Но по примерот на Светиот, Кој ве повика, и вие самите бидете свети во сите ваши постапки. Зашто е напишано:„Бидете свети, бидејќи Јас сум свет“ (1 Петр. 1:15-16)
Во земните царства, народот особено ги уважува луѓето коишто му се блиски на царот, понекогаш од почит кон царот, кој ги удостоил со доверба, власт, почести, а понекогаш од надеж дека тие, со власта која им е дадена ќе станат нивни застапници и покровители пред царот. Слично на тоа и во Царството Божјо, кое е Црквата Христова, верниот народ, а и вие денес, со побожна почит им се обраќа на светите Божји луѓе, почитувајќи ја благодатта Божја која во нив живее и надевајќи се со вера на нивното молитвено застапништво пред Бога, поради благодатта која им е дарувана.
Меѓутоа, во земните царства, народот, оддавајќи им почит на великаните, си останува народ и според самото својство на државното уредување, тој не може да ги достигне оние привилегии пред кои се поклонува. Но, во Царството Божјо не е така. Тука, сиот верен народ, кој ги почитува светиите Божји, и самиот може да го достигне достоинството, кое го почитува во нив и не само што може, туку и се повикува, му се дава можност да достигне светост: Но по примерот на Светиот, Кој ве повика, и вие самите бидете свети во сите ваши постапки. Зашто е напишано:„Бидете свети, бидејќи Јас сум свет“ Браќа мои, кои ја почитувате светоста, како привилегија на избраните! Да размислуваме за светоста како за обврска на сите и на секој. Ако на граѓанинот или на селанецот им се каже: „Прави го тоа и тоа и биди му послушен на царот, кој те повикува и ти ја овозможува таа привилегија“, со каква радост и со каков жар тој би се нафатил на делата кои од него се бараат, без оглед на тежината и долготрајноста на подвигот.
Но еве, благовестителот на волјата на Царот небесен, нам, кои сме недостојни да застанеме дури и на последниот граѓански степен во тоа Царство, ни вели: „Бидете свети“, бидете морално свети, а потоа бидете блажено свети, живејте побожно и добродетелно и бидете Му блиски и послушни на Царот небесен, Кој ви дозволува, не само да Му се приближите, туку и да пребивате во Него и не само што сака вам да ви се приближи, туку и да живее во вас. Што? Како да го прифатиме овој призив? Дали сите, или во крајна мера повеќето, би тргнале подготвени, со огнена усрдност со силна ревност, со полна дејствителност? Зарем не е повообичаено да помислиме и да кажеме: „Како ние да бидеме свети: Ние сме грешни луѓе и само преку покајанието би можеле да се спасиме“. „Како да бидеме свети?“
Но, дали сме помислиле што ќе бидеме и што ќе стане со нас, ако не започнеме да се подвизуваме за да ја достигнеме светоста? Постојат повозвишени степени на светоста, кои се достапни само за особено избрани и облагодатени души. Меѓутоа, светоста не е само една индивидуална особина кај христијаните, поради која некои од нив се прославени затоа што ја поседуваат, но и без која лесно можат да поминат и оние другите што ја немаат. Апостолите велат дека секој, е повикан од Бога да биде свет во Царството Негово, односно, секој христијанин во својот Божји призив мора да си најде закон, обврска и побуда, за неизоставно да биде или да стане свет. Но по примерот на Светиот, Кој ве повика, и вие самите бидете свети во сите ваши постапки. - Ова правило е задолжително за сите синови на Новиот Завет Божји, зашто и на синовите на Стариот, помалку совршен Завет, Бог им заповедал: Бидете свети, зашто Јас Сум свет. Ако живееме без грижа и без надеж во достигнувањето на светоста, тогаш живееме, не по примерот на Светиот Кој ве повика, и не одговараме на достоинството на повиканите новозаветни синови Божји – ние сме христијани по име, а не по суштина.
До каде може да доведе таквиот живот, може да се види од другите апостолски изреки: Грижете се да имате мир со сите и светост, без која никој нема да Го види Господа (Евр. 12, 14). Значи, имајте мир со сите, имајте светост, зашто без тоа, никој нема да Го види Бога т. е. нема да го достигне вечното блаженство. Значи, ако безгрижно и немарно мислиме дека не треба да бидеме свети, самите себесе лишуваме од можноста да Го видиме Бога, да бидеме оддалечени од вечното блаженство. „Ние сме грешни луѓе“. Се чини дека ова е несоборлива вистина. Зашто, ако кажеме дека немаме грев, се лажеме сами себе, и вистината не е во нас (1. Јован, 1, 8). Меѓутоа, злоупотребата на вистината, не е подобра од очигледната заблуда. Ако се сметаме себеси за грешници, врз основа на длабокото самопознание, та преку тоа самопознание во нас се јавува чувство на недостојност и расипаност, тогаш ние го скрушуваме своето срце, ја смируваме вродената гордост на стариот човек, се поттикнуваме да ја бараме благодатната помош да го започнеме подвигот против гревот – таквото признание на грешноста, не само што не нè лишува од надежта во достигнувањето на светоста, туку и ни го олеснува патот до неа.
Меѓутоа, ако површно и без скрушеност на срцето се нарекуваме себеси грешници, без да имаме намера да се одвратиме од гревот, лукаво мислејќи дека пример за тоа мора да видиме водругите, па следствено се срамиме тоа да го признаеме, или, пак, доколку го признаеме, во нас не постои страв дека после таквото признание повторно ќе останеме такви, какви што сме биле пред признанието – тогаш таквото признание на грешноста, секако дека нема да нè доведе до светост. Во тој случај, дури и да ја говориме вистината дека сме грешни, ние се лажеме сами себе, и вистината не е во нас, т. е. во нашето срце и во нашиот живот, иако постои некаков звук, вистината ни е само на усните. Верни се и достојни за секакво примање зборовите, дека Христос Исус дојде во светот да ги спаси грешниците, меѓу кои сум прв јас (1. Тим. 1, 15). Се лажеме ако мислиме дека се спасуваме, останувајќи во гревот. Христос ги спасува грешниците, на тој начин, што им дава начини да станат свети. Со покајанието некако ќе се спасиме. Да, покајанието припаѓа на бројните средства за спасение, кои Христос им ги дава на грешниците кога вели: Покајте се и верувајте во Евангелието“(Марко, 1, 15).
Меѓутоа, ако површно размислуваме за покајанието, со кое некако ќе се спасиме, тогаш премногу лесно судиме за нешто што е од особена важност. Дали слугата ќе му угоди на господарот, ако својата работа ја работи некако, а не колку што е можно подобро! Секако дека нема. Така, и човекот нема да Му угоди на Бога, ако само некако го извршува делото Божјо, како што е делото на нашето спасение. Ако ова важи дури и за едно најмало дело, кое не се прави добро и доколку се извршува некако, без внимание, без грижа, колку тоа повеќе важи за големото дело на спасението – делото на сите наши сили и способности, најважното дело во целиот наш живот.
Мислата дека се спасуваме со покајание, е спасоносна мисла, но што треба да помислиме, кога во зборовите Божји го гледаме несреќниот пример за човекот, кој не најде место за покајание, иако го беше молел дури до солзи (Евр. 12, 17)? Очигледно и самото покајание не ни се дава туку така, туку од нас грешникот бара, таа потрага да ја исполниме без мрзливост, со расудување, со искреност, имајќи цврста намера да се поправи, не допуштајќи си себеси гревот да зафати корен. Притоа, совршениот учител на покајанието, Крстителот Јован, вели дека вистинското покајание бара и нешто друго. Направете, вели, плод достоен за каење (Матеј, 3, 8). Покајанието ја очистува земјата на срцето од трњата, ја омекнува, ја обработува. Верата во неа го сее небесното семе. Растот на ова ново семе е чување на заповедите и правењето добрини. Неговиот цвет е внатрешното духовно просветление, а зрелиот, совршен плод – светоста. Потребно е пченицата да достигне зрелост, за да се внесе во житниците. Потребно е човекот да достигне светост за да биде воведен во Царството Небесно.
Браќа, на што сега нè наведуваат предложениве размислувања? Не само на поголема ревност и грижа за спасение, кои се плод на покајанието во почетокот, туку и на светоста, како крај на своето дело? Или, пак, можеби не чувствуваме голема надеж, во достигањето на спасението преку светоста, која ја гледаме толку високо над себеси? Христе Боже, надеж наша! Не допуштај ни да се изнемоштиме поради својата безнадежност, туку охрабри нè со Твојата надеж. Некогаш, и Твоите апостоли беа безнадежни, но Ти си го оттргнал тоа со семоќните Твои зборови. Даруј ни и нам, со вера да ја почувствуваме силата на тие збориви: Неможното за луѓето е можно за Бога (Лука, 18, 27). Навистина браќа, ако треба само со човечките, природни сили да го достигнеме спасението, тогаш праведно е, да не одговориме на повикот, зашто тоа е над нашите можности. Но, кога ја имаме Божјата благодат, која нè пресретнува, просветува, поткрепува, помага и чува, никој не треба да губи надеж во достигнувањето на она, за коешто нè предодредил Бог и Отецот на нашиот Господ Исус Христос, Кој нè благослови во Христа, со секаков духовен благослов од небесата, како што и нè избра преку Него, уште пред светот да се создаде. Он нас нè избра за да бидеме свети и непорочни пред Него во љубовта“ (Ефес., 1, 3 – 4).
Затоа, да се разбудиме себеси од мрзливиот и немарен сон и со чувство на должност и надеж во помошта Божја, за добар успех, да се побудуваме себеси на ревност во делото на нашето спасение. Според ап. Павле: Да се очистиме од секаква скверност на телото и на духот, па да твориме дела свети и со страв Божји (2. Кор. 7, 1). И, според апостолот Петар: притегнувајќи ги бедрата на умот свој, бидејќи бодри, наполно надевајте се дека ќе ви се принесе благодатта при јавувањето на Исуса Хроста. Како послушни чеда не постапувајте според поранешните ваши похоти, кога бевте во незнаење, но, по примерот на Светиот, Кој ве повика,и вие самите бидете свети во сите ваши постапки. Оти е напишано: Бидете свети, бидејќи Јас Сум свет“ (1.Петр. 1, 13 – 16).
Ако во овие зборови пронајдете прилично големи барања: да внимавате на светињата, да бидете свети, тогаш знајте го и тоа дека прилично се едноставни и средствата за да ги исполните овие големи барања: да ги отфрлите похотите и да се трудите во очистувањето на нечистотијата од вашето тело и дух. Според мерата, по која човекот, од своја страна, дејствително и вистински се подвизува во очистувањето од нечисти дела, желби и страсти, нечисти мисли, во таа мера на него, со посредство на Црквата и нејзините Свети Тајни, слегува осветувањето од Бога, кое нека сите нè направи причесници на седејствителната благодат на Отецот и Синот и Светиот Дух. Амин.
Извор:
-
Извор: Бигорски манастир
Друго:
П.П. 2011-08-02 21:13:17