Раната не е твојот идентитет

Постои еден срам што не се гледа, а може да управува со целиот живот. Не срам поради нешто што сме го направиле, туку срам од тоа што сме самите ние. Човекот почнува да верува дека е премногу слаб, премногу повреден, премногу различен за навистина да биде прифатен. И тогаш се крие дури и кога е опкружен со луѓе.
Од оваа рана се раѓаат многу маски: перфекционизам, молчење, повлекување, потребата да им угодуваме на сите. Не затоа што човекот нема љубов во себе, туку затоа што се плаши дека, ако навистина биде познат таков каков што е, ќе биде отфрлен.
Срамот станува опасен кога ќе го натера човекот да бега и од Бог. Му шепоти дека не е достоен да се моли, да се исповеда или да побара помош. Но токму тука започнува лагата: Бог не очекува пред Него да дојдеме со совршена слика за себе, туку со вистина.
Исцелувањето започнува кога душата ќе се осмели да излезе од скривалиштето. Не преку оправдување, туку преку искрено признавање. Не преку презир кон себе, туку преку прифаќањето дека раната не е твојот идентитет.
Светлината не го посрамотува човекот; светлината ја разоткрива лагата што го држела заробен
.Кога молитвата замолчува, сите други гласови стануваат погласни
Молитвата ретко исчезнува одеднаш. Најнапред ја одложуваме, потоа ја избрзуваме, а после усните ги изговараат зборовите додека умот ни е на друго место. Наскоро го губиме мирот и почнуваме да ги обвинуваме луѓето. Душата никогаш не останува празна: местото што го напуштила молитвата го исполнуваат бучавата, стравот, споредувањето, сомнежот и гневот. Умот постепено почнува да ја прифаќа секоја мисла како вистина.
Последиците не се Божја одмазда затоа што не сме го исполниле молитвеното правило. Тие се појавуваат затоа што ослабува врската преку која ги примаме светлината и расудувањето. Страста почнува да ни изгледа природна, раздразливоста станува „таков ми е карактерот“, а гревот го нарекуваме „потреба“. Можеме и понатаму да влегуваме во црква, а срцето да остане заклучено и да одбива искрено да се сретне со Бог.
Враќањето не започнува со огромни молитвени правила, создадени од амбиција, туку со малку искрена и истрајна молитва, во договор и со совет од духовникот. Еден псалм, повикувањето на Господовото Име, исповедта и Светата Литургија можат постепено повторно да го отворат срцето.
Светиот Дух не се „купува“ со напор, туку го очекува нашето слободно „да“.
Молитвата не ги отстранува сите проблеми; таа ги внесува во светлината, за тие повеќе да не управуваат со нас.
Кога молитвата слабее, човекот ги слуша сите гласови — освен Гласот што го повикува по име.
Мајка Силуана Влад
Подготви С.Стефковски
11.06.2026


























