СТАРЕЦ САВА ПСКОВО-ПЕЧЕРСКИ
✤✣✤
ГОСПОДЕ, ТИ СИ ЖИВОТ МОЈ!
ИЗВАДОЦИ ОД ДНЕВНИКОТ
✤✣✤ ЗА ПРИЧЕСТУВАЊЕТО СО СВЕТИТЕ ХРИСТОВИ ТАЈНИ
Тајната за Светото Причестување ја востанови Самиот Господ наш Исус Христос. Он Своето Тело Го нарекува Лебот на Животот. „ Телото Мое е вистинска храна и Крвта Моја е вистинско питие “. Господ нѐ опоменува: „ Ако не Го јадете Телото на Синот Човечки и не ја пиете Неговата Крв, нема да имате живот во себе “.Оној кој се подготвува за причестување со Светите Христови Тајни мора да биде ослободен од прекорот на совеста, непријателството, гневот, расеаноста, лутината, мрзеливоста, па во длабока скрушеност на духот и во потполно спознание на својата недостојност, со страв и вера да пристапи кон Светата Чаша.Светиот Теофан Затворник зборува за Пресветата Тајна Евхаристија како за најсилна и најпоразителна за непријателите: „ Слушај го ова и причестувај се со Светите Христови Тајни, колку што е можно почесто, секогаш кога имаш дозвола од својот духовен отец “.Св. Василиј Велики ( 4 век ): „ Добро е и многу е корисно да се причестуваме со Светото Тело и Крвта Христова...Всушност се причестуваме четири пати секоја седмица: во денот Господов ( недела ), во среда, петок и во сабота, како и во другите денови на празнување на светиите...“Кога го запрашале преподобниот Серафим Саровски: „ Колку често треба да се пристапува кон пренебесната Тајна на Причестувањето? “ тој одговорил: „ Колку почесто, толку подобро. Оној кој се причестува со Светите Тајни, ќе се спаси, ако не се причестува – нема. Благодатта која се дарува со Причестувањето е толку голема, што колку и да е недостоен и грешен човекот, ако со смирение и свесност за својата сегрешност Му пристапува на Господ, Кој нѐ искупува сите нас, дури и од главата до петите да е покриен со рани од гревовите – ќе биде очистен од благодатта Христова, сѐ посветол и посветол ќе биде, и на крајот ќе се просветли и ќе се спаси “.Св. праведен Јован Кронштатски: „ Чудесно се обновувам со божествената Тајна на Телото и Крвта Христови секој ден, дури и до ден – денеска, на 70 – години од мојот живот, и како да не стареам, со дејството на благодатта останувам свеж и бодар во душата и телото! Секојдневно со стравопочит служам Литургија и се причестувам со Светите Тајни: Еве ги плодовите на причестувањето: очистување, осветување, обновување, победа над страстите, мир душевен...Немој да се лутиш на оние што сакаат почесто да се причестуваат со Светата Тајна на Телото и Крвта Христова, туку сакај ги и радувај се поради нив пред Бога, бидејќи Господ ги привлекува нивните срца кои почувствувале сладост од општењето со Него во овие Тајни....Ѓаволот со сите свои адски напаѓања се труди да ги одврати христијаните од Чашата на Животот, наведувајќи ги на маловерие, рамнодушност и немарност спрема оваа најголема Тајна на христијанската вера, со цел да ги држи луѓето во оковите на гревот и смртта “.Причестувањето со Светите Животворни Христови Тајни го носи својот плод само ако е придружено со подготовка и ревносно чување на придобивките: Треба да се чува мирот со ближните, да се пребива во молитвата, да се воздржува од прејадување, да се чува јазикот од празнословие, постојано да тежнееме кон чистота на животот преку непрестајното покајание; да не се надеваме на себеси, туку да имаме цврста надеж во Бога и Неговата милост. Во спротивен случај Причестувањето бива на суд и осуда.Не смее да се прима Телото и Крвта Христови доколку постои сомнеж дека во Светата Чаша е вистинското Тело и вистинската Крв Христова, доколку има отворена немарност во припремата за причест, преку кршење на постот, земање на храна после полноќ, потоа поради женската нечистота и поради односи со сопругот ( та ) во изминатата ноќ.Светиот правден Јован Кронштатски за честотата на Светото Причестување:„ А Исус им рече: Јас сум Лебот на Животот; кој доаѓа при Мене нема да огладни, и кој верува во Мене, нема никогаш да ожедни. Но, ви реков – дека вие и Ме видовте и пак не верувате. Сѐ што Ми дава Отецот, ќе дојде при Мене; а кој доаѓа при Мене, нема да го испадам надвор “ ( Јован, 6, 35 – 37 ).Од наведените зборови на Спасителот очигледно е дека Он заповеда на верните и на оние кои се ревносни во христијанскиот живот често да се причестуваат со Телото и Крвта Негови – дури и секојдневно, доколку некој поради условите е спремен да пристапи кон Чашата на Животот. Ако секојдневно тежнееме кон храна и пиење што се расипуваат, т.е. земна храна, колку повеќе треба да бидеме гладни и жедни за Храната која не е распадлива и Пиењето кое е непропадливо, кои се Телото и Крвта на Началникот на животот – Господ наш Исус Христос.Меѓутоа има многу незнајковци и меѓу образованите и меѓу неучените, па дури и помеѓу учените монаси и свештеници, кои го сметаат за неумесно, па дури и грешно, причестувањето на благочестивите мирјани во секоја недела и во секој ден. Тоа е против заповедта дадена од учењето за изобилната Господова љубов, Кој сака верните што повеќе да се грижат за што е можно почесто причестување со Неговите Тело и Крв. Амин “.Душата која ја вкусила сладоста на Љубовта Божја, сета се препородува и станува поинаква и Го сака Господ свој и со сета сила ревнува за Него деноноќно. „ Тело Христово примете, од изворот на бесмртноста вкусете! “
Извор:
http://bigorski.mk/index.php?content_type=svetootechki_tekstovi&action=details&record_id=77