Професорот А. И. Осипов тврди: Не остана ништо христијанско во современите европски универзитети (21.05.2014 09:20)
Професорот на Московската богословска академија, д-р Алексиј Илич Осипов, во едно скорешно интервју дадено за православниот ТВ канал „Сојуз“ изјавил дека руските студенти коишто студираат на католичките и протестантските, но дури и православните западни универзитети можат да претрпат голема духовна штета, затоа што, според него, „современите европски универзитети се мошне секуларизирани институции во кои преовладува паганскиот светоглед“.
Според проф. Осипов, „честопати забораваме дека вистински полезно е она знаење кое што ја помага, или барем не ѝ штети на нашата православна вера – на живеењето духовен и морален живот“. Тој забележал и дека атмосферата на богословските факултети надвор од Русија е недуховна, дека студентите не се учат да се молат, да се борат со страстите и да ги исполнуваат Христовите заповеди, туку дека се предава чисто схоластичко богословие, а секој си живее како што сака.
Осврнувајќи се, пак, на ситуацијата во Русија, професорот заклучил дека ситуацијата со семинариите и православните академии во Русија е многу подобра: „И покрај сите маани, нашите институции го имаат задржано христијанскиот дух. Од студентите се бара да присуствуваат на богослужбите, да постат, да го читаат Светото Писмо и Отците“.
„Иако не сакам да бидам конкретен, сведок сум за многу млади православни луѓе кои појдоа на Запад да се дообразуваат, и претрпеа големи духовни штети“, заклучил професорот Осипов.
Извор: Pravmir.com
Преземено од :МПЦ-ОА