Непрестајната молитва доаѓа од љубовта
Непрестајната молитва доаѓа од љубовта, а се губи поради осудувањето на другите, празните разговори и невоздржувањето. Оној што Го љуби Бога, може да мисли на Него ден и ноќ, бидејќи на љубовта кон Бога не ѝ пречат обврските. Апостолите Го љубеле Господ и светот не им пречел во тоа, иако тие размислувале за светот и се молеле за него, и проповедале. А ете, на св. Арсениј Велики му било речено: „Бегај од светот“. Меѓутоа, Божјиот Дух и во пустината нѐ учи да се молиме за луѓето и целиот свет.
Во овој свет секој од нас има свое послушание: и владетелот, и патријархот, и куварот, и ковачот, и учителот. Господ сите нас нѐ љуби, но најголемата награда ќе му ја даде на оној што има преголема љубов кон Него. Господ ни заповедал да Го љубиме Бога со сето свое срце, со сиот ум, својата душа. А без молитвата, како ќе Го љубиме? Затоа човековите ум и срце треба секогаш да се слободни за молитвата.
За оној што го сакаш, сакаш и да размислуваш,за него сакаш да зборуваш, со него сакаш да бидеш.
Душата Го љуби Господ како свој Отец и Создател,и со страв и љубов стои пред Него:со страв, бидејќи е Господ,
а со љубов, затоа што душата го чувствува како Отец.
Неговата милост е голема и Неговата благодат е послатка од сѐ.
Од личниот опит знам дека е лесно да се молиш,зашто Божјата благодат ни помага во тоа.
Господ милостиво нѐ љуби и ни дава преку молитвата да разговараме со Него,
да се каеме и благодариме.Не може да се опише колку Господ нѐ љуби.Таа љубов се спознава преку Светиот Дух. Душата што се моли го познава Него.
Сите светители се молеле и секого го поттикнувале на тоа дело. Молитвата е најдобрата активност за душата. Молитвата нѐ воздигнува кон Бога и со неа се здобива смирение, трпение и секое добро. Сите светии непрестајно се молеле. Тие ни за миг не биле без молитвата.
Душата што го изгубила смирението, ги загубила и благодатта и љубовта кон Бога. Тогаш се гаси огнената молитва. Меѓутоа, на душата што ќе се смири од страстите и ќе го здобие смирението Господ ѝ ја дава Својата благодат. Тогаш таа се моли за непријателите како за самата себе, а за целиот свет се моли со врели солзи.
Преподобен Силуан Светогорец
20ти јануари 2021 ле
За Преминпортал подготви
Дејан Блажески