Почитувачи на Тесла предлагаат СПЦ да го прогласи за светец
Фондацијата „Тесла“ од Филаделфија му испрати на Синодот на СПЦ и на српскиот патријарх Иринеј предлог Никола Тесла да биде прогласен за светец
Научната фондација „Тесла“ од Филаделфија му испрати на Синодот на Српската православна црква (СПЦ) и на српскиот патријарх Иринеј предлог светски познатиот научник со српско потекло Никола Тесла да биде прогласен за светец.
Предлогот бил потпишан од неколку стотина членови на фондацијата. Идејата била поддржана од почитувачи на Никола Тесла од Бразил, Холандија, Австрија, канада, Нов Зеланд, Австралија, САД, Франција и Србија.
- Тесла бил свет дух, човек, кој рано го открил Господ, а потоа и небесните пространства и вселенската енергија, изјави Никола Лончар, првиот човек на фондацијата.
Според експертите, прогласувањето на Тесла за светец е малку веројатно. СПЦ, за разлика од Римокатоличката црква, иако нема прецизно дефинирана процедура за канонизација, сепак бара „кандидатот“ да исполнува одредени услови - за време на својот живот да бил вистински верник или да го загубил животот за верата и својот народ, како и меѓу народот да постои култ кон него.
Никола Тесла е една од најпознатите личности во светот. Во Америка младите интелектуалци сметаат дека идеите на Тесла за слободната енергија претставуваат цивилизациско откритие, кое може да доведе до спас на цивилизацијата од загадувањето и затоа го предлага за светец, наведува фондацијата.
Извор: Утрински Весник, 26 јули 2012 година