Минатата година кај нас беше забранет увозот на ГМО-храна сѐ до влезот на земјата во ЕУ
Во светот и кај нас
Активисти од целиот свет денеска уште еднаш ќе маршираат против генетички модифицираните организми и „Монсанто“, производител на генетички модифицирано семе, повикувајќи за постојан бојкот на ГМО и други штетни агрохемикалии. Маршеви ќе се случат на шест континенти, во 52 земји. Марш, преку социјалните мрежи, се организира и на скопскиот плоштад „Македонија“. Минатата година кај нас беше забранет увозот на ГМО-храна сѐ до влезот во ЕУ.
Додека не се забрани кај нас, продажбата на дел од генетички модифицираната храна беше дозволена уште од 2008 година, со одобрение од Агенцијата за храна. Меѓутоа за пет години ниедна фирма не побарала дозвола за да ја внесе на пазарот. Сепак, се шпекулираше дека ГМО има во производите, иако тоа не стои на декларацијата, дотолку повеќе што во земји во близината наводно на големо се произведувала ваква храна или се користи во производството.
Научниците, како и експертите за храна, имаат поделени мислења за тоа дали е штетна употребата на ГМО. Додека едните велат дека таа ќе го спаси светот од глад, други алармираат дека можеби нејзиното производство е заговор против човештвото, ќе предизвика масовна појава на рак, намалување на плодноста, колапс на екосистемот, зголемена смртност на идните генерации. Повеќето се согласуваат дека нема доволно научни сознанија за ефектите од користењето на ваквата храна и многу е краток периодот од само петнаесетина години за прецизно да се утврдат последиците од нејзината примена. Државите одлучуваат каква политика ќе спроведат во однос на нејзината употреба.
Од европските држави, Шпанија е најголем производител на генетички модифицирани посеви во Европа со 76.000 хектари ГМО-пченка засадени во 2009 година (односно 20 отсто од вкупното производство на пченка во државата). Помали количества се произведени во Чешка, Словачка, Португалија, Романија и во Полска. Франција и Германија се најголемите противници на генетички модифицирана храна во Европа, иако Германија го одобрила компирот амфлора, кој е изменет и содржи повисоки нивоа на скроб за индустриски цели.
Автор: Н.Б.З.- Нова Македонија