логоFacebook  Twitter  YouTube  eMail

Кожувчанка

 3.to.Naoganje.glava.sv.Jovan.Krstitel


Многумина сметаат дека Библијата молчи кога се работи за „скокотливата“ тема за страдањето на невините луѓе. Меѓутоа, тоа воопшто не е така. Во Стариот Завет на тоа прашање му е посветена цела една книга – книгата Јов.

„Најинтересна книга“


hristos.drvonazivotot.jpgЧовештвото се измачува со проблемот на „божествената жестокост“ од првите мигови на својата самосвесност. Паганите размислувале приближно вака: во светот постои страдање затоа што на добрите и моќни богови им се спротисватуваат злите и не помалку моќни демони. Но, оној којшто верува во Еден Бог, тешко излегува на крај со ваквото толкување: ако Бог е седобар и семоќен, како може Тој да дозволи во светот да има толку многу страдања? Ако Тој не сака да ги прекрати, тогаш воопшто не е добар, а ако не може – тогаш не е семоќен. Колку пати се среќавав со таквата логика... Луѓето се подготвени да се помират со мноштвото секојдневни непријатности, па дури и со лични трагедии, но кога ќе се сретнеш со крајната и бесмислената жестокост на Аушвиц и на Беслан, секое објаснување престанува да функционира. Боже, зошто Ти не стори ништо за да се спасат тие деца, или барем да им се олесни смртта!? Не е можно дека тие – или нивните родители – се толку грешни, за да го заслужат тоа? – Во Библијата има книга во која на Бог му се задава токму тоа прашање. Тоа е книгата Јов. Во неа се раскажува како еден совршен, беспрекорен праведник го погодиле сите можни несреќи: тој го изгубил богатството, децата, здравјето, а неговите најблиски пријатели го сметале сето тоа како казна за неговите гревови и се оддалечиле од него. И тогаш Јов Му упатил приговор на Бога: Зошто постапи така со мене? Денес за таа книга се пишува и се зборува повеќе отколку за која и да е друга книга од Стариот Завет. (Како пример може да се земе неодамна излезената од печат книга на Ф. Козирјев “Искушението и победата на светиот Јов”). Уште во почетокот на XX век англискиот христијански писател Г. К. Честертон напишал: „Значењето на книгата „Јов“ нема да можеш целосно да го изкажеш, ако кажеш дека тоа е најинтересната од древните книги. Подобро е да кажеш дека тоа е најинтересната книга од сите денешни книги.“ Помина еден век, кој собра во себе две светски војни, револуции и концентрациони логори – и таа книга е уште повеќе – овојпат нема да кажеме „интересна“, туку – актуелна. За што се зборува во неа?
 

Различни патишта на верата


Тоа е единствена книга од Стариот Завет во која воопшто не се споменува ниту Израил, ниту Мојсеевите закони, ниту Светата Земја, ниту Ерусалим. Таа го издига проблемот на ново ниво: тоа не е просто историја на одделни луѓе или народи, туку е нешто светско, општочовечко. Тоа е книга за различните патишта на верата и за нејзината криза. Не, не за смената на различни философски и богословски конструкции, туку за личната криза на верата како доверба во Бога. Јов бил праведен не заради награда и не заради страв од казна, туку, пред сè, затоа што му верувал на Бог и сакал да има добри односи со Него. И наеднаш врз него се урива нешто што, би се рекло, е невозможно да се преживее...  

Но, за почеток – за неговите пријатели. Тројца луѓе дошле да го утешат. Тие воопшто не дошле да го обвинат, туку едноставно долго време седеле со него молкум, и дури кога тој прозборел, си дозволиле да одговорат. И во почетокот тие одговори навистина звучеле како утеха... Неговите пријатели знаеле за овој свет и за неговиот Творец буквално сè – во свое време тие го слушале сето тоа од своите татковци и учители. Општо земено, тие го повторувале истото она што е напишано и во другите книги од Библијата, и ако во нив имало неправда, таа не била во зборовите, туку во луѓето. Зборовите можат да бидат правилни, но важно е кој, кому и кога ги кажува. Во почетокот пријателите се обидувале со најдобра намера да предложат некакво просто објаснување за страдањата на Јов: „Не ја отфрлувај казната од Вседржителот, Зашто Он нанесува рани и Самиот ги преврзува; Он поразува и Неговите раце лекуваат.“ Јов ја отфрлил нивната мудрост, при што остро, мошне остро ги споредил своите пријатели со безводни потоци, коишто предизвикуваат празни надежи кај патниците, а потоа ги оставаат да умрат во безводна пустина. Се разбира, тие се навредиле и преминале на алузии, а потоа и на директни обвинувања: ако ти страдаш, значи дека Бог те казнува заради твоите гревови. Признај ги гревовите, побарај прошка, и потоа сè ќе биде како што треба. Овие луѓе претпочитале да зборуваат за Бога во трето лице, не обраќајќи Му се директно. Ве молам, а кои сме, пак, ние за да бараме отчет од Него, а уште повеќе – да Му префрламе, како што тоа себеси си дозвоил Јов? Впрочем, не треба да се осудуваат пријателите на Јов. Тоа се луѓе со длабока вера, но нив, имено, им е потребна религија, односно систем на гледишта и на ритуали коишто го одредуваат животот на човекот. Тие искрено го почитувале Бога, останувајќи во рамките на зададениот систем. Некогаш и Јов се однесувал на таков начин: принесувал жртви и молитви, но кога неговиот живот се урнал, за религијата не останало место...   
 

„Време е на Творецот да Му го вратиме билетот“


Марина Цветаева во една од своите стихотворби напишала: „Време е, време е, време е на Творецот да му го вратиме билетот“. Односно, не просто да си заминеме од овој свет, туку огорчено да му приговориме на Творецот дека овој свет е безнадежно лош, и дека затоа е невозможно да останеме во него. И Цветаева воопшто не е првата којашто го рекла тоа – одамна пред неа истото тоа го кажал и Јов. Него го вџашиле не толку несреќите коишто го снашле, колку тоа дека „светот лежи во злото“ и дека не се гледа начин за избавување од тоа зло. „Зошто беззакониците живеат, достигнуваат старост, и собираат богатство? ... Ги поминуваат деновите во добро и во еден миг слегуваат во гроб... од сираците одземаат осел, од вдовица вол – за залог... раздвојуваат сираче од градите на мајката и земаат залог од сиромав; сиромаси истуркуваат по патот, како диви осли во пустиња... Во градот луѓето офкаат и душата на убиваните вика, и Бог не го забранува тоа.“  А потоа зборовите на Јов почнуваат со страшни зборови – тој го проколнува денот на своето раѓање, дури и ноќта во која е зачнат, со зборови коишто наликуваат на расказот за создавањето на светот во книгата Битие: „Нека потемнат ѕвездите во самракот; да ја чекаше светлината и таа да не дојдеше за да не ги види трепките на зората...“. Тој како да сака да го врати филмот наназад, се до оној миг кога Творецот го создал светот, го одделил од темнината и кога започнало броењето на деновите на овој свет... Неговите лични страдања се, пред сè, прашање на неговиот однос со Бога. „Но како да се оправда човек пред Бога? ... Кој во виор ме поразува и без вина ги умножува раните мои; не ми дава да здивнам, а со горчила ме исполнува. Ако станува збор за сила, Он е најсилниот: кој ќе се спротистави на неговиот суд? ... Он со невините се подбива. Земјата е препуштена во рацете на нечестивите. Он им ги покрива очите на нејзините судии. Ако Он не е, тогаш Кој е?“
 
На прекорите од пријателите тој одговара: “Молкнете пред мене, а јас ќе говорам, што и да ме снајде. Ете, Он може да ме убие, но јас ќе се надевам; би сакал само однесувањето мое пред лицето Негово да го оправдам, и тоа ми е веќе за спасение!“ Јов навистина настојува на својата праведност и непорочност, и авторот на книгата целосно се согласува со него. Уште од самиот почеток тој истакнува дека Јов бил совршено непорочен човек. Навистина, токму затоа и оваа книга звучи толку остро: таа го доведува трагизмот на ситуацијата до крајната граница, тоа веќе не е само поединечна несправедливост на судбината, тоа е совршено необјаснив пример за незаслужено страдање.  Во крајна линија, зборовите на Јов не се ништо друго туку тужба против Бога: „Еве го мојот печат – и нека Сесилниот одговори, кога мојот обвинител ќе напише тужба!“ Јов не наликува на атеист, кај него нема ниту најмало сомневање дека Бог постои (впрочем, во древноста во тоа ретко кој се сомневал). Но, тој наликува на богоборец, кој го предизвикува Бога. И Бог го прифаќа. „Обвинителот“ му одговара на обвинетиот, но не сосема онака како што очекува Јов, а заедно со него и – читателот.   

19042009

Средба како одговор


Книгата Јов е првата книга од Стариот Завет што сум ја прочитал. Уште во детството, во самата зора на мојот христијански живот. Тогаш мошне многу ме восхити нејзиниот крај. Се чини дека Бог бил должен да му одговори на Јов на сите негови прашања, и Тој можел лесно да го направи тоа. Тој можел да се повика на интригите на сатаната (не случајно тој е споменат на самиот почеток на книгата), или, едноставно, да каже дека се работи за искушение. Нешто како испит на издржливост. Но Бог постапува поинаку. Тој Самиот му упатува грст прашања на Јов: „Каде беше ти кога ги поставував основите на земјата? – кажи, ако знаеш. Кој ì ги определил мерките? Знаеш ли: кој го оптегнал јажето околу неа? Врз што се зацврстени основите нејзини? Кој ì го положи аголниот камен, кога ликуваа утринските ѕвезди, и кога сите Божји синови извикуваа од радост? ... Си му давал ли ти некогаш во животот свој заповед на утрото и си го посочувал ли на зората местото нејзино, за да ги опфати краиштата на земјата и да ги истресе од неа безбожниците, за да се измени земјата како глина под преса и да стане како разбојна облека? Дождот има ли татко? Или кој ги раѓа капките на росата? Од чија утроба излегува мразот, и кој ја раѓа небеската слана? Водите како камен да се зацврстуваат, и површината на бездната да замрзнува... Ги знаеш ли законите на небото, можеш ли да уредиш тоа да владее над земјата?“Во овие зборови се слуша приговорот: а кој си ти, Јов, за да се спориш со Бог? Но, тоа го признавал и самиот Јов, и тоа тука не е најважното. Бог му покажува на Јов колку сложено, но истовремено и колку осмислено и разумно е устроен овој свет. Човекот не може да им заповеда на зората и на дождовите, па дури не може ни да ја разбере природата на тие процеси. Се разбира, денес ние многу подобро од Јов се разбираме од астрономијата и од метеорологијата. Но, како замена на овие прашања се поставуваат други, и човекот, како и порано, стои во незнаење пред многуте тајни на материјалниот свет. И ако ние не сме во состојба да го регулираме движењето на светилата и на облаците, можеме ли ние да го мериме доброто и злото?  А понатаму Бог говори за тоа дека ниту едно суштество во овој свет не е заборавено од Негова страна: „Кој ì ја приготвува храната на враната кога пиленцата нејзини, скитајќи без храна, викаат кон Бога? Кој го пушти на слобода дивиот осел и кој му ги разврзал врските негови, на кој сум му ја одредил пустината за дом?“ Ако дури и нечистата птица врана, и таквото неблагородно животно какво што е дивиот осел (се сеќавате, уште Јов ги споредувал со него бедните бездомници), добиваат сè што им треба, колку ли повеќе може да смета на тоа човекот?    

Не инсистира ли, сепак, Јов на тоа дека самиот е во состојба да биде праведен?

„Таква ли е твојата мишка, како на Бога? И можеш ли ти како Него да загрмиш со гласот свој? Тогаш... излеј ја јароста на гневот свој, погледај сè што е гордо и смири го; погледај ги сите поносни и понизи ги, сотри ги безбожниците на местата нивни; закопај ги сите во земја и покри ги лицата нивни со темнина.“ Искуствата од XX, а еве, веќе и на XXI век, ни покажуваат што се случува кога човекот по сопствен избор „ги соборува безбожниците“. Тоа се истите оние Аушвици и Беслани со кои го започнавме нашиот раговорПред крајот на разговорот Бог споменува две животни: Левијатан и Бегемот (на староеврејски, зборот бегемот значи, едноставно, „звер“). Тоа се огромни, страшни суштества со кои човекот не може да управува – само Бог може да ги победи. Некои коментатори тврдат дека станува збор за слон, или крокодил, но дали воопшто е можна таквата споредба, дотолку повеќе што Левијатан претставува змеј со огнен здив. Други коментатори во овие суштества гледаат алузија на сатаната, споменат во самиот почеток на книгата: божемно, Бог на тој начин му укажува на Јов на изворот на неговата несреќа. Но, зошто не му го кажал тоа директно? Пред нас, попрво, се митолошки образи: Дракон и Чудовиште, коишто ги символизираат страшните сили коишто човекот не може да ги контролира, и коишто дејствуваат во овој свет и во нашата сопствена душа. И сè додека тие сили остануваат надвор од контрола, со човекот ќе се случуваат многу работи коишто кај него ќе предизвикуваат вџашеност. Јов Му одговара на Бога: „Бев слушал за Тебе со слухот на увото; сега, пак, очите мои Те гледаат; затоа јас се откажувам и се покајувам во прав и пепел.“ Ете, сметаат некои коментатори, тој е поразен од големината на Бог и едноставно не наоѓа зборови да го искаже своето чувство. Но, тоа воопшто не наликува на Јов. Очигледно е дека Јов навистина го нашол она што го барал, поточно, Оној Кого што го барал. Порано, кога кај него сè било добро, тој просто живеел во својот удобен свет, во кој имал и семејството, и богатство, и религија. И дури кога сè станало мошне лошо, кога тој ја преживеал трагедијата на другите луѓе и својата лична трагедија, тој Му се обратил на Живиот Бог со живи и со искрени прашања, и тие не останале без одговор. На крајот од сторијата, благосостојбата на Јов била возобновена: му се родиле нови деца, го повратил богатството, но Библијата за тоа споменува само бегло, како за нешто што не е толку важно. Книгата Јов не е книга за успех и за пропаѓање, туку за тајната на страдањето којашто не може да биде разрешена со помош на прости одговори и формули, но може да стане причина за средба на човек со Бог. А што е со пријателите на Јов? Тие, според зборовите Божји, не говореле за Него онака верно, како Неговиот слуга Јов, и затоа биле должни да принесат како жртва седум телиња и седум овни (што се сметало за голема жртва според мерилата на Стариот Завет). Тогаш Јов се помоли за нив, по што им било простено. 
 
Бог никого не го обвинува. Оние, коишто претпочитале да зборуваат за Бога правилни зборови во трето лице, исто така го добиле она што го барале, кога ги исполниле зададените ритуали. Од нив не се барала дури ни молитва – за нив се помолил Јов. Зашто, Бог не ги избрал нив за разговор, туку Јов – оној којшто Му се обратил лично...

„Богоугоден богоборец“ – таква парадоксална дефиниција за Јов дава Ф. Козирев, и тешко е да не се согласиме со него. Бог очекува од човекот одредена чесност и отвореност, а не формално правилни, но безлични зборови.

* * *
 
Во почетокот на IX глава од Евангелието по Јован, среќаваме нешто мошне слично: „Кога одеше, виде еден слеп човек од неговотo раѓање. Учениците Негови Го прашаа и рекоа: „Рави, Кој згрешил? – тој или родителите негови, та се родил слеп?“ Исус им одговори: „Ни тој, ниту родителите негови згрешиле, туку за да се јават делата Божји врз него.“ По ова, Христос го исцелил слепиот.  Учениците тука го повториле прашањето на Јов: Зошто мора да е така? Кој и за што е виновен тука? Тој ли згрешил? Но, како може тој да згреши уште пред да се роди? Неговите родители згрешиле? Но, зошто тогаш заради нивниот грев страда невино дете? Оваа загатка изгледа неразрешлива. Но, Христос користи нерешлива задача за да ги издигне учениците на повисоко ниво. Навистина, никаков конкретен грев не може да се нарече директна и непосредна причина за страдањата на конкретен човек. Со други зборови, нема и не може да има никаква формула којашто би ги урамнотежувала страдањата и гревовоте. За ова, Библијата зборува во книгата Јов. Таму е дадена разрешницата: тајната на страдањето може да се разреши само тогаш кога човекот ќе се сретне со Бог. Евангелијата, всушност, раскажуваат за таа средба, за тоа како Бог станал Човек и го зел врз Себе сето замисливо страдање на овој свет – предавството, отфрленоста, болката, смртта... Во православната Црква постои традиција да се читаа делови од Стариот Завет во определени денови од литургиската година. Деловите од книгата Јов се читаат во Страдалната седмица, кога Црквата си спомнува за последните денови од земниот живот на Христос: од понеделник до среда се читаат делови од првите две глави (описот на страдањата на Јов), а во четврток и петок - кога се спомнува за Тајната Вечера и за Христовите Страдања – деловите од 38 и 42 глава (средбата на Јов со Бог). Овој избор не е случаен: Црквата ни покажува дека сегашниот, конечниот одговор на прашањето на Јов – одговор упатн не само нему туку и на сето човештво – бил даден на Тајната Вечера и на крстот на Голготата. Но, тајната на страдањето сепак останува лична тајна на духовниот живот на секој човек, и само донекаде ни се разоткрива. Ние можеме да бидеме сигурни само во едно: одредено страдање може да нè наведе да се издигнеме над сопственото удобно или не толку удобно, но свикнато постоење, за да Го сретнеме Оној Кој за нас навистина е важен. Ние, со нашето ограничено знаење и искуство, навистина ништо не можеме да им објасниме на мајките од Беслан, ние можеме само да сострадаме со нив. И уште – да веруваме дека постои Оној Кој ќе го најде одговорот за секоја од тие мајки, кога ќе се сретнат со Него. А што се однесува до нашиот однос спрема страдањата на другите луѓе, Евангелието ни дава јасен одговор: не прашувај за конкретните причини, прашувај за целите. Тие на својот пат го сретнале оној, што бил предодреден преку него да се „јават делата Божји“. За болниот да биде исцелен, гладниот нахранет, а оној што плаче – утешен. Оваа задача е поставена пред секој од нас. 
 
Андреј ДесницкијЖурнал Фома, Но. 9/41, септември 2006 (www.Фома.ру)

Подготви: д-р Драган Михајловиќ

 

Друго:

 

Светиот праведен и многустрадален Јов

 
Јов беше потомок на Исав, внукот Авраамов и живееше во Арабија околу 2000 години пред Христа. Татко му е Зарет, а мајка Восора, а неговото цело име беше Јовав. Беше човек чесен, богобојазлив и многу богат. Но во седумдесет и деветтата година од неговиот живот Бог допушти тешки искушенија врз него преку сатаната, како што с ? е потенко опишано во Книгата Јов. И во еден ден Јов го изгуби сиот свој имот, сите синови и ќерки свои. Потоа врз него падна тешка болест од којашто целото тело му се покри со рани од темето до табаните и лежеше Јов на ѓубриштето надвор од градот и со парче керамида си го вадеше гнојот од раните. Но не заропта на Господа, а стрпливо докрај ги поднесе сите оние маки. Затоа Бог му го врати здравјето и му даде многу поголемо богатство од претходното и пак му се родија седум синови и три ќерки, колку што ги имаше порано. Поживеа уште сто и четириесет години, постојано славејќи и фалејќи Го Бога. Јов се смета за пример на трпеливо поднесување на секое страдање коешто Бог ни го испраќа и за предобраз на страдалниот Господ Исус.

Тропар
„Благословено да е името Господово“ – восклик на победа во маките твои, о Јове свет, кои во радости се претворија, бидејќи душата твоја знаеше Кој е Творецот нејзин, а разумот со благодат исполнет Го виде Дарителот на сe, така да срцето само трпеливо Го чекаше Оној Кој се оддалечи, за да повторно се всели. Нему Му пееме по молитвите твои свети: Господи, слава Ти.

Кондак
Како вистинољубив и праведен, благочестив, непорочен и осветен се покажа ти, сеславен Божји угоднику, и во твоето трпение ја просветли вселената, најтрпеливе и најдоблесен. Затоа сите ние, богомудри, твојот спомен го воспеваме.

 

 

 

 



dobrotoljubie

Поуки од Светите Отци

dobrotoljubie

Духовност

Октомври 20, 2024
TviTER281

Монашки и свештенички семинар во митрополијата на Киншаса (06.09.2024 21:29)

Со Божја благодат и благослов на Неговата Светост Папата и Патријарх Александриски и на цела Африка г. Теодор II, во Митрополијата на Киншаса, во Конго, се одржаа семинари за монасите и свештениците.
Јуни 30, 2024
Avraamovo.GOSTOLJUBIE

Света Троица во Стариот Завет

„Секоја енергија која од Бога се простира на творевината и се именува со многу имиња, од Отецот излегува, низ Синот се протега, а во Духот Свет се совршува“ (Свети Григориј Ниски, „За тоа дека не смее да се говори за три Бога“). Вистината за постоењето на…

За нафората

HRISTOS.nafora
Нафората е осветен леб,кој бил принесен на жртвеникот и чија средина е извадена и…

Проскомидија

TVIT602
·Што е Проскомидија? Еретиците немаат Проскомидија. Проскомидијата е уводниот дел на…

Јован Дебарски Архиепископ Охридски (30 август/12 септември)

Сеп 13, 2021 Житија 3216
Овој свет и богоносен отец наш Јован Дебранин, Архиепископ Охридски и прв ктитор на…

Свети свештеномаченик Харалампиј

Фев 23, 2020 Житија 7704
ih3387
Секој човек со своето раѓање добива лично име по кое го препознаваат во текот на целиот…

Најново од духовност

Православен календар (2)

 

24/12/2024 - вторник

Божикен пост (пост на масло)

Преподобен Данило Столпник; Преподобен Лука Столпник; Преподобен Никон Сувиот; Светиот маченик Миракс;
Правила и одредби на Православната Црква за постот
Православен календар за овој месец - МПЦ

Кожувчанка

Молитви кон Пресвета Богородица за секој ден во седмицата

 Радувај се, Ти Која од ангелот ја прими радоста на добрата вест дека Бог Слово ќе прими тело од Тебе! Радувај се оти го носеше Создателот во Твојата утроба! Радувај се Ти Која го роди Бога во тело, Спасителот на светот! Повеќе...

Тропар

Тропар на светиот Спиридон чудотворец 12 декември / 25 декември 2024

Тропар на светиот Спиридон чудотворец 12 декември / 25 декември 2024

Спиридоне, Богоносен оче наш,на Првиот Собор ти се покажа поборник и чудотворец.Затоа, мртвата од гробот ти прозбори,и змијата во злато...

Тропар на светиот Христов Столпник Данило преподобен 11 декември / 24 декември 2024

Тропар на светиот Христов Столпник Данило преподобен 11 декември / 24 декември 2024

Смирението твое о, Данило столпнику,по молитвите на твоите родители,со заштитиништвото на великиот Симеон,пат кон небесата ти отвори,а ангелите и луѓето...

Тропар на св. Христови маченици Мина, Ермоген и Евграф 10 декември / 23 декември 2024

Тропар на св. Христови маченици Мина, Ермоген и Евграф 10 декември / 23 декември 2024

Велики сте вие Мино и Ермогене,кои лично Христово присуство вовашите страдања измоливте.Благодатта преку вас не само Евграфа туку и целото...

Духовната убавина на Богородица се пројавува и во моментот на Распнувањето на Нејзиниот Син

Тебе, Богородице поборнице – војвотко, ние слугите Твои, откако се избавивме од зло, Ти пееме победни и благодарствени песни. Ти имаш сила непобедна, од секакви опасности ослободи не за да Ти пееме : Радуј се, Невесто Неневесна! Повеќе...

Болестите според светоотечкото учење

Значи, не се надевај на лекарска вештина без благодат и не ја отфрлај своеволно, туку моли Го Бога да ја спознаеш причината за казната, а потоа моли за избавување од немоќта, трпејќи сечење, горење, горчливи лекови и сите лекарски казни Повеќе...

Свети Лука Симтерополски: Архиепископ и хирург

Едноставно е да се претпостави дека професорот – епископ, соединувајќи го во своите раце крстот и скалпелот, ги порази современиците токму со тоа необично соединување на двете разновидни сфери на активност.  Повеќе...

Духовни поуки: „Помоли се за мене“

Со Бога зборувај многу, а со луѓето малку; ако во Божјиот закон се подучуваш - ќе успееш и во едното и во другото. Повеќе...

Живот без стрес

Ако разбереме што се крие зад стресот, ако ја видиме лагата, која што се крие зад него, на крајот ќе увидиме дека не постои причина за да бидеме во стрес.. Повеќе...

Митрополит Струмички Наум - Да пораснеме барем до Стариот Завет

И не само што немаат туку се и очигледна пречка за влез во Царството Небесно, и пречка да се сфати и пренесе неговата идеја и порака. Повеќе...

Епископ Тихон Шевкунов: „НЕСВЕТИ, А СВЕТИ“

Несвети, а свети. Луѓе, кои навидум живееле во нашето секојдневие, се соочувале со проблемите со кои ние се судираме, боледувале од болести од кои ние боледуваме, често осудувани од околината, а сепак, не биле секојдневни. Луѓе, кои не се на иконите, но го предавале животот од иконите во сите нивни дела, зборови, мисли. Луѓе, за кои тишината прозборила дека се свети.  Повеќе...

ГОЛЕМАТА ТАЈНА НА ДИВЕЕВО - Кој ќе доживее, ќе види

Како дополнување на оваа тајна, еве што слушнав од устата на 84-годишната игуманија на манастирот Дивеево, Марија. Бев кај неа во почетокот на 1903 година веднаш по канонизирањето на преподобниот Серафим и заминувањето на царското семејство од Дивеево. Повеќе...

Арх. Калиник Мавролеон: Монологот БОЖЈИ

 

Те гледав кога се разбуди угрово. Чекав да ми кажеш два-три збора, да се заблагодариш за се што ти се случува, да побараш мое мислење за се што треба да правиш денес. Повеќе...

За Моето име

Поуки на грузискиот Старец Гаврил Ургебадзе за последните времиња

 

„Ѓаволот има 666 мрежи. Во времето на антихристот луѓето ќе очекуваат спасение од космосот. Тоа ќе биде и најголемата замка на ѓаволот: човештвот ќе бара помош од вонземјаните, не знаејќи дека тоа се, всушност. – демони.“ Повеќе...

Взбранной Воеводе победительная