државните функции што ги имала црквата. Тие функции да станат световни (мирски). Во тоа е смислата на секуларноста и на „формулата“ - црквата да биде одвоена од државата. С? започна со законот на францускиот Конвент (1795 г.) за одвојување (сепарација) на црквата од државата. Нашиот Устав (членот 19 и Амандманот 7) е категоричен во тоа дека црквите и верските заедници се одвоени од државата - немаат ни световни (воопшто) ни државни функции.
Македонската православна црква, Исламската верска заедница, Католичката црква, Евангелско-методистичката црква, Еврејската заедница и другите верски заедници и религиозни групи (Амандманот 7) и „поповите и оџите“ на пратеникот Жерновски, не презеле никаква акција, не донеле никаква одлука и, крајно, не одлучиле да воведат веронаука во основното образование. Законот го донесе Собранието, законодавната власт во државата - државната власт. Можно ли е, во ваков случај, да се заклучува дека бил повреден „принципот на секуларноста“? Дотолку повеќе што е државата обврзана да го почитува правото на верско образование - како човеково право?
Слободата на вероисповедта и слободното и јавно, поединечно или во заедница со други, изразување на верата се гарантирани со Уставот како граѓански слободи и права (членот 19/1, 2). Правото на образование не е во сферата на слободата на вероисповедта.
Уставот го издвои правото на образование како посебно човеково право во сферата на културните права (член 44/1). Државата е должна да го почитува ова право и да ги обезбеди сите претпоставки за ефективно уживање на ова право. Уставната основа на законот за образование е правото на образование.
Правото на образование е уредено и со меѓународното право. Меѓународните договори, по Уставот, се дел од внатрешниот правен поредок. Почитувањето на општоприфатените норми на меѓународното право е темелна вредност на уставниот поредок на државата. Меѓународното право го утврди правото на верско образование и настава како човеково право и ги задолжи државите членки на Организацијата на Обединетите народи и државите членки на Советот на Европа (позитивна обврска за државата), во областа на образованието и наставата да обезбедат образование и настава за децата во согласност со верските убедувања на родителите.
Универзалната декларација за човековите права на ООН го обезбедува исклучивото право на родителите да го изберат видот на образованието што ќе им биде дадено на нивните деца.
Меѓународниот пакт за граѓанските и политичките права на ООН, ги задолжува државите членки - да ја почитуваат слободата на родителите да им го обезбедат на своите деца она верско и морално образование што е во согласност со нивните сопствени убедувања.
По меѓународниот пакт за економските, социјалните и културните права на ООН - државите се обврзуваат да ја почитуваат слободата на родителите да обезбедат верско и морално воспитување на своите деца согласно со своите сопствени убедувања.
Европската конвенција за заштита на човековите права и основни слободи го изостри човековото право на образование утврдувајќи и задолжувајќи ги државите членки на Советот на Европа во своето дејствување во областа на образованието и наставата - државата да ги почитува правата на родителите да обезбедат образование и настава во согласност со своите верски и филозофски убедувања.
Каков е сега правниот поредок во државата по одлуката на Уставниот суд? Од една страна укината е одредбата од членот 26 од Законот за основното образование поради повреда на „принципот на секуларноста“ - од друга страна меѓународното право кое што дејствува како домашно право и по кое државата е обврзана да го обезбеди, да го заштитува и да не го повредува правото на верско образование како човеково право?
Хелсиншкиот комитет за заштита на човековите права и слободи го заслужи респектот и почитувањето во целиот свет како невладина организација што се грижи за заштита на човековите права и слободи. Македонскиот Хелсиншки комитет со официјално соопштение се изјасни против веронауката како човеково право.
Народниот правобранител се пофали во годишниот извештај со бројот на претставките по кои постапувал, но не се определува за евентуална заштита на човековото право за верско образование и настава. Можеби чека претставка?
Рафаил Черепналкоски
Нова Македонија 3 јуни 2009 г.
Коментари
03.06.2009 17:48:33
Втор дел. Ниту Уставниот,ниту авторот ја нападнаа Европската конвенција за човекови права како неуставна,ниту пак „го променија Уставот“,што упатува на заклучок дека Уставот е во спротивност со Европската конвенција за човекови права.Како може човек што јавно докажа дека не знае кое е врховното начело на правото(па дури му појде од рака и да го сруши во Македонија),кој што издејствува одлука спротивна на човековите права,да брани човекови права? Како може Уставен суд кој што го укинал врховното начело на правото,да одлучува за човеково право на образование и воспитување во склад со верските и филозофските убедувања на родителите кога знаеме дека тој состав на Уставниот,кадровски беше покомпетентен од сегашниов? Вчера на ѓаконот му предложив и денес ќе го повторам предлогот;МПЦ,ИВЗ,Католичката,Евангелистичката,вероучителите и родителите,да си ангажираат адвокат од ЕУ и да вложат апликација против Република Македонија пред Европскиот суд за човекови права.Прекршени се шест членови на Европската конвенција за човекови права,кои што за да не и наштетам на евентуалната постапката,сега нема да ги откријам. Удбомафијата е навлезена во сите пори на живеење и само јака и независна адвокатска канцеларија од ЕУ може да го порази и делегитимира Уставниот суд. Се друго е трошење на рокот за вложување на апликацијата,кој што изнесува шест месеци.