Прелеста на еретиците си ја уништил, премудри, верата на православните добро си ја објаснил, и светот си го просветлил, оттука си се покажал и победител, столб на Црквата и вистински ерарх: затоа не престанувај да се молиш на Христа, сите ние да се спасиме
(Седален на Утрената на празникот)
Има нешто во човекот, скриено длабоко во него, во најзагадочните места на неговото внатрешно битие, што е посилно од секое искушение, од секоја препрека, од секој страв, од секоја суетност… Нешто што го придвижува кон вечноста, кон победата над овој свет… Стремежот да биде со Бога. Да се наоѓа во непрестајно општење со Него, во заедница со Најпрекрасниот, во причастие со Неговите Божествени енергии. И ете, следејќи го неотклонливо тој внатрешен копнеж, преку макотрпниот подвиг на смирението, трпението, послушанието и љубовта, денешниот славеник, богоносниот Григоргиј Палама, не само што стигна до полно остварување на тој стремеж, туку стана и семудар учител за обожението, за можноста човек да стане син Божји, бог по благодат, преку молтивеното причестување со несоздадените Божји обожувачки сили.
Свети Григориј Палама e човек кој целосно се сообразил со Христовите зборови: Мир ви оставам; мирот Свој ви го давам; Јас ви го давам, но не како што го дава светот. Да не се плаши срцето ваше, ниту да страхува (Јован 14,27), како и со зборовите на Светиот Апостол Павле: вие не примивте дух на ропство, за да бидете во страв, туку Го примивте Духот на посинувањето, преку Кого велиме: „Ава, Оче!“ Самиот Дух му сведочи на нашиот дух дека ние сме чеда Божји. А ако сме, пак, чеда, ние сме и наследници: наследници на Бога и сонаследници Христови, но само ако со Него страдаме, та со Него и да се прославиме (Рим. 8,15-17). Затоа и нема зборови, со кои ние, земните, би можеле да го восхфалиме синот на Божествената и незаодна светлина, причесникот на Божјата благодат, кој изгреа за со устата своја Синот на првата Светлина да Го восфали!
Имајќи го овој нескршлив дух, Бигорската, Рајчичката и Пречистанската свештена Обител, духовно возглавени и предводени од нашиот возљубен Старец, Архимандрит Партениј со сеноќно бдение торжествено го прославија споменот на великиот ерарх и столб на Црквата, кој од Првоначалната Троица смело проси благодатни сили, за на луѓето свои поткрепа и исцеление да им источи. Оти навистина, имајќи го за свој моќен застапник пред изворот на нашиот живот, на нашата духовна радост, неботајникот Григориј светли со своите дела среде темнината на незнаењето, испраќа искри на надеж среде неизвесноста и очајот, благословува и прегрнува, и со веселие душите ги украсува. Особено, пак, неговиот моќен благослов се чувствува во Обителта на Свети Георгиј Победоносец во Рајчица, каде во посветениот на него параклис, сестрите со чредниот јеромонах и затекнатите гости, во услови на карантин, серадосно го прославија неговиот сечесен спомен!
Неговите молитвите и благослов да бидат со сите нас!