Митрополит Методиј Златанов
Како по законот на акција и реакција, либералистичкиот диктат за потполната разединетост на Црквата и Државата, истовремено најстарото и најмладото чедо на секуларизмот (парадокс!), особено на неговата декадентна фаза што ја живееме денес, го зголеми интересот и за феноменот наречен Константинова Симфонија. Она што пред повеќе од шеснаесет столетија беше идеал на византискиот комонвелт, стана провокација и камен на сопнување за кревкиот комонвелт на Ѕевсовата возљубена. Историчарите на философијата, социолозите на религијата, теолозите, политиколозите, особено од традиционално православните земји, посветуваат бескрајни анализи и острастени апологии на оваа тема, која беспрекорно се вклопува во вртоглавите комбинаторики на пост-пост-модерната европска мисловна матрица. Поларизацијата на овие две тенденции, за и против единството на Црквата и Државата, сепак, остануваат во рамките на едниот и ист секуларистички контест, само со предзнакот лево или десно според политичката, а подеднакво и психолошката ориентација. Православието, иронично, како да го нема овој проблем. Една од главните движечки сили на неговата актуелна криза е митот за империјалната Црква на Вториот Рим - душата на христијанската Империја која и денес егзистира во прегратките на своите рудиментирани клонови, т.н. православни држави. Идеалот за универзалната христијанска теократија, отелотворена барем во вид на извесна иконографска блазираност, претеран литургиски формализам или понекоја реторичка воздишка во високопарните диспути на мошне приземни теми, го раскриваат тој патолошки курс по кој се движат помесните православни цркви, комфорно зачаурени во своите автокефалности и автономии, вселенскости и патриотскости, во своите помодности или конзервативности... Она што ги обединува е митот за царската црква и благочестивата држава, мит можеби не постар од оној за Нарцис и Ехо, но секако подеднакво трагичен. Низ диоптријата на овој мит, од гетата на институционализираното христијанство, автокефалните цркви, кои се уште ја исповедаат еклисиологијата на Едната Света Соборна и Апостолска Црква (повторно парадокс!), секој епископ или свештеник е инкарнација на византискиот имератор. Во однесувањето, во облекувањето, во власта. До апсурд помпезна мимеза на одличја, обичај и осет, кои некогаш, во некоја друга, митологизирана стварност му припаѓаа на еден замислен брак. Конечно, како во периодот на претсмртната агонија на Византија, веќе покорена од иноверците. И како за чудо, токму тој, најтрагичниот дел од митот, има ексклузивно место во свеста на современите поклоници. На неутралната територија на Новиот Свет сево ова изгледа застрашувачки очигледно. Митот по правило е неразделен од некој суштински парадокс. Во нашиов случај се работи за цела колекција. Една можеби премногу симплифицирана дефиниција не е далеку од вистината: Државата е деперсонализирана наследничка на паганските божества. Од римска (византиска) провиниенција. За судбина или фатум, овој цивилизациски корпус е премногу прагматичен. Култот кон земјата и народот ги неутрализираат сите други верувања, барем за некое историско време. Црквата е Богочовечка заедница. Таа не му припаѓа на овој свет. Таа воедно не е институција. Нејзиното срце е Литургијата. Кој е заедничкиот именител на овие два ентитета, тогаш? Евентуално, нешто што подеднакво суштински ги негира и идниот и другиот. Митологизираната свест на православните христијани денес сосема е асимилирана од идеалот за универзалната империјална Црква. Еклисијалниот универзализам проециран од политичката мегаломанија на вселенската империја е манир со кој се хранат етнофилетистичките синергии на политиката и религијата. Ни малку поразлично од средновековниот сон на секој ситен феудален владетел на православниот Исток, кој тежнеел да седне на византискиот царски трон. Истовремено секоја помесна православна црква грозничаво се држи до сепаратистичкиот, тесно национален принцип на автокефалија. Толку е важно кој од кого е признат или непризнат, што едвам може да се соберат две диецези да отслужат заеднички една Божествена Литургија. Се случува, православни христијани, клирици или лаици, во зависност од гореспомнатиот степен на признатост, или во зависност од тоа на кој тип календарци припаѓат, во зависност од широчината на ракавите или цената на чинењето на богослужбените одежди, заборавајќи го фактот дека Христос не се распна и не воскресна само за една автокефалистичка елита, туку за сите луѓе, да се однесуваат еден кон друг како лепрозни, благо кажано. Но зарем Спасителот не ги разобличуваше фарисеите токму за тие нешта? Зарем богослужбените одежди не произлегуваат токму од крпата со која Тој се препаша кога им ги миеше нозете на апостолите? Објективно чувство на криза речиси не постои. Во секој поголем американски град, често и во еден кварт или на иста улица, коегзистираат (тоа е најсоодветниот израз) две, па и повеќе православни диецези, кои служат иста Литургија, исповедаат еден и ист Символ на верата и се декларираат како припадници на Едната Света Соборна и Апостолска Црква, но воедно себе си се сметаат за единствена православна црква на таа територија. Зошто инаку еден град, една иста ерархиска диецеза, би била епископска катедра на повеќе истоверни архиереи? Тоа не само што е еклисиолошки апсурд, туку и показател на сериозно нарушување на верноста и кон догматското предание и кон евангелската мисија на Црквата. Бев изненаден кога по краток разговор со еден студент на православен институт во Америка, патем кажано зборувавме на руски, се испостави дека тој е бразилец. Се прашувам, која е смислата еден бразилец да стане православен, исклучиво на тој начин што сосема ќе го апсорбира во својот живот рускиот национален етос, и тоа среде Америка? Зарем не е тоа симптом на истиот религиозен империјализам иманентен на митот за симфонијата на православна Византија и византиско Православие, исцениран во небулозните амбиции на помесните православни цркви денес? Под тоа и такво влијание, Црквата во актуелниов свет има само декоративна функција, Литургијата е спектакл, позлатена рамка за долгометражните изјави на љубов меѓу религиозноста и патриотизмот, зачинети со носталгичните визии за третиот Рим, четвртиот Рим, ... ен-тиот Рим, се подалеку и подалеку од Небесниот Ерусалим.
Посети: {moshits}
|