Нова верзија на Нацрт-законот за медиуми
Законот за медиуми гарантира слобода на изразување
Се гарантира слобода на изразувањето и слобода на медиумите. Вака гласи член 4 од новиот Закон за медиуми по направените измени
Уште еден нацрт-текст на Законот за медиуми и аудиовизуелни медиумски услуги со вградени забелешки ќе биде објавен на Единствениот национален електронски регистар на прописи - ЕНЕР, соопшти министерот за информатичко општество Иво Ивановски на вчерашната јавната дебата за законот. Не прецизираше колку ќе трае оваа фаза од јавната расправа и кога текстот на законот ќе биде доставен до Собранието.
Од конкретни предлози за и против регистрирање и лиценцирање на новинарите, за и против саморегулацијата, за опфаќање на сите медиумски работници со законот не само новинарите, водење сметка за приходната страна на медиумот, до меѓусебни обвинувања во новинарската фела, можеа да се слушнат на расправата.
Првпат по објавувањето на Нацрт-законот во јавноста пред 65 дена сите засегнати страни имаат свои претставници на дебатата.
Министерот Ивановски соопшти дека најмногу забелешки пристигнале за членот 4 во нацрт-текстот што ја третира слободата на изразување. Имајќи ги предвид забелешките, како што информираше, овој член во новата верзија на законот ќе гласи:
"Се гарантира слободата на изразување и слободата на медиумите. Слободата на медиумите, особено слободата на изразување на мислење, независноста на медиумите, слобода на прибирање, истражување, објавување, избор и пренесување на информации во насока на информирање на јавноста, плурализам, и разновидност на медиумите, слобода на проток на информации, отвореност на медиумите за различни мислења, уверувања и разновидни содржини, достапност до информации од јавен карактер, почитување на човековата индивидуалност, приватност и достоинство, слобода за основање на правни лица за вршење на дејност за јавно информирање, печатење и дистрибуција на печатените и други медиуми од земјата и странство, производство и емитување на аудио, аудиовизуелни програми, како и други електронски медиуми, самостојност на уредникот, новинарот, авторот или креаторите на содржини и програмски соработници и други лица, а во согласност со правилата на професијата. Слободата на медиумите може да биде ограничена само во согласност со Уставот на Република Македонија и меѓународното право".
ОБСЕ во препораките, според министерот, смета дека членот треба да се избрише, додека Советот на Европа срдечно го поздравува неговото воведување.
- Правата на новинарите е посебен сегмент каде што добивме спротиставени ставови во членовите за уредници и новинари, истакна Ивановски.
Различни ставови имале еснафските здруженија на новинарите, а слично пресликано, како што рече Ивановски, е и во забелешките на институциите од ЕУ.
Во однос на бројните забелешки за трансформацијата на Советот за радиодифузија во Агенција за медиуми, Ивановски рече дека е прифатена забелешката и на предлог на Советот на Европа се намалува мандатот на претседателот од девет на седум години. Но, остануваат на предлогот по три члена на Агенцијата да предлага Собранието и ЗЕЛС и еден мнозинското здружение на новинари.
Прифатени се и забелешките печатените и електронските портали да се појаснат членовите, а новиот предлог е правните или физички лица кои ќе издаваат печат или електронска публикација ќе ја регистрираат дејноста во Централниот регистар.
- Ова не се однесува на блогови, форуми, забавни портали, на приватни веб-страници, социјални мрежи или пребарувачи. Се однесува исклучиво на електронски публикации коишто, според дефиницијата, имаат уредништво и работат на вести и новини, изјави министерот.
Македонската асоцијација за медиуми јавно ја искажа поддршката на регулирање на правата на новинарите и во своја забелешка дури побара и зајакнување на тие права. Преку 40 состаноци одржани со еснафските здруженија и други засегнати страни вклучувајќи ги и странските претставници, а откако беше преведен на англиски јазик беше доставен и до ЕУ, СЕ и до ОБСЕ.
Извор: Вечер