Рускиот Патријарх Кирил пристигна во Грција (05.06.2013 09:39)
Рускиот Патријарх Кирил во саботата попладне пристигна во официјална посета на Грција. Тој беше пречекан од страна на Атинскиот Архиепископ Јероним и членовите на Светиот Синод на Грчката Православна Црква. Патријархот беше придружуван од Волоколамски Митрополит Иларион кој е претседател на Одделот за надворешно-црковни односи на Московската Патријаршија, Солнечногорскиот Епископ Сергеј – раководител на секретариатот на Московската Патријаршија, Владимир Легојда – претседател на информативниот оддел на Московската Патријаршија, протоереј Николај Балашков, протоереј Игор Јакимчук, протоѓаконот Владимир Назаркин – сите од Одделот за надворешно-црковни односи. На аеродромот од името на Владата беше заменик-министерот за надворешни работи на Грција, како и Рускиот амбасадор во земјата.
При пристигнувањето Патријархот Кирил изјави: „Во Грција секогаш сум доаѓал со добро расположение. Стапнувам на земјата на православна пријателска земја, со која Русија има добри односи веќе илјада години. Ние, од овде ги добивме луѓето чиј што спомен неодамна го празнувавме – рамноапостолните Кирил и Методиј кои ја положиле основата на нашата писменост. Многу важна е улогата на Грција во христијанизацијата на Русија, а подоцна Русија одигра многу важна улога за ослободувањето на Грција. Нè зближуваат духовни и културни врски, нè сврзува заедничката борба за слободата и независноста на грчкиот народ. И денес многу работи нè сврзуваат. Ова е пријателски народ и јас со радост стапнувам на оваа земја“.
Црковната посета е застапена широко од грчките световни и црковни медиуми. Во пресрет на посетата силен одек доби изјавата на Волоколамскиот Митрополит Иларион во врска со проблемите што ги имаат руските монаси коишто сакаат да одат на Света Гора. Тој рече дека и покрај тоа што тие располагаат со сите неопходни документи од страна на руската црковна власт нè добивале соодветни дозволи од страна на Цариградската Патријаршија. Друг проблем што го истакна рускиот црковен „министер за надворешни работи“, е за претворањето на Света Гора во сѐ поширока туристичка зона и опасностите што тоа ги носи за зачувување на духовниот живот таму.
Потоа во Атина официјалната посета продолжува со сослужување на двајцата поглавари во храмот на свети Пантелејмон.
Извор: Двери.бг