Поглед во сопствените очи
“Зошто ја гледаш раската во окото на брата си, а гредата во своето око не ја чувствуваш? Или, како ќе кажеш на брата си – чекај да ти ја извадам раската од окото; а, пак, ете, во твоето око има греда? Лицемере, извади ја прво гредата од твоето око, па тогаш ќе видиш како да ја извадиш раската од окото на брата си. “ (Матеј 7, 3-5)
Очи. Ги има најразлични, убави и страшни, продорни и мили, тажни и сјајни, и какви ли се уште не, вариетети според кои и се распознава една личност ако е вистина она што го велат оние кои умеат подлабоко да загледаат, секако со исклучок на оние кои на прв поглед ќе скенираат се наоколу освен очите. А внатре има и што да се види, копнежот во душата, неодговорени прашања, планови и отстапки од нив со сите потенцијални причини како уништувачи на соновите, солзи сеуште неподготвени да се стрмоглават по образите, верувања заобиколени со магла кои само довикуваат барајќи безбеден премин ... Со еден збор, човечка суштина поставена на дланка, толку блиску како да можеш да го допреш екранот од телевизорот или виножитото преку стаклениот прозорец. Секое сетило си го има своето место според промисленоста на Бога, но ваквата блискост помеѓу очите и желбата за некогопознавање нив ги прави доминантни во улогата да се внесе дел од светот во себе, и обратно да се дозволи на светот да те повлече во неговите помисли. Таа гранична мембрана преку која се случуваат сите заминувања и враќања е тенка и не попречува никого и ништо да се придвижува, влегува, останува, заминува, не се враќа. Верувам дека, иако ова беше претставено целосно демократски и според идеите на една волја, дека причинско – последичната врска која тргнува од храмот на душата, секако посетен од Утешителот, води кон срцето веќе послушно на заповед, кон разумот кој иако колеблив ќе донесе решение, и на крајот кон телото кое ќе изврши. Значи и не е се оставено на окото и неговата благост, но можеби и суета, да не води по патот со мед, но и со стапици.
Понекогаш е добро да се знае, и со самото тоа и да не му се верува, дека окото доживува деформитети предизвикани од таканаречени раски и греди. Раската е минорен поим за пречка која постојано дразни, ја одзема концентрацијата кон убавиот сончев ден и во моментот кога треба да се тргне кон Јагнето, таа прободува и чекорите тргнуваат кон бездната. Гредата пак, е клаустофобичен израз на нешто огромно сместено во мал простор, која предизвикува слепило, неограничена несвесност за тековната локација и изгубена ориентација и волја да се бара пат. И двете не оддалечуваат од Бога и од Неговата идеја да создаде нешто светло и чисто.
И така, имам греда во сопственото око, но кој ќе може да ми го соопшти тоа, а да не го сметам за неосновано неговото тврдење за постоење на цела архитектура во мојата малечка зеница. И покрај неа успеав во окото на мојот ближен да лоцирам прељуба и лакомост, мала злоба, невидена гордост и црна завист. Се восхитував на сопствената способност да анализирам глетка и покрај гредата која ми криеше дел од хоризонтот. Одлучив да ја извадам со надеж дека кај мојот ближен ќе можам да пронајдам уште неколку недостатоци, па со чисто срце ќе можам и да се прогласам за морален победник на листата за добри луѓе. Кога ја извадив, со разочарување утврдив дека прво во неговото око немало греда туку само раска за разлика од моето, и второ карактеристиките на пеколот кои претходно со сигурност ги гледав, сега беа со сиви нијанси, но не така изразени како во пресудата која ја запечатив. Повторно си ја ставав и вадев гредата, но резултатите беа исти, поразителни.
И како ќе му кажам сега на ближниот мој за да му ја извадам раската од неговото око? Немој да одиш брате по патеките кои ги изградил Лукавиот, а јас веќе сум пред вратата на куќата со казаните каде има вечен плач и крцкање со заби. Или, љуби го брате Христа Милостивиот кој крсната смрт ја претрпе за тебе, а јас сум одминал да ја послушам заповедтта да ближниот го љубам како себе си.
- SP Apostol
- 20-ти јули, лето Господово 2014
Друго: