црквата на Света Троица во Улан Батор
На 15 јули оваа година излезе зборник со православни утрени молитви на монголски јазик. Во 19 век веќе биле издадени слични зборници на монголски јазик напишани со кирилично писмо. Тие беа пронајдени во библиотеката на Институтот за ориенталистика во Санкт Петербург. Сепак, стана очигледно дека за современите Монголи јазикот на молитвите од 19 век е сосема неразбирлив. Прво, јазикот многу е изменет во меѓувреме. Второ, многу места во преводот попрво ги приспособувале Монголите да го примат руското, отколку што се стремеле да ја пренесат смислата на православните молитви во согласност со монголската култура. Затоа тие молитви во овој случај послужија како работен материјал, а парохијата на Света Троица, во главниот град на Монголија Улан Батор, мораше со свои сили да го направи преводот одново.
Божествена Литургија на празникот на парохијата на Света Троица во Улан Батор
А од 8 до 14 ноември 2010 година на монголскиот телевизиски канал „Ех Орон“ („Татковина“) се одвиваше Недела на Православието. Во циклусот емисии влегоа интервјуто и беседите на настојателот на парохијата на Света Троица, свештеникот Алексеј Трубач, филмот за историјата на Православието во Монголија „Исполнета мисија“ како и делови од серијата „Земното и Небесното“ за Православието во Русија.
Според податоците на пописот од 2010 година, 90% од населението на Монголија се будисти, 6% се муслимани, а 4% се христијани. Исто така распространет е и шаманизмот, обично помешан со будизмот.
До почетокот на 90-тите години од минатиот век во земјата практично немаше христијани. Денес 90% од христијаните во Монголија припаѓаат на протестантските деноминации (97.000 новообратени од вкупно 2,7 милиони население), а бројот на протестантите продолжува да расте благодарение на активната мисионерска дејност. Уште 9% од вкупната бројка се мормони, кои во пописите ги прибројуваат кон христијаните; само 1% од вкупниот број христијани се католици и православни.
Телевизискиот канал „Ех Орон“ одлучи да раскаже нешто за религиите претставени на територијата на Монголија, оставајќи за секоја од нив една недела од својата програма. Во неделниот циклус посветен на христијанството, тоа беше претставено преку Руската Православна Црква.
http://www.mpc.org.mk/svetaktuelno.asp?id=4517