Црковно-државна делегација од Р. Северна Македонија престојуваше во Светата Земја со благослов на Неговото Блаженство, Архиепископот Охридски и Македонски, г. г. Стефан, откако побара и доби благослов од Неговото Блаженство, Патријархот Ерусалимски г. г. Теофил. Претставници од државната власт беа: министерот за внатрешни работи г. Оливер Спасовски, министерката за култура г-ѓа Бисера Костадиновска-Стојчевска, директорот на КОВЗРГ г. Даријан Сотировски, државниот секретар за надворешни работи г. Филип Тосевски, в.д. амбасадорот во државата Израел г. Мачеј Качоровски и др., додека црковното претставништво го возглави Митрополитот Тетовско-гостиварски г. Јосиф, придружуван од архимандритите Кирил и Анатолиј од Свештената Бигорска Обител.
Нашата црковно-државна делегација присуствуваше на бдението на Светиот и Велик Петок вечерта, кога се пееја Статиите на оплакувањето Христово, пред самата Свештена Кувуклија, во која се наоѓа Пресветиот Гроб Господов, а, се разбира, денес и на Последованието на Светиот Оган на истото место, во Сечесниот храм на Воскресението. Беше примена, исто така, и на прием кај Патријархот Ерусалимски г. г. Теофил. Светиот Благодатен оган вечерва беше донесен директно од Светиот Град со државен авион и беше свечено пречекан на скопскиот аеродром од страна на црковни и државни великодостојници и од многубројни верници.
http://www.mpc.org.mk/vest.asp?id=7792