логоFacebook  Twitter  YouTube  eMail

Кожувчанка

HRISTOS.PRICHEST

Светата Причест – извор на здравје или извор на болест (30.08.2020 10:31)

1. Вовед: еден Леб и една Чаша

 

Веќе  две илјади години, од Тајната Вечера (Мат. 26, 26–28; Марко, 14, 22–24; Лука, 22, 19–20; 1 Кор. 11, 23–26) до денес, христијаните се причестуваат на ист начин – од еден Леб и од една Чаша, како што стои во текстот на Литургијата на свети Василиј Велики. Токму на овој факт се темели единството и единственоста на Црквата. Црквата не е установа, која претходно постоела на основа на догматски и на други премиси, па потоа дополнително одлучила дека е потребно и полезно да служи Света Евхаристија. Не е така, туку Црквата, всушност, постои преку Евхаристијата, или, уште попрецизно, како Евхаристија. Праслика на тој факт наоѓаме веќе во старозаветната епоха: „...и сите јадеа иста духовна храна, и сите пиеја исто духовно пиење“ (1 Кор. 10, 3–4; спореди: 2 Мој. 16, 35; 17, 6; 5 Мој. 8, 3). Новиот Завет е експлицитен: „...Лебот е само еден (Лебот на Причеста), едно тело сме ние многуте, зашто сите се причестуваме од еден леб“ (1 Кор. 10, 17). Излагајќи ја на едно друго место вистината за Црквата, свети апостол Павле пишува: „Едно тело сте и еден Дух... Еден е Господ, една е верата, едно е крштевањето, еден Бог и Отец на сите“ (Ефес. 4, 4–6). Смислата е секогаш иста: ние христијаните сме едно со Господ и меѓу себе само затоа што се причестуваме со едното и единствено Тело Христово (забележуваме дека во овие текстови поимите Леб и Тело се наоѓаат на прво место, дури и пред поимите Свет Дух, Господ и Бог и Отец на сите). Во кратки црти: Црквата е Евхаристија, а Евхаристијата е Црква. Без Евхаристијата, односно без Светата Причест, нема Црква.

На вообразените „млади лавови“ на квазимодерната, ултралиберална, „научна“ теологија, кои своите текстови ги објавуваат претежно на порталот Теологија.нет (кои многумина го читаат како Теологија? Њет!), залуден им е секој обид да го ревидираат Светото Евангелие и од високо, „научно“, да ги искритикуваат Светите отци и Учители на Црквата и да ги прикажат било како незнајковци, било како луѓе со погрешни убедувања во споредба со високонаучното образование на самите нив, критичари, судии, арбитри и своевидни инквизитори, на кои не им е потребен мандат и благослов на ерархијата за авторитативно, а пред сѐ, „оригинално“ да ја изложуваат и толкуваат христијанската вера.
 

2. Светата ложица („лажичка“) – измислен проблем
 

Прикаската за причестувањето од една лажичка како опасно, па и заразно, како и за причестувањето на секој верник поединечно со посебна лажичка, и тоа за еднократна употреба, како препорачливо и „безбедно“, е сосема депласирно и бесмислено. Апсолутно е невозможно причестувањето „од еден Леб и од една Чаша“, а притоа да се избегне секој физички контакт со другите луѓе. Тоа е невозможно дури и во обичниот секојдневен живот: секој производ, почнувајќи од обичниот леб, и секој предмет, почнувајќи од најобичната чаша, неминовноо минува низ многу раце додека не дојде до наши раце. Исто така, во никакви услови, па ни во услови на епидемија и пандемија, ниедно човечко битие не може да живее изолирано, без каков и да е допир и заедница со другите човечки битија, почнувајќи од семејството, како основна ќелија на општеството, па до општеството во целина. Сето ова важи и кога станува збор за Тајната Евхаристија и причестувањето со неа: лебот на предложените Дарови, кој ќе стане Леб на животот како Тело Христово, некој го меси и пече, пред и за време на Литургијата поминува низ рацете на чтецот или клисарот, а непосредно пред Причеста на верните, од светиот Путир се причестуваат епископот, свештениците и ѓаконите, и тоа со пиење од истата Чаша, без лажичка, а по Причеста на верните, свештениците и ѓаконите ја употребуваат целата преостаната содржина од Светата Причест. Според тоа, во една иста Причест, општењето не може да се избегне, па ништо не менува тоа колку лажички се употребени при причестувањето.

Во некои помесни Православни Цркви, па и во нашата, поединци се досетија да причестуваат на „првобитниот“ начин, повикувајќи се на Литургијата на свети апостол Јаков, така што верниците самите ќе го земаат светиот Агнец, натопен со Крвта Христова, за така да ја избегнат опасноста од евентуална зараза (o tempora, o mores!). Меѓутоа, премолчуваат дека нивниот начин на причестување на верниците воопшто не личи на начинот на причестување на Јакововата Литургија, на која сите причесници се причестуваат така што литургот им дава во раката честица од Светиот Агнец (значи, не го земаат сами), а потоа сите по ред по малку отпиваат од чесниот Путир, како што тоа го прават свештениците. Со други зборови, свештеникот ги причестува нив така како што епископот го причестува него. Се разбира, забораваат дека нивниот – наводно стар, а всушност, сосема нов начин на причестување, имајќи ги предвид сите свештенодејствија поврзани со Агнецот, од проскомидијата до негово кршење и сечење на честиците пред самата Причест, не ја исклучува можноста од зараза доколку се прифати тезата дека е можно да се заразиме со причестувањето, извршено на кој било начин (зашто, Боже мој, можело да се случи сите литургиски свештенодејствија да ги врши некој веќе инфициран!). Ова би било смешно да не е тажно.

Патем, ќе кажам дека и негативниот однос кон лажичката (правилно: света ложица), наводно – која не му е позната на Црквата во првите векови, не е само литургиски, туку и историски неоправдан. На самите почетоци на својот историски живот, новозветната Црква имала многу малку членови. Подоцна, бројот на христијаните постепено се зголемувал благодарејќи на систематската мисионерска активност и дејствителното сведочење на верата од страна на самите христијани. Затоа, среде новокрстените и среде оние што се причестуваат – а добро знаеме дека во раната Црква на секоја Света Литургија се причестувале сите присутни – поголемиот број го чинеле возрасни луѓе. Меѓутоа, имаме многу рани сведоштва, и тоа новозаветни, дека кон Црквата не пристапувале само поединци, туку и цели семејства. Така, во „Дела апостолски“ читаме за преобратеникот Корнилиј, римски офицер од Ќесарија, дека бил „маж благочестив и богобојазлив со целиот свој дом“ (Дела 10, 1–2), веројатно како прозелит на јудаизмот, а потоа дека бил крстен од светиот апостол Петар, без сомнеж, со „целиот негов дом“ (Дела, 10, 3–48). Во продолжение се наведува како била крстена Лидија од градот Тијатир и нејзините домашни (Дела 16, 15), како што, по чудесното ослободување на апостол Павле и Сила од затвор, се случува и со нивниот стражар: „Веднаш се покрсти тој самиот и сите негови домашни“ (Дела 16, 33), а на ист начин и Крисп, старешината на синагогата, „поверува во Господ со целиот свој дом“ (Дела 18, 8). Свети апостол Павле сведочи дека лично го крстил „домот Стефанин“ (1 Кор. 1, 16; спореди: 16, 15).

 Намерно ги подвлекуваме изразите дом, целиот дом и сите негови за да им биде јасно на сите дека станува збор за цели семејства, вклучувајќи ги, се разбира, и децата. Можеме ли да замислиме дека првите христијански семејства не ги причестувале своите деца? А дали било возможно да ги причестуваат така како што тогаш со пречесната Крв Христова се причестувале возрасните, со пиење од заеднички Путир? Секако дека не! Затоа, со мирна душа можеме да претпоставиме дека причестувањето на бебињата и на дечињата се вршело со лажичка, како и денес, а дека лажичката по многу векови била воведена и за возрасните, поради многуте причесници, што ја исклучила првобитната пракса на причестување на сите од само еден Путир. Следствено, сите овие нагаѓања за ваков или таков начин на причестување на христијаните (со една лажичка или со повеќе лажички, со нивна задолжителна дезинфекција и слично) додека трае пандемијата на коронавирусот се само замачкување очи, провиден изговор за вистинскиот став и за содржината на пораката на самоназначените „душегрижници“: тие, всушност, се против Причеста како таква, тие најрадо би ја забраниле. Иако самите не се причестуваат, а во поглемиот број случаи не се ни верници, се убија од грижа за верниците, па затоа, како „вистински хуманисти“, насила се мешаат во прашање на верата и начинот на нејзиното практикување во Црквата, правејќи се дека не знаат оти со својата интервенција ја укинуваат слободата и човековите права на своите сограѓани, иако, во принцип, се гласноговорници за тие права.

 Колку чуден феномен: атеистите би сакале да ѝ пропишуваат на Црквата што смее, а што не смее, и да ги заменат владиците и свештениците со самите себе! Всушност, под маската на грижа за луѓето, на дело е најнов облик на гонење на Црквата, незабележен во нејзината историја. Сите поранешни гонители, од Нерон до Хрушчов, ги гонеа христијаните со груба физичка сила – со апсења, мачења, затвореништво, прогонство, убивање – само затоа што веруваат во Христос. Модерните, „мутирани“ гонители практикуваат софистицирани, „хибридни“ и „мрежни“ методи, без примена на физичко насилство, ама со примена на невидено духовно насилство. Тие – иако по правило се безбожници, во најдобар случај декларативни верници – се обидуваат да ја поробат Црквата, однатре да ја контролираат, да управуваат со неа однатре, наместо нејзината боговостановена законска ерархија. Но, трудот им е залуден: Црквата никој не може да ја окупира и подјарми, ни однадвор ни однатре. Неа, според зборовите на нејзиниот Основач, ни вратите на пеколот нема да ја надвладеат (Мат. 16, 18). Нивно човечко – и само човечко – право е да не веруваат и да не се причестуваат, а наше човечко – според нас, и богодарувано право – е да веруваме и да се причестуваме.  

Ние длабоко веруваме, недвојбено, дека во Светата Причест вистински – реално, а не метафорички или симболично – се содинуваме со Христос, нашиот Господ и Спасител. За нас Светата Причест, како врв на сенародниот чин и настан на Евхаристијата, е Тело Христово, со самото тоа – Леб на животот и Крв Христова, со самото тоа, Чаша на благослов. Од ова следува и нашата вера дека таа е Лек за бесмртност, како што веќе на почетокот на 2 век по Христос ја нарекува свети Игнатиј Богоносец, и дека во никој случај не може да биде извор или причина за болест, зараза или смрт. Ако е Бог со нас – а во Литургијата и Причеста е – кој е против нас? Од кого да се плашиме? Зарем од христоборците и црквоборците, достојни за секое жалење? Впрочем, ние нив не ги мразиме, туку се молиме и за нив и им посакуваме секое добро на патот по доброто. Рака на срце, заради вистината и искреноста, мораме да признаеме дека можноста за зараза преку Светата Причест ја застапуваат – отворено или имплицитно, целосно или делумно – и некои теолози, кои себеси се сметаат за православни теолози. Ама, нив ги демантираат неоспорните историски факти, кои покажуваат дека тие немаат право и дека, за жал, полека, но сигурно, тргнуваат во правец на либерален, дури и ултралиберален протестантизам, а некои, за жал, во меѓувреме веќе еволуирале во чистокрвни протестанти од православно потекло.

 

3. Докази од опит дека Светата Причест никогаш не е пренесувач на зараза
 

Независно од ова што сега се случува со коронавирусот, во кое и да било друго време, никој не може да знае кој меѓу причесниците е здрав, а кој е болен и од што е болен. Според логиката на веќе спомнатите „душегрижници“, би требало секој свештеник веќе на почетокот од своето служење да се разболи од некоја пренослива или заразна болест и да умре, бидејќи по причестувањето на сите, здрави и болни, тој го употребува целиот остаток од Светата Причест. Сепак, сите знаеме колку среде свештениците има деведесетгодишници и стогодишници (пример: авторот на овие редови познава светогорски монах, кој во сто и седмата година од животот чекореше како момче). Еден од најдолговечните луѓе во историјата што ни е позната, беше еден александриски патријарх, кој го имаше пречекорено и старозаветниот „библиски просек“ од сто и дваесет години. А што да се каже за свештенослужителите што сиот свој „работен век“ го живеат служејќи во болници, најчесто со тешки, па и неизлечиви болни, причестувајќи се од истиот свет Путир, и пред и по нив? Како пример го наведуваме свети Порфириј Кавсокаливит, нашиот малку постар современик, кои со децении служеше во Атинската поликлиника. Треба да се спомнат и свештениците од нешто подалечното минато, кои причестувале болни од туберкулоза, тогаш неизлечива смртна болест, и потоа, по тие болни на смртна постела, докрај ја употребувале Причеста, со која претходно ги причестиле – и ништо не им било (пример: отец Венедикт Петракис во Грција, се упокои во 1961 година). Не смееме да ги премолчиме ни светите имиња на поновите руски подвижници од овој ков, како што се свети Јован Кронштатски (од крајот на 19 и почетокот на 20 век) и свети Лука (Војно-Јасенецки), Архиепископ Симферополски, лекар по занимање, еден од најугледните во советска Русија, кого еднаш директно од логор во Сибир го довеле во Москва за да оперира некој советски началник, а тој тоа го прифатил само под услов во операционата сала да има икона и пред неа да стои запалено кандило додека го оперира пациентот.

Во постари времиња, времето на доцната антика и на средниот век, во Европа беснеела чума, „црната смрт“, која голтнала повеќе од сто милиони луѓе само во Европа. Опасноста од чума не е исчезната дури и во поново време. Познат е настанот од 1830 година, кога чума се појавила во Москва и кога тогашниот Митрополит Московски, свети Филарет (Дроздов), го одбил повикот на цар Николај I Романов да ја напушти Москва и да премине на сигурно, во Санкт Петербург, по што и царот поитал во Москва за заедно со митрополитот, рамо до рамо, во црковната поворка со крстови, икони и црковни бајраци, да помине среде масата разболени, кои ги попрскувале со осветена вода. Дали треба да се нагласи дека ни митрополитот ни царот не се заразиле? Што да се каже, пак, за шпанската треска или шпанскиот грип од крајот на Првата светска војна, пандемија, која од 1917 до 1920 година однела околу педесет милиони животи? И, неодамна, во нашиот 21 век имаше широко распространети епидемии, на цела среќа, помалку смртоносни.

 Ја користиме можноста да нагласиме дека и во Источното Ромејско Царство, и во царска Русија, и во Србија, и во другите земји со православна традиција, како и на христијанскиот Запад, задолжително се вршеле црковни литии и молебни за времетраењето на некој „помор“, како што тогаш се нарекувале тешките епидемии и пандемии, додека пак, тогашните лекари, исто како и сегашните, со сите сили се бореле за живот и за оздравување на сите погодени од заразата, се разбира, согласно тогашните сознанија на медицинската наука. Се постапувало точно според Евангелието, според Христос: и молитва и медицина („ова требаше да го правите, а и она да не го оставате“ – Матеј 23, 23). И денес лекарите што имаат вера – а тие не се малкумина, ни во светот, ни кај нас – имаат обичај да кажат: „Направивме сѐ што можевме за пациентот; отсега, тој е во Божји раце“. Ова го пишуваме со свест за тоа дека сите специјалисти за сѐ – за Црквата, за државата, за науката, за политиката... – на своите „социјални мрежи“ ќе им се потсмеваат на оние што ги нарекуваат „заостанати и закоравени попови“ воопшто, а посебно на авторот на овие редови, што нему ни најмалку не му пречи (напротив, нивната пофалба би ја доживеал како укор). Да нема недоразбирање: нашиот акцент не е на тоа дека свештените лица не умирале од чума, колера, шпанска треска, САРС и други заразни болести – умирале, туку на тоа дека тие не умирале затоа што се причестувале од иста Чаша и на ист начин како тогаш неизлечивите болни. Според нашето најдлабоко убедување, ни тие болни не умирале поради Светата Причест, туку од други причини и други извори. Страшен конкурент на чумата во текот на вековите, сѐ до неодамна, беше лепрата. Таа, можеби, била поужасна, зашто убивала поспоро, но за возврат, на своите жртви сосема им го уништувала животот, кој одвај наликувал на живот на човек како боголико битие.

Ќе наведеме еден потресен пример од блиското минато. Во Грција, јужно од Крит, постои островчето Спиналонга. Тоа од 1905 до 1957 година било место на очај и смрт: било место на кое сами, изолирани, изопштени и напуштени, живееле лепрозни. Логорот за лепрозни бил распуштен дури откако болеста станала излечива. Англичанката Викторија Хислоп, за тоа место на тага и ужас, напишала прекрасна книга, со наслов „Остров“, а луѓето го нарекувале и „остров на живите мртовци“ или „остров на смртта“. Во 1947 година на островот се појавил еден строг подвижник и човек со непрестајна молитва, свештеномонахот Хрисант Кацулојонакис, кој во дотраената црквичка отслужил Литургија. Никој од лепрозните не ни ѕирнал во црквата, а многумина му довикувале навредливи и богохулни зборови. Кога, чудо, по неколку дена, тој повторно се појавил во црквичето и повторно служел. Тогаш му пришол еден лепрозен и му рекол: „Ако денес заедно се причестиме, ќе доаѓам в црква“. „Договорено“, одговорил Старецот. Откако го причестил лепрозниот, тој, како и секогаш, употребил сѐ што останало од Светата Причест. Кога дошол следниот пат, неговите трагични „парохијани“ очекувале дека ќе го видат таков какви што се тие самите. Но, тој и понатаму бил здрав и бодар. Оттогаш сите лепрозни од Спиналонга доаѓале на богослужба и сите се причестувале, а отец Хрисант, според прописот, ја употребувал Светата Причест по лепрозните, од истиот Путир. И, тоа траело полни десет години! За целото тоа време, тој никогаш од ништо не се разболел, иако имунитетот сигурно му бил за никаде (никогаш во животот не вкусил месо, а во текот на постот јадел еднаш дневно, малку некоја трева, и пиел малку чај). Кога во 1957 година лепрозните заминале, тој останал таму сам уште две години (според некои, и повеќе) за да ги одржува гробовите на починатите и се молел за покој на нивните души. Се упокоил на Крит во осумдесет и втората година од животот.

Би можеле да наведеме колку што сакате примери, но ќе се ограничиме само уште на два-три. Први меѓу нив се светиот владика Николај и свети ава Јустин. Последниот, некои триесетина години секојдневно служеше Света Литургија во манастирот Ќелии крај Ваљево, секојпат употребувајќи ја Светата Причест по причестувањето на сите присутни на службата, а знаеме колкава старост доживеа. Грев е да не ги спомнеме и некои други исповедници и подвижници на Православието од наше време – светиот владика Варнава (Настиќ), блаженопочинатиот патријарх Павле, старец Тадеј од Витовница (кој почина во Бачка) и други познати и непознати. По правило, избегнуваме да спомнуваме некои домашни, сѐ уште живи современици, ама овојпат ќе направиме исклучок. Како олеснувачка околност го наведуваме тоа дека баравме одобрување од својот постар брат и собрат, жив, фала Богу, здрав и крепок, да го спомнеме во овој осврт, и тоа дека одобрување и благослов добивме. Се работи за Митрополитот Црногорско-приморски Амфилохиј. Од својата младост, додека бил архимандрит во Атина, па во своите зрели години, додека бил Епископ во Банат, и денес, во поодминати години, како Митрополит на Црна Гора, Брдо и Приморје, владиката Амфилохиј секогаш лично го причестува сиот присутен народ на Светата Литургија на која служи, без обѕир на често големиот број причесници. Кога ќе го причести и последниот, тој веднаш, пред сите, повторно ја зема лажицата и со неа повторно ја зема Причеста, за да не се случи некоја света честица или капка да падне на под, значи од предострожност, поради можна невнимателност или неопитност на некој од причесниците. Се прашуваме: дали поради таквата пракса некогаш се разболел или тоа е една од причините дека секогаш бил – и, фала Богу, до ден-денес остана – здрав и крепок човек?

Еве уште едно сведоштво од наше време! Архимандрит Симеон (Анастасијадис), исто така наш современик, свештеник при болницата „Свети Павле“ во Солун, во текот на цели десет години, на почетокот на своите кажувања, пишува: „Кога ме викаат да причестам некој болен во болничка соба или дури и во одделението за интензивна нега, не можам да знам од што тој боледува. Моја обврска е да го причестам...“ Потоа наведува три случаи. Прв случај: требало да причести момче, чија усна шуплина била целата во рани. Болниот го замолил: „Оче, ако е можно, причестете ме со лажичка која ќе биде употребена само сега!“ На убедувањето на отец Симеон дека не треба да се плаши од никаква зараза, момчето му одговорило: „Оче, јас ова го барам заради Вас, зашто мојата болест е сериозна, а се пренесува“. На тоа, отец Симеон му објаснил да не се грижи, зашто за свештеникот што ги причестува болните нема опасност од зараза. Момчето тогаш се прекрстило, ја примило Светата Причест, а отец Симеон го употребил остатокот, од истиот Путир и со истата лажичка. Втор случај: еден тешко болен човек, уште и дементен, ја исплукал Светата Причест. Отец Симеон го направил единственото нешто што било можно и исправно: самиот веднаш ја употребил таа Причест. Трет случај: го повикале да причести човек на смртна постела, а еден лекар му пришол и со шепот му рекол: „Оче, тој има сида“. Отец Симеон само се прекрстил, го причестил болниот и го употребил остатокот од Причеста, како и секогаш. Во продолжение на своето кажување, отец Симеон се повикува и на свештеници и на лекари, како сведоци, дека по причестувањето, на многумина болни, дури и на оние најтешко болни, им било подобро, а некои, дури и такви со неизлечива болест, на чудесен начин оздравувале. Понекогаш, кога болниот бил во кома или во таква состојба да не може да се причести, тој крстообразно ќе го благословел со светиот Путир, и на болниот му станувало полесно, а понекогаш дури и почнувал забрзано да се опоравува. „Тоа, нагласува тој, го гледав со свои очи и пред многу сведоци“. За сето ова, како и за своето добро здравје, тој даваше кратко, едноставно, ама богословски совршено објаснување: „...Во Светата Причест, ние не користиме лажичка, туку света ложица, а не користиме чаша, туку свет Путир, света Чаша“. Овој чесен свештенослужител, својата духовна зрелост ја покажува и со тоа што не ги осудува оние што се плашат дека болестите се пренесуваат преку причестувањето. „Јас сосема ги разбирам, зашто тие не веруваат, и ги оправдувам, зашто Светата Причест е прашање на вера, а не прашање на научен експеримент“.

Исто вакво сведочење среќаваме и кај отец Стефан Далијанис, кој веќе четириесет и осум години служи како болнички свештеник во болницата за заразни болести во Западна Атика, во местото Егалео (денес предградие на Атина). Треба ли да се истакне дека овој совесен свештеник, до овој час, не само што е жив, туку е здрав, ведар и крепок?

Посебно е трогателно сведоштвото на владиката Макариј (Тилиридис), Митрополит на Најроби и егзарх на Кенија, од 11 мај оваа година, теолог и познат и признат во цела православна и христијанска вселена, кој веќе четириесет и три години дејствува како мисионер во Африка. За целото тоа време, никогаш не се случило со Светата Причест да се пренесе некаков вирус, иако во Африка владеат многубројни болести, често смртоносни, а Светата Литургија се служи во околности незамисливи за Европа – во некаква импровизирана куќа или колиба, без основни хигиенски услови, или едноставно под некое дрво – така што во светиот Путир може да паднат и разни инсекти, а за микроби и да не трошиме залудно зборови. Новообратените православни христијани од разни племиња покажуваат жива вера како првите христијани и сите или речиси сите се причестуваат на секоја Литургија. „Јас во Африка, уште како мирјанин, секогаш се причестував последен, по болните, и никогаш, фала Богу, ништо не ми се случило. Подоцна, откако станав епископ, безброј пати сум ја употребил Светата Причест по сите други причесници. Во светиот Путир е Христос...“, вели овој Божји човек и додава дека оспорувањето на живоносниот и спасоносен карактер на Светата Причест претставува дрскост (úврис, хибрис) и хула на Бога (власфимúја, бласфемија), како и неправда кон историјата на Православната Црква.

Не можеме а да не спомнеме уште еден скорешен настан, кој ја потврдува истата света вистина за Православната Црква. Пимен, деведесеттогодишен Архиепископ на градот Сучава во Молдавија (Романија), беше позитивен на тестот за корона. Во званичното соопштение на манастирот посветен на новомаченикот Јован Трапезунтски, во кој се наоѓа владиката Пимен, наведува дека тој служел за Велигден и во Светол понеделник. Бидејќи не се чувствувал добро од почетокот на Страсната Седмица, сместен е во болница во Светол понеделник. По лавина медиумски обвинувања поради овој случај, од лабораторија стигнаа резултатите од тестовите на сите манастирски отци, како и на мирјаните, што работат во манастирот. Од сите нив, позитивен бил резултатот само на еден ѓакон, кој единствено не се причестил од заедничкиот Путир, кој го држел владиката! Имено, тој ѓакон, за време на Литургијата имал послушание на клисар. Освен сите монаси, тестирани биле и дваесет и пет свештеници на Архиепископијата, кои биле во контакт со владиката и ниеден од нив нема вирус! „Така Бог одлучи, поради оние млаки во верата, кои не сакаат да сфатат дека Светата Причест е Светата Крв и Тело Христово, извор на живот и благодат“, се наведува во званичното соопштение на манастирот. Вистината дека Светата Причест е извор на здравје, и душевно и телесно, а никако извор на болест, можат да потврдат секој ѓакон и секој свештеник, без исклучок, бидејќи, како што нагласивме, тие по сите, од ист Путир и со иста ложица (лажичка), го употребуваат остатокот од Светата Причест.

Искуството на свештенослужителите, секако, не е различно од искуството на кој било верник. „...Црквата верува дека верните, станувајќи преку Причеста едно тело со Христос, и така доаѓајќи во допир со Неговите божествени енергии, не само што не можат да се заразат преку Светата Причест, туку таа е извор на живот и здравје“, пишуваше во свое време блаженопочинатиот патријарх Павле во огледот „Дали треба да се брише лажичката по причестувањето на секој верник?“, на што тој одговара дека не треба. Притоа, тој се повикува на сведоштвото на свети Јован Кронштатски, исклучителен литург, чудотворец и исцелител, кое гласи: „Колкупати имав можност да видам болни, стопени како восок од болеста, сосема малаксани, како умираат, а кои по причестувањето со Божествените Тајни, по своја усрдна желба или по мој совет, на чудесен начин, многу брзо се опоравуваа“. Патријархот Павле, кој сигурно не богословеше спекулативно, чисто „академски“, туку благодатно-подвижнички, со озареност и просветлување од Светиот Дух, како историско образложение на својот став по ова прашање, го наведува исказот на Јован Бута, уредник на весникот „Православие“ во Карловачката митрополија: „Јас не се плашам од инфекција при причестувањето, а сѐ уште не сум слушнал дека некој свештеник бил заразен на тој начин“ (подвлечено од авторот на овој текст). На нашето тврдење дека за две илјади години христијанство никогаш никој не се заразил со Светата Причест – зашто ако било така, тоа на непријателите на христијанството би им било „крунски доказ“ против него! Од една адреса, формално богословска, а реално нецрковна, ако не и антицрковна, следеше прашање: која стручна и научна анализа докажува дека стварно никој никогаш не се заразил причестувајќи се? На тоа богохулно прашање, одговараме со контрапрашање: а која, пак, анализа го докажува спротивното? Не е излишно да повториме: имало, има и ќе има свештенослужители што умреле од некоја зараза или од неизлечиви болести (кардиоваскуларни, канцерогени, дијабетски и други), но не затоа што служеле Литургија и се причестувале, туку од истите причини од кои умираат и другите луѓе, погодени од истите тие болести.  
 

4. Богословско втемелување на црковниот опит

 
Истовремено, како богословско втемелување на својот став, патријархот Павле го наведува Христовото и новозаветното учење за Христос како Леб Небесен, од кого човек, јадејќи го, живее вечно (види: Јован 6, 58), а во продолжение се повикува на три, и повеќе од јасни светоотечки толкувања:

1. Оној кој достојно се причестува со Телото и Крвта на Христос Животодавецот, станува сотелесник и еднокрвен со Него (свети Кирил Ерусалимски);

2. „Малку квасец целото тело ќе го вподоби на себе: така и со Бог обесмртеното Тело Господово, кога е во нас, сѐ претвора и менува според себе“ (свети Григориј Ниски);

3. Црквата, причестувајќи се со Телото и Крвта Христови, „не ги претвора нив во човечко тело, како што е со која било друга храна, туку таа (Црквата) се претвора во нив, бидејќи појакото надвладува; како што железото, ставено во оган, и самото станува оган и не го претвора огнот во железо, и како што усвитеното железо не го гледаме како железо, туку само како оган, зашто особините на железото моментно се губат поради огнот, така и Христовата Црква, кога некој би можел да ја види тогаш кога се соединува со Него и се причестува со Неговото Тело, не би видел ништо друго освен Господовото Тело“ (блажен Никола Кавасила).

Во истиот овој дух богословствува и угледниот грчки свештеник и теолог, др. Никола Лудовикос. И тој, секако, се повикува на Светите отци на Црквата. Прво го наведува класичното место од Посланието до Ефесјаните на свети Игнатиј Богоносец, во кое, за првпат во богословската книжевност, се употребува „медицински“ термин за Светата Причест – Лек за бесмртност, Лек што ни е даруван нам, луѓето, според свети Игнатиј, „за да не умреме, туку да живееме во Бог преку Исус Христос“. Истовремено, и Лудовикос се повикува на Никола Кавасила, според чии зборови Христос во Светата Евхаристија, преку Светата Причест, станува за човекот сѐ: „...Тој е и Светлина и здив, Тој создава око за да можат луѓето да Го видат, и ги просветлува со Него, им се дава да Го видат; Тој е и Хранител и храна, Тој е Леб и го дава Лебот на животот, Тој е и тоа што се дава...“ Додава и една прекрасна песна на оваа тема, од „Химна на божествената љубов“ на свети Симеон Нов Богослов:

Твоето Тело пречисто, божествено,

целото блеска од огнот на Твоето Божество,

неискажливо помешано, соединето,

дарувај ми го, Боже мој,

а ова нечисто и трулежно тело,

со Твоето сечисто Тело соединето,

и крвта моја, помешана со Крвта Твоја,

се соедини, знам, и со Божеството Твое

и станав Твоето најчисто Тело,

светол и вистински свет дел,

дел озарен, прозрачен и сјаен.

 
Бидејќи со Светата Причест се остварува единство на Христос и Неговите верници, кои, според Кавасила, го надминува секое овоземно единство, професор Лудовикос со целосно право заклучува дека „Чесните Дарови, дури и ако претрпат надворешно влијание (како, на пример, мувла) или ако ненамерно (или и, хипотетички, злонамерно) се помешаат со вируси и микроби, постоечката благодат не дозволува тие да бидат штетни за здравјето на верниот“, како причесник на обоженото Тело Христово, што не е ништо друго туку Царството Божјо.

Слично за Светата Причест се изразува и преподобен Порфириј Кавсокаливит: „Би било природно и служителот и верникот да умрат живеејќи толку блиско до Тајната, толку блиску до Сонцето. Но, многумилостивиот Бог така благоволи и, слушни ја сега оваа страшна работа, веќе живее во нашата ништовност“ (тука светиот Старец заплакал, според сведоштвото на д-р Георгиј Папазахос, професор по кардиологија на Атинскиот универзитет, неговиот личен лекар). Според свети Порфириј, заминувајќи од Светата Литургија, заминуваш како христоносец.

Овде би можеле да наведеме уште многу изјави на светогорски монаси, наши современици, со кои тие ја исповедаат верата во Светата Причест како Лек за бесмртност, но е повеќе од доволно ако ги наведеме основните пораки на званичното соопштение на Свештената општина на Света Гора Атонска, нејзиниот највисок духовен и управен орган, од 13 мај оваа година: „Светата Причест претставува извор на осветување, спасение, светлина и учество во животот Господов. Таа во никој случај не може да биде причина за пренесување заразни болести или за некое друго зло. Тоа го сведочи вековното искуство, тоа е сознание и учење на нашата Црква, во тоа непоколебливо веруваме како христијани и нејзини верни членови. Црквата била и останала давател на вечни добра, на Телото Христово и Крвта Негова, преку која можеме да се соединиме со Распнатиот и Воскреснат Христос, победувајќи ја смртта“. Во продолжение на своето соопштение, Свештената општина ги истакнува етичката, правната и цивилизациската димензија на денешната политичко-медиумска кампања против Светата Причест: „...Сегашната пандемија и борбата против неа не треба да ја поврзуваме со можноста за учествување на верниците во Светите Тајни на Православната Црква, за да не добиеме како резултат на тоа ограничување на верската слобода и на христијанското богослужење“.

Во истиот овој дух, Светиот Синод на Грчката (Еладска) Црква, званично, во своето окружно послание до клирот и народот, од 10 април оваа година, изјавува: „Привремениот прекин на нашите богослужбени собранија, во никој случај не значи дека го прифаќаме гледиштето на оние што тврдат дека пренесувањето на коронавирусот се остварува и преку Светата Тајна Евхаристија. Светата Евхаристија за верните претставува извор на Живот и Лек за бесмртност. Тој што се причестува со Телото и Крвта Христови, добива преобилен живот, а не смрт“. Потоа додава: „Никој, впрочем, не се разболел поради своето учество во Светата Тајна Евхаристија... Тие што се надвор од животот на Црквата не можат, се разбира, да ја разберат оваа наша вера, зашто се лишени од искуството на Светата Причест...“ Истиот став го застапува и Светиот Синод на Српската Православна Црква. „Почитувајќи ги значењето и достигнувањата на медицината, која ја смета за голем Божји дар и голем човечки подвиг, таа на своите верници им го нуди и единствениот Лек за бесмртност, Светата Причест...“ (соопштение за јавноста од 16 март оваа година). „Неразумно е и крајно злонамерно очекувањето на оние што ниту доаѓаат в црква ниту се причестуваат дека самата Црква ќе им го одземе на своите верници она што е за неа и за нив најважно и најсвето – Светата Причест“ (соопштение за јавноста од 23 март оваа година). „Црквата нема да го прекинува служењето на Светата Литургија, ниту ќе престане да ги причестува верниците, зашто тоа е нешто за кое не може да се расправа: таа претставува основа на нашата вера во Живиот Бог. (...) Не е ризик Светата Причест (напротив, неа ја примаме, покрај другото, и за исцеление на душата и на телото), туку реално присутната опасност од вирусот, независно од Причеста, поради неговата експанзија на секој чекор...“ (соопштение за јавноста од 28 март оваа година).

Истиот став го зазема и Епархијата (или Митрополијата) црногорско-приморска: „...Се причестуваме со Телото и Крвта на Господ и Бог и Спаителот наш Исус Христос за исцеление од сите вируси, за здравје и спасение на душата и на телото и за стекнување вечен живот. (...) Кога е во прашање одговорниот однос кон нашите ближни, а земајќи ја во обѕир заканувачката зараза, свесни сме дека има очекувани и природни разлики меѓу верните луѓе и оние што во црковниот обред не гледаат ништо суштински важно. На првите, литургискиот собор, со задолжително учество на крстени луѓе во него, им е – извор на сила и храброст пред искушенијата, а на другите, само – зголемен извор на можна зараза (!?). Иако вековното искуство ни зборува за тоа дека литургиските собири со причестување на верниците секогаш носеле нова народна сила, ги јакнеле љубовта и трпението, а никогаш никого не заразиле (како во екот на некогашните болести: чума, колера, треска, така и во наше време на современи вируси), кај дел од јавноста, како и кај врвот на владејачките структури, превладува страв од она што никогаш не се случило. (...) Според прецизните упатства и совети на блаженопочинатиот патријарх српски Павле, кои ги дал врз основа на учењето на Светите отци и на црковното Предание, ниту некогаш било, ниту може да биде дека верен и крстен човек ќе се зарази преку светиот Путир и лажичката со која се причестува. Разбираме дека тоа на нецрковните луѓе им е туѓо и далечно, но токму поради тоа Црквата никогаш никого не присилувала, ниту повикувала, над своите совест и слобода, да учествува во вакво богослужење. А, ако некој доаѓал слободно и по вера – на тоа место не се заразувал, туку духовно се поткрепувал. (...) Црковните собири на верните луѓе можат да придонесат само за сеопштото здравје и отпорност, така што тие ни под какви околности, во ниеден сегмент, не можеле да бидат извори, ниту пренесувачи на зараза“ (соопштение за јавноста од 23 март оваа година).  

На сличен начин се огласија и другите наши епархии. Нека не ни биде запишано како грев на нескромност, но ќе го наведеме и аналогниот пасус од соопштението на Бачката епархија, од 22 март оваа година: „На верните им нагласуваме дека Светата Причест е остварување на онаа иста заедница со Господ, која во полнота нѐ чека во Царството Небесно, и дека Христос навистина е вистинскиот и конечен Лекар на нашите души и тела, па така Телото и Крвта Господови никако не можат да бидат причина за каква било болест, ниту пренесувачи на зараза, но Светата Причест, истовремено, не претставува магиска заштита од вируси и од заразни болести, кои ни се закануваат од друга страна – вон светиот Путир – при доаѓањето во храмот, или при враќањето дома, или при престој во заразени средини“.

На ист начин звучат и поединечните или заедничките изјави и пораки на нашите архиереи. На прво место ја упатуваме пораката на Митрополитот Црногорско-приморски г. Амфилохиј и на Епископот Будимљанско-никшиќки г. Јоаникиј, од 21 март оваа година, во која, покрај другото, го читаме и ова: „Црквата Христова своите богослужби не ги запирала ни во далеку потешки услови, за време на средновековната чума, времиња на колера и треска, па ни за време на скорешните епидемии од крајот на 20 и почетокот на 21 век. И никогаш, во тие околности, не се случило преку црковните собири или во врска со нив да се пренесе каква било заразна болест“. Можеби, повторно, не сосема прилично, ќе го наведеме и својот одговор на прашањето на Елена Тасиќ, новинарка на весникот „Данас“, од 27 март оваа година, во кој тврдиме: „Заразата се добива на разни начини, посебно ако не се почитуваат инструкциите на државата и на медицинската струка, а тоа ги погодува и свештените лица. Од Причеста, за две илјади години, никој не се заразил, па ни свештеници што причестувале лепрозни, туберкулозни и други заболени, од некогаш неизлечиви заразни болести. Ако е проблемот во богослужењето и причестувањето, како тогаш се заразуваат такви кои никогаш не влегуваат в црква, а камоли да се причестуваат?“ Во истото интервју изјавуваме дека „лишувањето на христијаните од потребата за причестување, во храмот или дома, е опција која во Црквата не се разгледува ни како теоретска можност“. Во продолжение на интервјуто додаваме: „Синодот не располага со прецизни податоци од разни епархии на нашата Црква, но непрекинато, преку службени акти и јавни соопштенија, апелира до сите ситуацијата да ја сфатат крајно сериозно и да се придржуваат до задолжителните препораки на лекарите, јунаците на нашето време, и до одлуките на државните власти, како нашите така и другите каде што живее нашата Црква и нашиот народ, притоа не правејќи лоши компромиси кога е во прашање богослужбениот живот на Црквата, а, пред сѐ, човековото и уставно право на сите граѓани што тоа го сакаат, да се причестуваат, при што, доколку сме сите одговорни и како верници и како граѓани, треба и ова да го правите, но и она да не го оставате, според зборовите Христови (Лука 11, 42).

Исто или слично, но секогаш еднозначно, пишуваат и нашите проверени теолози. Така, професор др. Здравко Пено, во текстот под предизвикувачкото заглавје „Тајната на Причеста и болеста вирусоманија“, објавено на порталот „Видовдан“, на 13 април оваа година, пишува: „Обичната храна станува наше тело, а причестувајќи се, човекот станува она што го јаде – Тело Христово. Значи, станува збор за сосема различни метаболизми: потрошувачки и евхаристиски. Затоа, крајно безбожно е да се поистоветуваат, зашто со тоа верата во Тајната Евхаристија се обесветува, како што себеси се обесветува оној што верата ја оградува со сомнеж дека може да се зарази со Светата Причест“.

Кога би продолжиле со наведување на вакви текстови од светоотечката литература, званичните одлуки и соопштенијата од помесните Православни Цркви, вклучувајќи ја и нашата, како и на студиите и расправите на автентично православните современи теолози и духовници, овој наш скромен спис – замислен како осврт на дискусијата на денешните православни и „новоправославни“ (не велиме, како некои, „НАТО-православни“) теолози за причестувањето во услови на епидемија или дури и пандемија на вирусот Ковид-19, и онака веќе преопширно за модерните писателски и читачки стандарди – целиот тој материјал би се претворил во повеќетомен зборник. Затоа, се откажуваме од понатамошно наведување на вредни и значајни искази од туѓи и домашни автори, кои се огласија на оваа тема.
 

5. Светата Причест – историска и есхатлошка реалност

 
Од сето погоре кажано, следува дека Светата Причест не е „ритуално консумирање храна и пијалок“ (како што, први во историјата, се изразија високите функционери на владеечкиот режим во Црна Гора), туку „најголема светиња што ја примаме“, како што пишува светиот, боговдахновен и изразито евхаристиски теолог, ава Јустин Поповиќ. Поинаку и не може да биде, зашто првата Евхаристија ја служел и првата Причест на присутните (во конкретниот случај, на Своите апостоли) им ја дал Самиот вечен Основач и Првосвештеник на Црквата, Богочовекот Исус Христос. Еве го историското сведоштво за тоа: „И кога јадеа, Исус зеде леб, го благослови и рече: ’Земете, јадете, ова е Моето тело‘. И како ја зеде чашата, заблагодари, даде и им рече: ’Пијте од неа сите, зашто ова е Мојата крв на Новиот завет, која се пролива за мнозина, за простување на гревовите‘“ (Мат. 26, 26–28; види: Марко 14, 22–24; Лука 22, 19–20 и 1 Кор. 11, 23–26). Своевиден и потполно соодветен коментар на ова сведоштво дава свети апостол Павле во облик на две реторички прашања, кои со самото тоа се и потврден одговор на нив: „Чашата на благословот, која ја благословуваме, не е ли општување со крвта Христова? Лебот, што го кршиме, не е ли општување со телото Христово?“ (1 Кор. 10, 16). Од таа прва Света Евхаристија и прва Света Причест на Тајната Вечера Христова, па сѐ до денес – а така ќе биде и до крајот на историјата и во животот на „идниот век“, – се служи Света Литургија и на неа христијаните се причестуваат со Телото и Крвта Христови, со тоа што во идниот „незалезен ден“ на Царството Божјо ќе се причестуваат уште поприсно, уште попотполно, во што нѐ убедува едно од литургиските благодарења по Светата Причест. Кога Црквата би престанала да служи Литургија, чија смисла и врв е Светата Причест, таа би престанала да постои, а тоа не е можно.

Меѓутоа, сега се појавиле „новоправославни“, „либерални“, „модерни“ теолози – теолози се затоа што се занимаваат со прашањето за Бог, ама не се особено православни, а во екстремни случаи се протестанти со православно потекло – кои го оспоруваат учењето на свети Игнатиј Богоносец за Светата Причест како Лек за бесмртноста и ја застапуваат тезата дека Светата Причест не е „медикамент за привремено излекување“ овде и сега, туку пред сѐ (или независно од сѐ?), „залог за воскресение и конечно целосно исцеление“, на што нѐ поучува или, можеби, подучува еден прота од „светосавска Херцеговина“, без сомнение cum permissu superiorum (со дозвола на своите претпоставени). Според неговото мислење, Причеста не треба да ја доживуваме „како некој лек за нашите телесни болести, зашто таа, пред сѐ, не е тоа!“ И, понатаму: „Таа не е никаков мелем, во смисла дека ги исцелува нашите болести“. Исцелувачката моќ на Причеста е, според овој автор и според другите „новоправославни“ автори, фикција во реалниот историски контекст и претставува само израз на нашата надеж во нејзината идна есхатолошка исцелителска моќ, бидејќи е „залог“ и „почеток“ на идниот живот. Овде, всушност, се застапува тезата за непостоење на врска меѓу историјата и есхатологијата. Отсуствува искуството и учењето на Црквата за есхатолошкиот карактер на историјата, според која и времето на Христовиот овоземен живот ги претставува „последните дни“, и за проникнувањето на историјата и есхатологијата веќе овде и сега, така што еден и ист Христос веќе дошол, во секој миг доаѓа и ќе дојде во иднина, а ние Му се молиме: „Дојди, Господи Исусе!“ (Марáн атá: Откр. 22, 20).  Се заборава дека Христос Господ и Седржител, „Кој е, Кој бил, и Кој иде“ (Откр. 1, 8). Радо прифаќајќи ја поставката дека Причеста не е обичен „медикамент од овој свет“, а особено не е „амајлија“ и магиско средство, се придружуваме на прашањата на господинот прота: „Што е Причеста? Како, тогаш, велиме дека Причеста е на здравје за душата и за телото?“ Дали се работи само за „конечно целосно исцелување“ во идното Царство,  без врска со нашиот конкретен, овоземен живот и опит? Зашто, тој, всушност, го тврди тоа: „... Кога имаме некоја болест, бубрежна, стомачна или каква било друга, штом се причестиме, тоа не е поминато...“

Како одговор на прашањето и теоријата на „новоправославното“ – па уште и „научно“ богословие, нека ни послужат самите литургиски текстови на нашата Црква, зашто тие се како lex orandi најавтентичен израз на искуството што го нарекуваме lex credendi. Најпрво, би поставиле неколку прашања, на кои радо би слушнале одговори на вера, а не на безблагодатен разум:

– Дали Христос, Кој исцелил толку болни, исцелувал реално, историски проверливо, или привидно, само есхатолошки убедливо?

– Дали Неговите апостоли исцелувале луѓе како што исцелувал Тој или не?

– Дали светите угодници Божји, од најстарите, па до најновите времиња, исцелувале луѓе како и Тој или не?

– Дали денешните угодици Божји, знајни и незнајни, исцелуваат луѓе како и Тој или е тоа само „наратив“ од застарените „Житија на светите“?

– Како да се сфати Христовото ветување дека оној што верува во Него ќе врши дела која Тој ги вршел, па дури и „поголеми од нив ќе врши“ (Јован, 14, 12). Или, Неговото ветување дека христијаните ќе полагаат раце на болни и тие ќе оздравуваат? (Марко, 16, 18). Или, Неговото ветување дека христијаните „и ако нешто смртоносно испијат, нема да им навреди“ (Марко, 16, 18). Патем, како може причесната Крв Христова некому да му наштети? Не е, белки, смртоносна? Или, можеби, како што нѐ учи Самиот Христос, е живоносна и животворна, појака од сите вируси, бактерии, зарази?

– Што значи „дарот на лекување“ преку силата на Духот Свет, за кој зборува светиот апостол Павле? (1 Кор. 12, 9).
 

6. Богослужбени аргументи дека Светата Причест е
Лек за бесмртноста, сега и секогаш

 
Сега, еве куп богослужбени текстови, кои даваат црковен одговор на поставените прашања, можеби, не доволно „прогресивен“ и „научен“, ама за православните христијани нормативен и формативен.

1. Во молитвеното правило пред Светата Причест, христијанинот се моли: „Нека Светото Твое Тело и чесна Крв, милосрден Господи, ми бидат Леб на вечен живот и исцелување од разни слабости и болести“ (канон, песна прва, тропар прв). – „Пресвета трпезо на Лебот на животот, Кој од милост слезе одгоре и му дава нов живот на светот, удостој ме сега и мене недостојниот со страв да вкусам од него и да бидам жив“ (канон, песна трета, Богородичен). – „О Господи Исусе Христе, Боже мој, да не ми биде за осуда причестувањето со Твоите пречисти и животворни тајни, да не биде ова болест на душата и на телото...“ (молитва прва, на свети Василиј Велики). – „Удостој ме да се причестам без осуда со пречистите, бесмртни, животворни и страшни Твои тајни, за прошка на гревовите и за вечен живот, за осветување, просветување, сила, исцеление и здравје на душата и на телото...“ (молитва деветта, на свети Јован Златоуст).

2. На самата Литургија, пред самата Причест, литургот, епикопот или свештеникот, се моли во име на целокупното собрание, со исти или со слични зборови: „Да не ми биде Причеста со Светите Твои Тајни, Господи, за суд или осуда, туку за исцелување на душата и на телото“ (Златоустова Литургија). – „А ти, Владико, Светињите кои се пред нас раздели ни ги на сите нас за добро, секому според неговата потреба: плови со оние кои пловат, патувај со патниците, исцелувај ги болните, Лекару на нашите души и тела“ (истата Света Литургија). – „Болните исцели ги... зашто си Ти, Господи, ... Лекар на болните“ (Василиева Литургија). – „О Боже наш, направи така никој од нас да не биде виновен пред овие страшни и небесни Тајни, ниту болен со душа и тело...“ (истата Света Литургија).

3. По Светата Причест, се повторува истиот лајтмотив: „Ти благодариме, Господи Боже наш, за причестувањето со Твоите свети, пречисти, бесмртни и небесни Тајни, кои си ни ги дал како добродетел, за осветување и исцелување на нашите души и тела“ (Василиева Литургија, благодарење по Светата Причест, во кое, на крајот, уште еднаш се повторува синтагмата за исцелување на нашите души и тела). Во молитвеното правило по Светата Причест, се продолжува во истиот овој дух: „... Дај да бидат (Светите Тајни) и за мене за исцеление на душата и на телото...“ (молитва прва). – „Ова Свето причестие да ми биде за радост – здравје и веселба...“ (молитва четврта). – „... Удостој ме до последниот час неосудено да го примам осветувањето од пречистите тајни за исцеление на душата и на телото...“ (молитва петта).

Во врска со ова, не е отпатно да се спомне дека Црквата има и посебна Света Тајна, Тајната на елеосветување (народски кажано „светење масло“), востановена токму за враќање на здравјето, и дека во неа, од почеток до крај, постојано се бара исцелување на душата и на телото, при што Господ секогаш дарува оздравување на душата, а не секогаш на телото, во зависност од Неговата Промисла, зашто Тој најдобро знае што е во дадениот момент најкорисно и најспасоносно за болниот. Освен тоа, дури и при обично помазување со благословено масло („миросување“) од петтолебницата или од кандилото, неизоставно се користи формулата за исцеление на душата и на телото. Исто така, по отпустот на Светата Литургија и на другите богослужби, свештеникот обично го додава и овој или сличен неформален, традиционален молитвен поздрав до присутните верници: „Нека ви е на здравје и спасение!“ Патем, сите овие подвлекувања при наведувањето на богослужбените текстови, кои се однесуваат на оваа тема, му припаѓаат на авторот на овие редови, а имаат за цел да истакнат како Црквата – по духот и словото на својата Литургија, рамнозначна на духот и словото на нејзиното Свето Писмо, – не е само „попатна станица“ или „превозно средство“ кон Царството Божјо, како што мисли еден претставник на „научната теологија“, туку самото тоа Царство, кое, навистина, сѐ уште желно го исчекуваме, ама кое е веќе „дојдено во сила“ (Марко 9, 1). Со самото тоа, покрај сѐ друго, Црквата е Работилница на спасението и најголемо Лекувалиште, најдобрата Болница, вистинска Бања Витезда („Дом на милосрдието“ Божјо).

Ги молиме братот читател и сестрата читателка, овој наш исказ никако, за ништо и по никоја цена да не го протолкуваат низ призмата на „прогресивното“ и „научното“ богословие, како апстрактно, метафорично и, во најдобар случај, симболично укажување на идната, есхатолошка состојба на нештата, ирлевантна за состојбата на нештата овде и сега. Ја признаваме есхатолошката димензија на битието и животот на Црквата, ама ја признаваме и историската димензија на нејзиното битие и живот. Ја признаваме есхатологијата, ама не и есхатомонизмот и есхатоманијата. Ја признаваме есхатолошката полнота на исцелението и спасението, ама ја признаваме, ништо помалку, и нејзината реална антиципација, нејзиниот Залог и нејзиното Оприсутнување. Значи, станува збор не само за есхатолошки настани, кои „ќе бидат“, туку и за историски настани, кои биле и се. Тоа значи: Христовите, апостолските и светителските исцелувања се, пред сѐ, историски настани, а нивната внатрешна духовна порака е дека нивната конечна и целосна смисла ќе се открие во Есхатонот. Уште повеќе што Светата Литургија на Светата Црква Христова има реален исцелителски потенцијал, а тој својот врв го постигнува во Светата Причест, во најдлабоко можно соединување со Самиот Христос.


7. Богословско-научната „симфонија“ за Светата Причест

 
Во наши дни, меѓутоа, постои уште една пособлазнива појава: евхаристискиот Христос се најде под микроскоп, на барање на теолозите (се разбира, либералните, прогресивните, отворените за дијалог со „науката“, поточно со неопаганската божица Наука), за што вдахновено пишуваат поедини свештеници и теолози, повикувајќи се на авторитетите од светот на науката. Интересно е дека на идеја со помош на микроскоп да се провери присуството или отсуството на микроби и вируси во Чашата на Причеста не дојдоа епидемолозите, туку „еманципираните“ теолози, такви, кои се добродојдени во „добродетелниот нов свет“ и во неговиот „нов светски поредок“. Тие покажуваат комплекс на инфериорност во однос на „модерната“ или „мејнстрим“ научна теорија, идеологија на слободата, наводно неограничена, на новата социјална и „плодна“ концепција и слично, па така под фирмата за дијалог меѓу теологијата и науката, теологијата и културата, понизно и сервилно ја прифаќаат потребата за прилагодување на теологијата на секој нов „тренд“, дури и по цена на ревизија на Евангелието и отстапки таму каде што не смее да ги има, на полето на основните вистини на христијанската вера, како што е богооткриената вистина за Светата Евхаристија и Светата Причест, како извор на полнотата на живот, здравје и спасение.

Како што во свое време, на христијанскиот Запад, филозофијата и науката биле толерирани како „слугинки на теологијата“ (ancillae theologiae), така денес некои филозофи и научници или ја игнорираат или, во подобар случај, ја толерираат теологијата, која се согласува да биде нивна „слугинка“(ancilla), а некои фрустрирани теолози мољакаат барем за таков третман на нивната „струка“. Притоа, забораваат дека науката има работа само со еден дел од реалноста и дека постои огромно подрачје од реалноста, кое е надвор од доменот на науката. За тоа се и тоа како свесни најдобрите научници на денешницата. Венивер Буш, „таткото на современите комјутери“, оди толку далеку што изјавува дека „науката не може апсолутно ништо да докаже“. Оваа негова изјава ја цитира д-р Ариел Рот, писател на книгата „Постанок: поврзување на науката и Библијата“ (српски превод и издание на Центарот за природни науки, Белград 2001) и „Науката го открива Бог: заднината на една голема контроверзија“ (превод на Иван Бошковиќ, издание Metaphysica, Белград 2007), од кои во продолжението ќе преземеме уште неколку релевантни факти и тези, кои можат да ни бидат од помош за нашата тема.

Микроскопот не е целосно застарен инструмент, уште помалку излишен, ама е неупотреблив кога сме соочени со „ситниот субмикроскопски свет“, а особено со светот на верата, со светот надвор од можноста или, подобро, над можноста за научно испитување и сознавање. Не само теологијата туку и современата квантна физика укажуваат на илузорноста на замислата дека е пожелно и можно да се проверуваат искуствата и сознанијата настанати од вера, со постапки и методи на научното истражување. Најпрво, Ајнштајновата теорија на релативноста, а потоа и согледбите на Макс Планк, Нилс Бор, Вернер Хајзенберг и други великани на современата физика (со елементи на метафизика!), ги напуштаат некогашните сфаќања за егзактно и стриктно важечки природни закони и ги заменуваат со теории на релативноста, неодреденоста, непредвидливоста... Ќе ги наведеме како илустрација само оштопознатите школски примери за „квантната суперпозиција“ и „квантниот тунел-ефект“, како и веќе класичниот феномен дека една иста микрочестичка (електрон, фотон...) се појавува час како честица, час како зрачење или бранување, час ја има, а час ја нема, час е материја, а час е енергија...

Следствено, повикувањето на микроскопот за да се откријат вируси и бактерии во самиот свет Путир од кој се причестуваме, па и во самите свето Тело и Крв Христови (!), сведочи за суштинско неверување дека Бог како Творец не е подложен ниту на Њутновите ниту на квантните закони, кои Тој ѝ ги дал на Својата творба, туку е над нив. Како што се гледа, оние доктори на богословски науки, кои „зборуваат и пишуваат за можноста на пренесување зараза преку светата Причест“, свесно ја отфрлаат, според зборовите на свештеникот Оливер Суботиќ, дамнешната, ама ненадмината констатација на најдобриот професор по апологетика во историјата на српското богословие, прота Лазар Милин: „Чиста спротивност на секој здрав разум е да се плашиме од зараза од Оној Кој е извор на здравје и живот“. Истото ова, со други зборови, го констатира и соопштението за јавност на Светиот Синод на нашата Црква од 16 март оваа година, во кое стои дека „на Бога сѐ му е можно, па и надминувањето на природните закони и на неприродните процеси“. Значи, докажувањето на тезата на „новоправославните“, т.е. псевдоправославните теолози дека „Причеста е полна со вируси и бактерии“ не е друго туку „заклучок без експеримент со повикување на резултатите на тој експеримент“, како што некој духовито забележа. Еден лекар од Грција ја проверуваше светата Причест под микроскоп, а денес е монах на Света Гора Атонска.

 
8. Светата Причест „за исцеление на душата и на телото“ или „за суд и осуда“

 
На основа на сето досега наведено, се наметнува само еден заклучок: христијанинот може да се зарази каде било, дури и во храмот Божји, доколку владее некаква инфекција, и на разни начини, ама од Светата Причест – никогаш и никако. Со ова не ги претвораме оветените евхаристиски Дарови во објект, во нешто издвоено и независно од вкупното соборно литургиско чинодејствување, а уште помалку во волшебен, магиски објект, кој дејствува ex opere operato, принудно и автоматски, без никакво наше слободно и доброволно учество преку вера, љубов, благодарење и подвиг. Оваа наша констатација неизбежно нѐ води до следниот факт: Светата Причест е Леб на животот, Чаша на благослов и Лек за бесмртност под услов да ѝ пристапуваме со „страв Божји, вера и љубов“, а не на начин спротивен на овие изрази на наше смирено прифаќање на Дарот над даровите. Точно е дека свети Иринеј Лионски лапидарно ја кажа несомнената вистина дека нашата вера е во согласност со Евхаристијата, дека неа ја нема без евхаристискиот живот, ама не смееме да го занемариме и другиот дел од тој исказ, според кој, и Евхаристијата е во согласност со нашата вера, што значи дека целосната и вистинска вера – не индивидуланото убедување, туку верата на Црквата Христова, православната христијанска вера е – conditio sine qua non за учество во евхаристискиот настан и искуство. Вистинската вера, се подразбира, не е мртва, апстрактна, безживотна вера – впрочем, и демоните веруваат, ама пред Христос треперат (види: Јак. 2, 19), иако знаат дека Тој е Светец Божји (Лука, 4, 34) и Син Божји (Мат. 8, 29; види: Марко, 5, 7) – туку жива, конкретна, делотворна вера, „чиста и непорочна вера пред Бога и Отецот“ (Јак. 1, 27), која својот врв го достигнува во љубовта, најголемата од сите добродетели и збирно име за сите добродетели (види: 1 Кор. 13, 13).

Без таква вера и без молитвено расположение кое од неа извира, не вреди да ѝ се пристапува на Светата Причест, зашто таа во тој случај не само што на човекот нема да му биде за простување на гревовите и за исцеление на душата и на телото туку ќе му биде за суд и за осуда, синтагма застапена речиси секаде каде што ја среќаваме и синтагмата за исцелување на душата и на телото. Тука нужно се поставува прашањето: како Причеста со истиот Христос може на едни да им биде за исцеление и спасение, а на други за суд и за осуда? На првиот дел од прашањето веќе дадовме одговор (христијанинот му пристапува на Причеста со жива и дејствена вера во Христос, а посебно во Неговото присуство и дејство преку Светата Причест), додека на другиот дел од прашањето наоѓаме само еден одговор: човекот приоѓа кон светиот Путир без вистинска вера во Христос, присутен и дејствен во Светата Евхаристија, туку приоѓа формално, механички, не знаејќи, всушност, што прави, зашто „така треба“ и „така правеа баба ми и дедо ми“. Како што со право нагласува г. Крсто Станишиќ, теолог од Подгорица, „на она што со божествена благодат е осветено и преображено – како што е Светата Причест, Телото и Крвта Христови, – ѝ се одземаат исцелувачките и осветувачките својства и таа се сведува на дел од фолклорните традиционални ритуали“. Во таа перспектива, додава тој, „молитвата веќе не е реално средство на спасение и повикување на божествената благодат, а уште помалку оружје во борбата против злото“, туку станува „литературен жанр, социјална манифестација или, во најдобар случај, една од методите на психотерапија“.

Со други зборови, и Евхаристијата, односно Светата Тајна Причест, претставува, како и сѐ друго во Црквата, или, подобро кажано, повеќе од што и да е друго во Црквата, богочовечка реалност: од една страна, Бог, преку Христос и во Духот Свет, безусловно (според современата потрошувачка терминологија, бесплатно) ни се нуди и ни се дарува Самиот Себе, полнотата на Своите љубов и благодат, а од друга страна, ние реагираме или како приемчиви или како неприемчиви за Неговиот бесценет Дар. Или литургиски, евхаристиски, Му благодариме на Господ за сѐ, тргнувајќи од повикувањето да преминеме од небитие во битие, па сѐ до граѓанството во идното Царство Божјо веќе овде и сега, или, како Иван Карамазов, од романот на духовниот џин Достоевски, „му ја враќаме на Бог влезницата“ и одбиваме да влеземе во Царството Негово. Овој другиот избор, попрво антитеистички отколку атеистички, не подразбира веќе дека „според верата живееме, а не според гледањето“ (2 Кор. 5, 7; види: Рим. 1, 17; Гал. 3, 11 и Евр. 10, 38) и дека верата ни е „жива претстава за она на кое се надеваме“ (Евр. 11, 1). Ама, пак, според Достовески, каде што нема вера во Бог, сѐ е дозволено – нема веќе морал, нема веќе ближни, останува само и единствено самообоготвореното јас. Наместо добри дела и добродетели (види: Мат. 5, 16; Јован 6, 28; Дела 9, 36 и 26, 20; Рим. 2, 3–11; 13, 3; 2 Кор. 9, 8; Ефес. 2, 10; Филип. 4, 8; Кол. 1, 9–10; 1 Тим. 2, 9–10; 5, 9–10 и 25; 6, 18; Тит. 2, 14; 3, 8 и 14; Евр. 10, 24; 13, 21; Јак. 1, 2–4; 14–22; 1 Петар 2, 12; 2 Петар 1, 3–9 и Откр. 14, 13), на сцената на нашите животи и целокупната историја на светот стапуваат „бесплодните дела на темнината“ (Ефес. 5, 11; види: Рим. 13, 12), „лошите дела“ (Јован 7, 7) „беззаконските дела“ (2 Петар, 2, 8). Ако сето ова кажано го собереме и го примениме на нашата главна тема, ќе речеме дека Светата Евхаристија и Светата Причест секогаш подразбираат две димензии – божествена, благодатна, и човечка, подвижничка, или етичко-аскетска. Ако се застапени обете, се причестуваме за спасение и за исцеление, а ако оваа другата отсуствува, се причестуваме на суд и на осуда, а не за здравје и за спасение на душата и на телото. Тоа најречовито ни го соопштува апостол Павле кога пишува: „Затоа, оној што недостојно јаде од овој леб и пие од чашата Господова, виновен ќе биде спрема Телото и Крвта на Господ. Но, човекот да се испита самиот себе и потоа да јаде од овој леб и да пие од оваа чаша. Зашто, кој јаде и пие недостојно, тој го јаде и пие своето осудување, бидејќи не го разликува Телото Господово. Па затоа меѓу вас има многу немоќни и болни, а мнозина и умираат“ (1 Кор. 11, 27–30). Следствено, за доследните христијани, во кои, покрај подвижниците спаѓаат и искрените покајници, Светата Причест е Лек за бесмртност, а за оние другите, недостојни и непокајани, не е, ама не самата по себе, туку затоа што тие претпочитаат да изберат болест наместо здравје, погибел наместо спасение, смрт наместо живот.

За да можеме ова подобро да го разбереме, ќе го наведеме евангелскиот податок како Господ Христос во една прилика „излекува мнозина што страдаа од разни болести“ (Марко, 1, 34). Свети Теофилакт Охридски во своето толкување објаснува: „Не ги исцели сите доведени – некои, имено, биле неверни и не биле исцелени, поради своето неверување – туку излекува мнозина, што значи оние што имаа вера“. Во друга една прилика, „кога дојде во својот роден крај“, Тој „не изврши таму многу чудеса заради нивното неверување“ (Мат. 13, 54 и 58). Тоа значи: како Богочовек, како Господ Сесилен, Тој можел и тука да направи многу чуда, дури и неброени чуда, ама не го направил тоа, не затоа што не сакал и немал желба за тоа, туку затоа што човекот, живата икона на Ликот Свој, го создал слободен, па не сакал Себеси, Својата љубов и Своето спасение, со сила да му ги наметне. Слично и свети апостол Павле пишува за Бог: „На кои им се заколнал дека нема да влезат во Неговиот спокој, ако не на оние, што не сакаа да веруваат? И така гледаме дека тие не можат да влезат поради неверието“ (Евр. 3, 18–19).

Меѓутоа, треба да се нагласи и тоа дека Господ наш е така и толку човекољубив и толку сака „сите луѓе да се спасат“ (1 Тим. 2, 4), што не ги превидува и не ги презира ни слабата вера, ни минималната вера, вера не поголема од „зрно синапово“ (Мат. 17, 20 и Лука 17, 6), „најмалото од сите семиња“ (Мат. 13, 32 и Марко 4, 31). Напротив! Маловерието во очите на Спасителот е нешто квалитативно подруго од неверието: неверувањето е одбивање, непокорност кај апостол Павле, „враќање на влезницата“ на Бог, кај Достоевски, а маловерието е недораснатост за вера, ама копнеж по неа, па, наизглед парадоксално, и пат кон неа. Затоа, Тој маловерието го критикува, ама не го изедначува со неверие. Така, како пример, во Својата ненадмината Беседа на гората ги нарекува слушателите маловерни (Мат. 6, 30 и Лука 12, 28), ама не ја прекинува беседата за нив. За време на бурата на Тиверијадското Езеро (Генисаретското, Галилејското), на преплашените до смрт апостоли Христос им го упатува прекорното прашање: „Зошто сте плашливи, маловерни?“, ама истовремено ги спасува, сосема стишувајќи ја бурата. За време на една слична бура, откако претходно му даде на светиот апостол Петар натприродна способност, како Него, да оди по вода – за потоа, кога Апостолот, пренесувајќи го погледот од Христос на бурните бранови и станувајќи свесен за студената и темна длабочина под нив, почнува да тоне, – со љубов, го прекорува со зборовите: „Маловернику, зошто се посомнева?“ (Мат. 14, 31), ама претходно му подава рака и му го спасува животот. Христос, уште повеќе, во една прилика и Своите најблиски ученици, апостолите, ги нарекува маловерни (Мат. 16, 8). Ако и тие биле маловерни, што сме тогаш сите ние, почнувајќи од авторот на овие редови? Најпотресен пример на човекољубиво снисходење на Христос кон слабиот човек со слаба вера е, секако, следниот настан. Еден несреќен човек му го доведува својот демонизиран син, со молба да го исцели. Господ прво реагира остро, речиси немилосрдно, со зборвите: „О роде неверен, до кога ќе бидам со вас? До кога ќе ве трпам?“ Ама, веднаш потоа вели: „Доведете го при Мене!“ Очајниот родител повикува кон Христа: „.... Ако можеш, смили се на нас, и помогни ни!“ Господ му одговара: „Ако можеш да поверуваш. Сѐ е можно за оној што верува“. На тоа, таткото на намаченото дете, облиен во солзи, ја изговара, единствената според својата искреност и восхитувачка според смирението, јавна исповест: „Верувам, Господи, помогни му на моето неверие!“ (Марко 9, 17–24; подвлекувањата се наши).

Што гледаме во описот на едно од чудесните исцелувања, кои Христос ги извршува? Прво – дека Тој со Својата љубов ја надминува Својата правда, односно дека кај Него правдата и љубовта, за разлика од нашата, човечка реалност, се двоедината стварност, две божествени својства, кои се проникнуваат (антитеза: „О роде неверен...“ – „Доведете го!...“). Друго – дека трагичниот татко со последниот зрак надеж, заснован на двоедината стварност на неверието, кое копнее за вера и на верата која е уште заразена со неверие, го упатува кон Христос она: „Верувам, Господи, помогни му на моето неверие“, додека Тој, иако Единствен Исцелител, исцелувањето му го препишува на верата на човекот, а не Себеси („Ако можеш да поверуваш...“), покажувајќи, како и секогаш и во сѐ, бескрајно смирение, снисходење, кеноза, заради нас и заради нашето спасение. Неговата кенотичка љубов оди дотаму што и покажувањето каква-таква вера од страна на болниот, само на основа на верата на другите во Христос како Исцелител и Избавител, го исцелува: така, кога четворица доведуваат пред Христа еден неподвижен, парализиран човек, тогаш „Исус, кога ја виде верата нивна (наше подвлекување), му рече на фатениот: ’Синко, ти се опростуваат гревовите твои‘. (...) Тебе ти велам: ’Стани, земи ја постелката своја и оди си дома‘“ (Марко 2, 1–12). Сите овие факти од историјата на спасението важат и во евхаристиски контекст: Светата Причест е секогаш извор на здравје и на секое друго добро за оние што ѝ пристапуваат „со страв Божји, вера и љубов“, ама не и за оние што, според обичај и формално, пристапуваат недостојно, како израз на народната традиција или своевиден културно-уметнички настан, без вера во реалното и спасоносно присуство на Богочовекот Христос во вид на леб и вино. Такви се, на среќа во несреќата, малкумина, и сѐ помалку ги има, а како што гледаме, некои од нив успеваат и да се сепнат духовно, па зачекоруваат на патот на верата. Огромен број, пак, новојавени самоовластени критичари на практиката и начинот на причестувањето на верните во Православната Црква – од редовите на „струката“ и на „истажувачкото новинарство“ – го чинат луѓе што не само што не се причестуваат туку и немаат никака врска со Црквата. Тие (чест на исклучоците!) се занимаваат со прашањето за причестувањето, всушност, од една единствена причина – затоа што на христијаните не им признаваат никакви „човекови права“ и граѓански слободи, па ни правото на вера и нејзино практикување според слободниот личен избор и совест. Не знаејќи што прават, веројатно им секундираат и поединечни теолози, заговорници на идејата „за црковни реформи“, како што би рекол одамна покојниот архимандрит Петроније Трбојевиќ.

 
9. Вистинското значење на исказот дека не треба да Го искушуваме Бог

 
Сепак, тие имаат право кога истакнуваат дека не треба да се искушува Бог: „Не искушувај Го Господ, Твојот Бог“ (Мат. 4, 7; види: 5 Мој. 6, 16), ама само делумно имаат право. Зашто, не е искушување на Бог кога некој учествува во Литургија и се причестува и за време на епидемија, што вклучува изолација или самоизолација, туку кога некој епископ или презвитер го затвори светиот храм за верниците, или своеволно одлучи да не се служи Света Литургија, до следна одлука, или да се експериментира со начинот на причестување (од божем првобитно до експериментално!), зашто во сите три случаи имплицитно се импутира дека е можно човек да се зарази преку Причеста. Таквата порака, без обѕир на евентуалната добра намера на нејзините автори, авторот на овие скромни редови го смета за богохулно и, на крајот на краиштата, криптоатеистичко.

Тогаш, кога на дело имаме искушување на Бог од другата страна или на друг начин? Според нашето мислење, тоа е кога некој, било меѓу оние што застапуваат можност за зараза по пат на причестување, било, пак, меѓу оние што таквата можност решително ја отфрлуваат, почне да докажува дека има право така што предлага во светиот Путир со Причеста да се стави некој јак отров. Според едните, тој ќе го усмрти оној што ќе се причести од таков Путир, а според другите, ќе важат Христовите зборови дека христијаните „и ако нешто смртоносно испијат, нема да им навреди“ (Марко 16, 18). Овој нецрковен и неодговорен предлог на еден „новоправославен теолог“ од наши дни, воопшто не е нов: пред некои сто години, веќе спомнатиот архимандрит Петроније, инаку двострук доктор по теологија и не безначаен теолог на своето време и поднебје, предложи во светиот Путир да ставиме цијанид, па тогаш, на тој начин да провериме дали се евхаристиските Дарови посилни или подложни на природните закони. Според мислењето на авторот на овие редови, во обата случаја, сега и некогаш, се работи за дрско и директно искушување на Бог: или покажи, Боже, дека отровот секако ќе делува, со силата на Твоите сопствени „природни“ закони, или покажи дека нема да делува, со силата на Твојата божествена семоќ!

Во обата случаја се работи за магиски пристап кон Светата Причест: едните го инструментализираат за да го докажат својот став, а другите за да го докажат нивниот, а и едните и другите, всушност, ја сведуваа Светињата, главниот настан на нашиот живот и искуство, на аргумент за своите убедувања и инструмент на своите предрасуди. Однапред е јасно дека свесно и намерно ставајќи цијанид или некој друг отров во Путирот со Причеста, всушност, ќе се обидеме Самиот Господ да Го подвластиме на самите себеси, да Го сведеме на свој послушник или слуга, па ние да бидеме Господ наместо Него, а тоа е, очигледно, чисто магиска постапка и директно искушување на Господ Бог наш. Резулататот е, исто така, однапред познат: Причеста нема да престане да биде Лек за бесмртност, ама отровот ќе дејствува. Впрочем, во историјата на човечки гревови и злочини не се непознати случаи на убиства, извршени со отров ставен во Путирот со Светата Причест. Едноставно и разбирливо, а воедно умно и духовно објаснување ни дава блаженопочинатиот патријарх Павле, кога пишува: „Би било претерано надевање на милоста Божја, во најмала рака, лекомисленост за секаква осуда, недостојна за нас како соработници – помошници Божји (1 Кор. 3, 9), кога свештеникот, знаејќи дека виното било во несоодветен сад, или заразено со некакви вируси, или отруено, да го употреби за Причест. Зашто, треба да сфатиме дека ние, верните, не мислиме дека Светата Причест е хемиско средство за неутрализација на отровот, па дека можеме во таа цел да ја употребуваме, или со неа да експериментираме, туку, пред сѐ и над сѐ, е божествено средство за духовно вознесување, ослободување од гревот, стекнување живот вечен и воскресение во последниот ден (Јован 6, 54). Не смееме да го премолчиме ни овој негов коментар, вдахновен од зборовите на светиот апостол Павле (види: 1 Кор. 11, 27–30): „Можеби, ќе звучи парадоксално ако (...) кажеме дека во Црквата секогаш се знаело дека Светата Причест навистина може да биде причина за слабост и болест, па дури и за смрт“.

Да замислиме, меѓутоа, друга ситуација: без никаква намера да се искушува Бог, проверувајќи ја Неговата семоќ и воопшто не знаејќи дека некој ставил отров во Путирот, христијаните се причестуваат in bona fide, со страв Божји, вера и љубов. Каков ќе биде резултатот? Веруваме дека отровот нема да дејствува, токму според ветувањето Христово дека на христијаните нема да им наштети ни „ако нешто смртоносно испијат“, и тоа поради тоа што тој христијанин не само што не Го искушувал Бог туку, напротив, пројавил вистинска вера и љубов. Оттука единствен заклучок е: Светата Причест или е навистина целебна (исцелителна) овде и сега или е недејствена овде и сега (со слаба надеж дека во Есхатонот ќе биде дејствена). Таа е дејствена и чудотворна и сега, и секогаш, и во сите векови, што значи и историски и есхатолошки, ама на едни за здравје, живот и спасение, а на други за болест и смрт, духовна и телесна (или двете!), според нивната вера или неверување, подготвеност или недостојност.
 

10. Што кажуваат верните и другите претставници на науката и „струката“

 
Оваа вистина, неброено многупати проверена и докажана, не е непозната ни во светот на науката. Затоа, сега намерно нема да ја илустрираме со искуството на кој било свештеник, туку со животниот став на една научничка, која е верник, наша современичка. Д-р Елена Јамарела, професорка на инфектологија на Атинскиот универзитет, на прашањето како гледа на можноста за зараза преку Светата Причест за време на сегашната епидемија, одговори со следните зборови: „Непотребно е отворена ваква тема. Јас лично верувам дека нештата се сосема поинакви. Светата Причест е Света Тајна. Кога одиш да се причестиш, не одиш од навика, туку од желба да се причестиш со Телото и Крвта Христови. Тоа е најголема Тајна. Или веруваш во неа и се причестуваш, или не веруваш и – не се причестуваш. Тие што сакаат да се причестат, не треба да се плашат. Нема половични решенија, во стилот дека треба да се користи посебна лажичка и така натаму. Јас сум апсолутно против тоа. Ако веруваме, ние со тоа не ја предизвикуваме судбината. Ако станува збор за таква Света Тајна и човек оди да се причести, тогаш тоа е нешто најважно во неговиот живот. Ако, пак, верувам дека со неа можам да се заразам, тогаш не верувам во најголемата Света Тајна. Тие што сакаат да се причестат не треба да се плашат дека со Причеста некогаш може да се пренесе некаков микроб“. На следното прашање – дали би се причестила кога би знаела дека верникот што стои пред неа е инфициран со коронавирус, одговори вака: „Би се причестила, со вера дека Бог нема да даде да се заразам поради учеството во толку голема Света Тајна. Истакнувам што би направила јас лично, заради себе и во мое име.“

Патем, напомнуваме дека, очевидно, постои струка и струка: оваа истакната лекарка сигурно не е нестручна, а најверојатно е специјалист барем толку колку и некои наши незаменливи експерти, од кои еден изјавува дека не може да ја исклучи можноста за зараза преку Причеста, а другиот, пак, еден весељак, смета дека тоа што немало дозвола за краткотраен прекин на полицискиот час, за да може народот барем на Велигден да може да оди на Литургија и да се причести, не е ништо страшно, зашто, непразнувањето на Велигден или на некој друг празник значи само „едно лапање помалку“.  А сето тоа, блазе си ни, е изговорено пред лицето – подобро да се каже во лице на – Србите во Србија, од кои повеќе од деведесет отсто исповедаат православна вера и припаѓаат на Српската Православна Црква. Не можеме да премолчиме дека и во нашата средина има многу извонредни и подеднакво квалификувани лекари и лекарки – некои од нив лично ги познаваме – кои, и на збор и на дело, го застапуваат ставот на госпоѓа Јамарела, ама нив ги нема, нити ќе ги има, на екраните на нашите телевизиски куќи.

Некои угледни лекари, па и многу влијателни меѓународни медицински установи и организации, одат чекор понатаму, разгледувајќи го прашањето за претпоставената опасност од зараза поради причестување од иста Чаша, било да е со непосредно пиење од неа или со употреба на осветена ложица (во лаички термин, лажичка). За разлика од госпоѓа Јамарела, која проблемот или псеудопроблемот го разгледува истовремено, и низ призма на науката и во светлина на верата, спомнатите лекари и институции сосема го апстрахираат присуството или отсуството на вера и му пристапуваат на актуелното прашање на денешницата исклучиво од гледна точка за која тие сметаат дека е стручна и научна. Така, на пример, „Комисијата на специјалисти“ при Грчкото министерство за здравство оцени дека постои можност за зараза преку Причеста. На таа оценка, одлучно реагираше д-р Јован Кундурас, професор на Солунскиот медицински факултет во пензија, аргументирано докажувајќи дека „меѓународните научни студии ја потврдуваат безбедноста на Светата Причест во однос на заразата“. Тој едноставно го отворил фајлот PuBMed, ги навел клучните зборови (Shared Communion Cup, Hazard и Infections) и, на основа на established data, стекнал увид во десетина строго научни расправи, во чија научност може, според неговото мислење, да се посомнева само некој чиј „централен нервен систем е пореметен“. Проучувајќи петнаесет такви расправи, објавени во угледното списание „Journal of Infections“, тој аподиктички тврди: „Не се наведува ниедна болест што настанува поради заедничко користење на Чашата на Светата Причест“. Повикувајќи се на текст на O. N. Gill, објавен во тоа списание, под наслов „The Hazard of Infections from the Shared Communion Cup“ („Опасност од зараза од заедничката Чаша на Причеста”), од 1988 година, кога беше актуелен HIV, покажува дека HIV-инфекцијата не се ширела преку Причеста.  Нема да ги наведуваме другите негови извори, туку само неговиот општ заклучок дека Причеста и патогените појави заемно се исклучуваат.

Во овој контекст мораме, со благодарност, да го спомнеме и текстот на ѓаконот Константин Доиќ, „За политичката злоупотреба на пандемијата со цел верска дискриминација“, од март оваа година, кој, исто така, наведува резултати од научни истражувања, од кои ќе наведеме само некои. „Научните истражувања, пишува тој, кои се занимаваа со количеството и видот микроорганизми на евахристиските садови во симулирани услови на евхаристискиот обред, заклучиле дека во зависност од неколку фактори – алкохолот во виното, антимикробното олигодинамско дејствување на бакарот, месингот, среброто и златото, кои се користат како материјали, а посебно во чинот на бришење на приборот со крпа – микроби на овие предмети постојат, но нивното количество е мало. Утврдено е дека со самото бришење на евхаристиската Чаша меѓу причесниците, со ленена крпа, го намалува бројот на микроби за деведесет отсто. (...) Наведените метали делуваат речиси сосема антисептички. Ова својство на среброто, златото, месингот и бакарот, од кои евхаристиските чаши се обично направени, било познато од дамнина, а денес е познато како олигодинамски ефект“. Во продолжение, тој нагласува: „Најновите студии укажуваат на фактот дека, иако коранавирусот може да опстане на нерѓосувачки челик, стакло или на пластика со денови, на чистиот бакар исчезнува веќе по четири часа, додека на месингот (од кој често се прават свештените садови и лажичките) се уништува за неколку минути.“

Не задржувајќи го вниманието само на вирусот Ковид-19, туку осврнувајќи се на заразните болести воопшто, тој го наведува резултатот на епидемиолошкото истражување од 1997 година, кога се следени шестотини деведесет и еден човек, кои во текот на подолго време редовно се причестувале, и изведен е заклучок дека „личностите кои редовно, па дури и секојдневно, примаат Причест не се под поголем ризик од зараза во споредба со личностите што не се причестуваат или кои воопшто не присуствуваат на христијанските богослужби“. Потоа соопштува дека Центарот за контрола на болести во САД токму на основа на ова истражување, како одговор на зачестените злонамерни пријави на противниците на Евхаристијата, издаде препорака во која е напишано истото тоа што го тврдиме ние, православните, па и авторот на овие редови, – дека никогаш не е забележена епидемија што потекнува од евхаристиската Чаша. (Патем, поради тоа тврдење, нас, без спомнување на нашето име, нѐ прозва еден човек, и тоа не некој епидемиолог, туку теолог, приврзаник, се подразбира, на новата, „научно-истражувачка“ и „дијалошка“ (!) школа на ново размислување. Да се потсетиме, станува збор за поставеното прашање: кој докажал дека никогаш немало зараза преку причестувањето? И на нашето контрапрашање: а кој го докажал спротивното?) Американските специјалисти, рака на срце, додаваат дека „теориски ризик од пренесување постои, ама тој е, веројатно, многу мал за да може да биде детектиран“, а во краен случај, дозволуваат верниците со распираторни симптоми или со отворени рани во усната шуплина привремено да се воздржуваат од Причест или да се причестат на некој друг, алтернативен начин. „Забрана, поради почитувањето на верските слободи, никому не му паѓала на памет“, нагласува Доиќ.

Во неговиот текст наоѓаме уште доста интересни податоци, поттикнувачки за размислување, и за верните и за неверните, како, на пример, „дека древната христијанска практика на ритуално миење на рацете на свештеникот пред почетокот на богослужбата“ не е само обреден пропис или симболичен гест „туку и практична превенција на повеќето евентуални преноси на заразни болести“. Веќе го спомнувавме самоволното воведување на поинаков начин на причестување од страна на поедини епископи и свештеници, наводно, безбедно во однос на вирусот што хара, ама во меѓувреме е потврдено „дека теорискиот ризик за зараза преку усните е помал отколку преку рацете, па спомнатата пракса на интинктација (макнување) е поризична“, а многу е поголема веројатноста дека некој ќе се зарази преку „ракување или фаќање на рачка од врата отколку преку Причеста“. Остроумна е и духовита забелешката во продолжение на освртот дека на ризикот од инфенкција убедливо најмногу би биле изложени свештениците, а дека англо-американските осигурителни друштва тој факт не би го пропуштиле, па така тие, поради профит, би го зголемиле износот за здравствено и животно осигурување на свештениците воопшто, а на православните свештеници посебно, што, се разбира, не е случај.

 
11. Светата Причест и начелото на „икономија“ (снисходење)

 
Авторот чесно го спомнува и древното црковно начело на икономија или разбирање и снисходење. Меѓутоа, тоа се применува само поединечно, исклучително, и тоа со одобрение на надлежните високи црковни органи, каде што остапувањето од вообичаената практика на причестување на верните не се темели на погрешното мислење на некој клирик дека преку Причеста човек може да се инфицира, туку оправдано се образложува со потребата да се смири стравот во душите на христијаните што немаат доволно јака вера, а Господ, го покажавме тоа со цитати од Новиот Завет, ни нив не ги отфрла, туку, напротив, ги спасува. Вака сфатената икономиска практика ја признаваат и ја истакнуваат речиси сите православни теолози, па, иако недоносче во богословијата, и потписникот на овој текст.

Овде, меѓутоа, мораме да спомнеме дека новите реформатори на традиционалната литургиска практика, по правило, не применуваат икономија во овој дух и рамка, туку, тргнувајќи ги „вечните граници, кои ги поставија Отците наши“, ретките исклучоци ги претвораат во зачестена постапка, свесно или несвесно, праќајќи порака дека Причеста може да биде извор на зараза, а со тоа ги носат во искушение „слабите браќа“, односно ближните, во чија свест и совест се борат верата и маловерието, па создаваат соблазна среде верниот народ, а кај поревносните и огорченост. Притоа, во неисцрпната ризница на православни догми и свештени канони на Црквата не наоѓаат потпора за своите литургиски експерименти.

Единствениот аргумент што некои од нив го наведуваат е краткиот коментар на свети Никодим Агиорит (Светогорец) во „Пидалион“, како што е насловена неговата збирка канони со коментари.  Дваесет и осмиот канон на Петто-шестиот вселенски собор (Тулскиот, 691 година) го забранува обичајот во светиот Путир да се ставаат и зрна грозје, па потоа народот да се причестува со таа мешавина, и бара свештениците да го причестуваат народот единствено со Телото и Крвта Христови, а грозјето да го благословуваат и да го разделуваат подоцна, независно од Светата Причест. Од коментарот на Никодим, меѓутоа, произлегува дека практиката на ставање натопени честици од Причеста во зрната грозје подоцна е применувана при причестувањето на болните за време на епидемијата на чума (иако во самиот канон за таа практика не се спомнува). Свети Никодим, толкувајќи го канонот, бара тој да се почитува и да се применува секогаш, па и за време на епидемија на чума, не препорачува никакво „макање“ или „земање со раце“, туку одредува Светата Причест да се става „во некој свештен сад“ (веројатно подразбира некој друг Путир, покрај овој што е во редовна употреба), а „тие што се на смртна постела или болните“ да се причестуваат од него, и тоа „диà лавидос“, со ложица (лажичка). За тој „свештен сад“ се предвидува да се става во киселина, а потоа да се излие течноста на чисто место, или свештениците да постапуваат како што најдобро знаат и умеат, но на „што побезбеден и канонски начин“.

Како што гледаме, овој коментар е класична апологија на икономијата, а воопшто не е оправдување за експериментите на  причестување без светиот Путир и ложицата (лажичката). Вака се постапувало, а и денес се постапува, „поради вакцинација на човечкиот страв и незнаењето“, поради грижа за слабиот човек, „па и да не Го искушуваме Господ Бог, пазејќи притоа да не се падне во малодушност и маловерие, и исклучоците да останат исклучоци, а и да се прават кога за нив постои крајна потреба“, како што со целосно право заклучува отец Константин. Можеме да ја потпишеме и неговата констатација дека „големите сипаници, колерата и чумата биле болести од кои умирал секој втор или трет заразен“, додека „во случај на коронавирусот, 99% од болните преживуваат без какви било последици“ (сега смртноста во Србија е 2,16%, но и покрај тоа зголемување, таа е ниска), а особено неговиот заклучок: „Откако лошите болести ќе бидат покорени од вакцината, промените и прилагодувањата на богослужбените практики исчезнуваат“. Се разбира, не тврдиме дека поради наведените факти коронавирусот треба да го третираме како наивна инфекција, како што е грипот. Точно е дека микробот е малечок, премалечок (научниците велат – должината му е деведест до сто милијардити делови од еден метар, што значи дека е потребно „да се постројат“ меѓу триесет и седумдесет и пет илјади короноавирус од типот ковид-19 за тие да заземат површина од еден сантиметар), но сепак, е опасен, преопасен.

 
Завршни размислувања и заклучок
 
Во исто време, без да се занимаваме со „теории на завера“, не смееме ни да превидиме колку овој вирус, на свој начин, придонесе за ограничувањата, често и задушувањата, на елементарните права и слободи на граѓаните, во тој контекст, и на елементарните слободи на совеста и вероисповедта, со грубо мешање во внатрешниот живот, уредувањето и богослужбената практика на Црквите и на верските заедници и кршење речиси на сите важечки устави и меѓународни конвенции. Со други зборови, глобалистичката економско-политичка олигархија, а во нејзина режија и регионално вазалните режими, најдоа идеален изговор и повод за обид за укинување на приватноста и глобална контрола на човечките животи. Оваа димензија излегува, меѓутоа, од рамките на овој осврт, па ја оставаме за некоја друга можност.

Целта на нашиот осврт, се надеваме, е помалку или повеќе исполнета. Од една страна, се обидовме, ако не докрај да го формулираме, тогаш барем да го пропелтечиме одговорот на нашата Света Мајка Црква на појавата на вирусот Ковид-19 и на придружните мачни предизвици, а од друга страна, да покажеме, без каква и да е зла волја и намера, дека „новоправославната“, „обновленска“ – всушност протестирачка, во некои случаи, и крајно протестантска – теологија, преку своите интервенти и со својата интерпретација на евхаристискиот живот на Црквата, односно на самото нејзино богочовечко битие, во услови на пандемија на вирусот само создава уште поголема духовна конфузија и отворено се спротивставува на учењето и дејствувањето на Православната Црква. За жал, се покажува дека на дело е „теологија без Бог и антропологија без човек“, според зборовите на ава Јустин Поповиќ. Изречени во друг, ама многу сличен контекст. Своето скромно искажување и сведочење сакаме да го крунисаме со сеопфатното согледување на сите духовни и егзистенцијални прашања на нашата Православна Црква и нејзината евангелска и апостолска вера, со зборовите на архимандрит Василиј Гондикакис, поранешен игумен на Иверскиот манастир, а сега пустиник, исихаст. „Оној што оди по неговите (Павловите) мисла и зборови, тој заедно со него напредува кон неискажливите тајни на животот и непропадливоста. Оној, пак, што не оди по него, поставува прашања и развива коментари што немаат врска со животот – со Тајната, која ја собира, ја преобразува тварта и ја прави беструлежна – туку имаат врска со осамен, создаден свет на спознавање преку мозокот и ситничарењето, кое заморува и води кон распаѓање, односно, така да кажеме, кое како згрутчена крв се насобира во жилите на животот за, на крај, да го запре сиот крвоток.“

Принесувајќи Му на Бог Свети Дарови – а преку нив, подобро кажано, во нив, самите себе и еден со друг, и сиот наш живот – како бескрвна Жртва за живот и спасение на светот, да стоиме со страв и добро да слушнеме што им кажува Духот Божји на Црквите!

Горе да ги имаме срцата! Да Му благодариме на Господа!



Епископ Бачки д-р Иринеј

Извор: Бачка епархија

Преземено од:  http://www.mpc.org.mk/svetaktuelno.asp?id=7317

 

 



dobrotoljubie

Поуки од Светите Отци

dobrotoljubie

Духовност

Октомври 20, 2024
TviTER281

Монашки и свештенички семинар во митрополијата на Киншаса (06.09.2024 21:29)

Со Божја благодат и благослов на Неговата Светост Папата и Патријарх Александриски и на цела Африка г. Теодор II, во Митрополијата на Киншаса, во Конго, се одржаа семинари за монасите и свештениците.
Јуни 30, 2024
Avraamovo.GOSTOLJUBIE

Света Троица во Стариот Завет

„Секоја енергија која од Бога се простира на творевината и се именува со многу имиња, од Отецот излегува, низ Синот се протега, а во Духот Свет се совршува“ (Свети Григориј Ниски, „За тоа дека не смее да се говори за три Бога“). Вистината за постоењето на…

За нафората

HRISTOS.nafora
Нафората е осветен леб,кој бил принесен на жртвеникот и чија средина е извадена и…

Проскомидија

TVIT602
·Што е Проскомидија? Еретиците немаат Проскомидија. Проскомидијата е уводниот дел на…

Јован Дебарски Архиепископ Охридски (30 август/12 септември)

Сеп 13, 2021 Житија 3220
Овој свет и богоносен отец наш Јован Дебранин, Архиепископ Охридски и прв ктитор на…

Свети свештеномаченик Харалампиј

Фев 23, 2020 Житија 7714
ih3387
Секој човек со своето раѓање добива лично име по кое го препознаваат во текот на целиот…

Најново од духовност

Православен календар (2)

 

26/12/2024 - четврток

Божикен пост (пост на масло)

Светите маченици Евстратиј, Авксентиј, Евгениј, Мардариј и Орест; Светата маченичка и девица Лукија (Луција); Светиот свештеномаченик Гаврил, патријарх Српски;
Правила и одредби на Православната Црква за постот
Православен календар за овој месец - МПЦ

Кожувчанка

Молитви кон Пресвета Богородица за секој ден во седмицата

 Радувај се, Ти Која од ангелот ја прими радоста на добрата вест дека Бог Слово ќе прими тело од Тебе! Радувај се оти го носеше Создателот во Твојата утроба! Радувај се Ти Која го роди Бога во тело, Спасителот на светот! Повеќе...

Тропар

Тропар на светите Христови маченици Тирс, Левкиј, Калиник, Филимон, Аполониј и други со нив 14 декември / 27 декември 2024

Тропар на светите Христови маченици Тирс, Левкиј, Калиник, Филимон, Аполониј и други со нив 14 декември / 27 декември 2024

Маченици свети Христови, вие кои со благодат Господова огнот во вас го скротивте,  а силата негова во ревност за Бога ја...

Тропар на св. Христови маченици Евстратиј, Авксентиј, Евгениј, Мардариј и Орест 13 декември / 26 декември 2024

Тропар на св. Христови маченици Евстратиј, Авксентиј, Евгениј, Мардариј и Орест 13 декември / 26 декември 2024

Низ оган злато поминува за да се очисти, о свети Евстратие, но огнот тебе не те допре, затоа што напоен од благодатта...

Тропар на светиот Спиридон чудотворец 12 декември / 25 декември 2024

Тропар на светиот Спиридон чудотворец 12 декември / 25 декември 2024

Спиридоне, Богоносен оче наш,на Првиот Собор ти се покажа поборник и чудотворец.Затоа, мртвата од гробот ти прозбори,и змијата во злато...

Духовната убавина на Богородица се пројавува и во моментот на Распнувањето на Нејзиниот Син

Тебе, Богородице поборнице – војвотко, ние слугите Твои, откако се избавивме од зло, Ти пееме победни и благодарствени песни. Ти имаш сила непобедна, од секакви опасности ослободи не за да Ти пееме : Радуј се, Невесто Неневесна! Повеќе...

Болестите според светоотечкото учење

Значи, не се надевај на лекарска вештина без благодат и не ја отфрлај своеволно, туку моли Го Бога да ја спознаеш причината за казната, а потоа моли за избавување од немоќта, трпејќи сечење, горење, горчливи лекови и сите лекарски казни Повеќе...

Свети Лука Симтерополски: Архиепископ и хирург

Едноставно е да се претпостави дека професорот – епископ, соединувајќи го во своите раце крстот и скалпелот, ги порази современиците токму со тоа необично соединување на двете разновидни сфери на активност.  Повеќе...

Духовни поуки: „Помоли се за мене“

Со Бога зборувај многу, а со луѓето малку; ако во Божјиот закон се подучуваш - ќе успееш и во едното и во другото. Повеќе...

Живот без стрес

Ако разбереме што се крие зад стресот, ако ја видиме лагата, која што се крие зад него, на крајот ќе увидиме дека не постои причина за да бидеме во стрес.. Повеќе...

Митрополит Струмички Наум - Да пораснеме барем до Стариот Завет

И не само што немаат туку се и очигледна пречка за влез во Царството Небесно, и пречка да се сфати и пренесе неговата идеја и порака. Повеќе...

Епископ Тихон Шевкунов: „НЕСВЕТИ, А СВЕТИ“

Несвети, а свети. Луѓе, кои навидум живееле во нашето секојдневие, се соочувале со проблемите со кои ние се судираме, боледувале од болести од кои ние боледуваме, често осудувани од околината, а сепак, не биле секојдневни. Луѓе, кои не се на иконите, но го предавале животот од иконите во сите нивни дела, зборови, мисли. Луѓе, за кои тишината прозборила дека се свети.  Повеќе...

ГОЛЕМАТА ТАЈНА НА ДИВЕЕВО - Кој ќе доживее, ќе види

Како дополнување на оваа тајна, еве што слушнав од устата на 84-годишната игуманија на манастирот Дивеево, Марија. Бев кај неа во почетокот на 1903 година веднаш по канонизирањето на преподобниот Серафим и заминувањето на царското семејство од Дивеево. Повеќе...

Арх. Калиник Мавролеон: Монологот БОЖЈИ

 

Те гледав кога се разбуди угрово. Чекав да ми кажеш два-три збора, да се заблагодариш за се што ти се случува, да побараш мое мислење за се што треба да правиш денес. Повеќе...

За Моето име

Поуки на грузискиот Старец Гаврил Ургебадзе за последните времиња

 

„Ѓаволот има 666 мрежи. Во времето на антихристот луѓето ќе очекуваат спасение од космосот. Тоа ќе биде и најголемата замка на ѓаволот: човештвот ќе бара помош од вонземјаните, не знаејќи дека тоа се, всушност. – демони.“ Повеќе...

Взбранной Воеводе победительная