Во хрватскиот град Задар беше основана т.н. Хрватска православна црква за „хрватски православни христијани“, кои не сакаат да се изедначуваат со Србите, пренесува „Радио-телевизија Република Српска“. Според последните податоци, во Хрватска има околу 15000 „хрватски православни христијани“. Иницијаторите на проектот објаснуваат дека во државата живеат многу православни христијани, кои не сакаат да се изедначуваат со Србите, поради што и настојуваат за своја автокефална православна црква.
Веста предизвика бурна полемика на интернет, а од страна на властите и институциите во Загреб нема никаква реакција. Единствен што досега ја коментираше веста е пратеникот од Независната демократска српска партија, Ратко Гајца од Книн. Веста за формирањето на Хрватската православна заедница, не го засегна особено Загрепско-љубљанскиот митрополит, г. Јован (архиереј на Српската православна црква – заб.прев.): Не знам колку Хрвати се православни, но бројот сигурно им е многу мал. Веројатно станува збор за луѓе од мешани бракови и за оние, што според законот можат да основаат здружение. Но, за да добие некој Црква во православниот свет, треба да ги исполни објавените канонски услови.
Инаку, во минатото само три години постоела Хрватска православна црква, која не била признаена од ниту една автокефална православна црква. Била основана од Анте Павелиќ (националист, претседател на Хрватска за време на фашизмот), со указот од 3 април 1942 година, по наредба на германските власти, со цел да се попречи влијанието на Српската православна црква во независната држава Хрватска – посочува српскиот весник „Политика“.
Двери.бг
Превод: Б.М.