Архиепископот на Екатеринбург, Викентиј (Морар), ги советува идните сопружници воопшто да не помислуваат за склучувањето на брачен договор. „Брачниот договор уште од самиот почеток претпоставува развод – младоженците се подготвуваат за тој чин. А ние сме должни, стапувајќи во брак, да го склучиме засекогаш, да мислиме на тоа дека ќе бидеме заедно до крајот на животот, а и потоа. Поради тие причини не треба да помислуваме за никаков брачен договор“. Ова, православниот архиереј го искажал како одговор на прашања од гледачи и слушатели на телевизискиот канал „Сојуз“ и радиото „Воскресение“. Според неговите зборови, брачниот договор е производ на загубата на вистинските вредности во општеството, кога многу млади луѓе велат: да поживееме заедно, да видиме дали ќе ни успее. Таквите уште на почетокот почнуваат да живеат во блуд, зашто го истакнуваат сомнението уште во почетокот на заедничкиот пат и не сакаат да ризикуваат да се венчаат, зашто не се убедени во своите чувства. „Пред свадбата, неопходно е внимателно да се размисли за сè, но ако сме решиле да стапиме во брак, не може да мислиме дека порано или подоцна тој ќе биде разурнат и ќе треба да се разведеме. Тоа, за што треба да мислиме, е како да го сочуваме бракот и да го поставиме во основата на сопружничкиот живот“, советува архиепископот Викентиј.
Според него „ништо не може да се случи, ако веруваме и се надеваме дека со Божјата помош ќе го сочуваме бракот“ и дека тоа е „неопходно да се постави во основата на брачниот сојуз и да се мисли како да го запазиме при секакви животни ситуации“. „Тоа е вистинската љубов, жртвената љубов, кога човек се дава наполно во сочувувањето на бракот. А западното влијание е насочено кон ослабување на брачниот сојуз и разрушување на неговата смисла“, заклучува владиката.
Двери.бг
Превод: Б.М.