Сите сме должни да се смируваме пред Бога и пред луѓето
Оној кој се запознал себеси, односно кој работи на смирението како оној кој има умна душа за смртното и земно тело, никогаш не се превознесува, ниту пак очајува, туку, срамејќи се од разумноста на душата, избегнува сѐ што е срамно, и познавајќи ја својата слабост од многуте искушенија, од душевните и телесни старасти, тој ја спознал бескрајната Божја сила, и бидејќи Тој ги избавува смирените кои молат и коленичат пред Него со болна молитва од срцето, на таквиот молитвата веќе ќе му стане сладост. Знаејќи дека без Бог не може ништо да направи, и од страв да не падне, тој се подвизува за да се прилепи до Бога, и се восхитува размислувајќи како Бог го избавил од многуте искушенија и страсти, и Му благодари на Оној Кој има сила да избавува, и со благодарност стекнува смирение и љубов, и не се осмелува воопшто да осудува некого, знаејќи дека Бог може, кога сака, да му помогне секому, како што и нему му помогнал.
Затоа што кога човекот не знае дека помошта му доаѓа од нашите соборци – ангелите, тој паѓа во надуеност, мислејќи дека заслугата му припаѓа нему, поради што ќе биде оставен од Бога за да ја спознае својата немоќ.
Гледам многу отпаднати, безброј, и тоа не само неверни, туку и многу од отците кои многу се испотиле. А кој сум, пак, јас, најлошиот од сите, најнечувствителниот и немоќен! Што ќе кажам за самиот себе? Зашто Авраам вели за себе дека е „земја и пепел“, Давид – дека е пцовисан пес и отпад меѓу Израилот, Соломон – мало дете кое не знае што е лево а што десно, тројцата млади велат дека станале срам и казна, а пророкот Исаија кажува дека е беден, Авакум - дека е недосраснат, апостолот вели дека е прв од грешните, и сите останати мислат дека се ништо. Тогаш, што да правам јас? Каде да се скријам од многуте свои гревови? Што ќе биде со мене никаквиот, и полошиот од тоа, зашто ништожноста не згрешила ниту добила добра како јас.
Тој што е смиреноумен треба да ја поседува секоја добродетел и притоа себеси да се смета за голем должник и да верува дека е помал од секое создание. Ако не се поима за таков, тогаш самото тоа (непоимање) сведочи дека е полош од сите, дури и ако му се чини дека живее рамноангелски живот, зашто вистинскиот ангел, и покрај толкуте добродетели и мудрост, не може без смирение да му биде мил на Творецот. Значи, што има да каже оној кој само се замислува како ангел, доколку го нема смирението, причината за сите постоечки и претстојни добра.
Ако не можеш да се покаеш и по навика паѓаш во она во што не сакаш, тогаш имај го смирението на цариникот и ќе ти биде доволно за твоето спасение. Зашто, оној кој греши без покајание, треба да се смета за помал од сите и не би требало да се обиде да осудува или прекорува ниту еден човек, туку пред сѐ, треба да се восхитува на Божјото човекољубие, благодарејќи Му на Добротворецот. И иако тој во гревот му се потчинува на ѓаволот, сепак, од страв од Бога, не ги слуша непријателите кои го поттикнуваат на очај, и заради тој Божји удел, имајќи благоразумност и трпение, ќе се воздржува од осудување за да не биде осуден (тоа е насушно потребно).
Колку некој се труди во текот на денот да направи нешто добро, толку истиот е должен да се труди во сите денови од својот живот. А дали тоа ќе биде резултат на неговата сила и подготвеност? Не, туку на Божјата благодат.
Никогаш, ниту едно добро не сме спечалиле сами, туку сѐ ни е од Божјата благодат, како што и создаденото е направено од ништо. „Што имаш, што не си добил? А штом си добил, зошто се фалиш, како да не си примил?“ (1 Кор. 4, 7), вели апостолот..., зарем ти тоа сам од себе го правиш? Такво нешто не е можно, затоа што Господ рекол: „Без Мене, не можете да направите ништо“ (Јован 15, 5).
Како што треба да се смируваат оние кои немаат дарови, зашто се сиромашни, така и оние кои имаат, треба да се смируваат затоа што даровите ги примиле од Бога, за да не бидат осудени за неблагодарност. И како што богатите се должни да исповедаат благодарност кон Бога за даровите, така уште повеќе се должни оние кои се богати со добродетели.
Сите сме должни да се смируваме пред Бога и пред луѓето зашто и животот и сѐ останато сме ги примиле од Него, а преку Него и знаењето едни од други го примаме.
Преку многуте искушенија и нивното трпење човекот станува искусен, спознавајќи ја својата немоќ (незнаење) и Божјата сила. Зашто ако некој не вкуси некои работи, тој не може да знае од што е лишен. А оној кој вкусил од знаењето, делумно дознава дека уште многу не знае, и така тоа знаење му станува повод за смирение. И повторно, оној кој се спознал себеси и сфатил дека е променливо создание, веќе нема да се надева на ништо, затоа што и она добро што можеби го поседува Му припаѓа на Оној Кој го создал.
Никој не е толку бесрамен да се осмели отворено да зборува дека она што го има не го добил како дар, туку таквиот внимателно се вознесува и подмолно краде од пофалбата со тоа што ги осудува другите кои наводно го немаат „богатството“ кое тој самиот го има.
Св. свештеномаченик Петар Дамаскин
За Преминпортал подготви
Дејан Блажески
Јануари 2021 лето Господово