Како да простиме повреда што ни ја нанесол пријател?
Почитувана сестро во Христа Татијана,
Вашето прашање за простувањето е во доменот на универзалната Света Тајна Исповед. Иако вие го фокусирате простувањето како проблем бидејќи се работи за пријател, мораме да укажеме дека целината простување се однесува према сите блиски и далечни и знајни и незнајни. Разбираме дека болката или повредата ја чувствувате како поголема бидејќи доаѓа од позната, блиска личност. Сепак, кривицата или зголемената тежина од настанот се случува кај вас поради недоволно познавање на духовниот живот. Имено, ако Го практикувате православниот начин на живеење, тогаш неминовно преку Светата Тајна Исповед вие ќе се соочите со вашиот внатрешн личносен живот и надворешниот личносен однос кон ближните. Ако внатрешниот личносен живот кај вас е доведен на ниво на Света Тајна, личносен однос духовникот, а преку него и со Бога, тогаш сите повреди кои доаѓаат од надворешноста - од луѓето, се производ или резултат на вашето духовно примање на ближниот и целокупниот однос на ближниот кон вас.
Преку ближниот ги подразбираме сите луѓе кои што доаѓаат во вашиот живот или се допираат до вас во секојдневието. Тие луѓе или преку нив, се случуваат сите искушенија преку кои ќе се открие содржината на вашето срце, односно ќе се појават вашите страсти.
И тогаш преку светата Тајна Исповед ви се укажува на начинот кој ќе го примените за да се преобрази страста. Да заклучиме: постои личносен однос со Бога и личносен однос со ближните.
Личносниот однос со Бога, просто кажано е искажување на целокупната ваша тежина пред Бога преку исповед кај духовникот, и сите искажани работи се зборуваат само пред духовникот и никој друг.
Односот према ближниот во секојдневието се учи духовно да се гледа и духовно да се постапува во секое искушение. Примената на овие две постапки ќе ја исклучи секоја можност да бидете повредени или повредата нема да ја надмине силата, благодатта дадена од Бога која овозможува да напредувате во животот.
Секое добро од Господа.
Слепченски Манастир