Милостиња...
Нема грев, кој не би можела да го исчисти, кој не би можела да го истреби милостињата. Секој грев е понизок од неа, таа е лек погоден за секоја рана. Што е полошо од митарот? Тој е способен за секоја нечесност. Но и таа секоја нечесност Закхеј ја исчистил (в. Лука 19:89). Забележи како и Христос го сугерира истото со тоа што одредил да се има ковчеже и во него да се носат прилозите (в. Јован 12:6). И Павле вели: да ги помниме сиромасите (Гал. 2:10). И насекаде во Писмата многу се говори за тој предмет. Така, се вели: Со богатството човек го искупува животот свој (Изрек. 13:8). И Христос: Ако сакаш да бидеш совршен, оди, продај го имотот свој и раздели го на сиромаси, и ќе имаш сокровиште на небото; па дојди и врви по Мене (Мат. 19:21). Во тоа, навистина, се содржи совршенството.
Милостињата, пак, не се извршува само со пари, туку и со дела. Така, на пример, може човек да се завземе за некого, да подаде рака за помош. Често завземањето на дело за некого помагало дури и повеќе од парите.
И така, да ги ставиме во дејство во нашиот случај сите видови на милостиња. Можеш со пари? Не одложувај. Можеш со завземање? Не вели дека немаш пари, ништо затоа; и самото тоа да бидеш така расположен како да даваш пари значи многу. Можеш со услуга? Направи го и тоа. На пример: лекар си по занимање? Погрижи се за болните, и тоа многу значи. Можеш со совет? Тоа е – најважно од сè. Советот е толку подобар и повисок од сè, колку што е пополезен: со него ти го извлекуваш човекот не од глад, туку од лутата смрт. Со него и апостолите биле особено богати, па затоа разделувањето на парите тие им го довериле на помалечките, а самите тие се грижеле за служењето на словото (в. Дела 4:14). Или да не мислиш дека нема да биде голема милостиња ако некоја душа, која попаднала во крајна душевна зачмаеност (униние), се наоѓа во крајна опасност, во која не згаснува пламенот на страста, можеш да ја ослободиш од таа болест? На пример, гледаш некој пријател обземен од страсната приврзаност кон парите (среброљубие)? Укажи му милост на тој човек. Човекот сака да се удави? Изгасни го неговиот пламен. А што ако не те послуша? Ти работи си го своето и не биди мрзелив. Го гледаш врзан (ете, и среброљубието е навистина – оков)? Појди кај него, посети го, утеши го, потруди се да го ослободиш од оковите. Ако тој не се согласи, самиот ќе биде виновен.
Гледаш човек необлечен или туѓинец (и навистина е човек необлечен и туѓинец за небесата оној што не се грижи за добродетелниот живот)? Земи го кај тебе дома, облечи го во облеката на добродетелта, направи од него жител на небото. А што, ќе речеш, ако сум јас и самиот необлечен? Тогаш облечи се најпрвин себе си. Зашто, ако знаеш дека си необлечен, сигурно знаеш и дека треба да се облечеш. Ако ги знаеш карактеристиките на таа голотија, тогаш лесно можеш да осознаеш и каква облека е потребна за да се покрие таквата голотија. Колку многу жени носат свилени облеки, а се вистински голи во поглед на облеката од добродетелите! Таквите мажите попусто ги облекуваат. Но, ќе речеш, тие не ја прифаќаат облеката од добродетелите, туку ја сакаат онаа друга облека? Тогаш првин постапи вака: разбуди ја кај нив желбата по облеката на добродетелите, покажи им дека се голи, зборувај за идниот суд, речи им дека таму ќе им биде неопходна друга облека, а не свилената.
Свети Јован Златоуст
fbПравославен Источник - Pravoslaven Istocnik