За време на германската окупација, речиси сите резерви жито во манастирот Филотеј се потрошиле, така што отците одлучиле да престанат со давањето милостиња. Во тоа време во манастирот живеел еден побожен монах, старецот Сава, кој бил многу изненаден кога слушнал за таа одлука, поради што го молел Советот на манастирот да ја преиначи одлуката бидејќи, во спротивно, постапката ќе го разжалости Христос и неговиот благослов за манастирот ќе изостане. Тој навел многу примери од Светото Писмо, како што е примерот со вдовицата од Сонам и пророкот Илија и сл., така што на крајот тие се сложиле со него. Но, сепак, тие секој час го вознемирувале старецот Сава, велејќи му:
„Снема брашно. Што да правиме сега?“
Старецот одговорил:
„Отци, ајде да јадеме помалку за да остане и за другите луѓе, а Пресвета Богородица нема да нè напушти.“
Кога во манастирскиот магацин останале само уште триесетина килограми пченица, отците почнале да се жалат на старецот Сава, велејќи му со потсмев:
„Ете, оче Сава, пченицата се потроши. Што понатаму?“
Побожниот старец одговорил:
„Благословени отци, не губете ја надежта во нашата чудотворна икона на Пресвета Богородица Гликофилуса. Сомелете ги тие триесетина килограми жито, направете леб и разделете го на отците и на мирјаните и Бог ќе не чува, како добар Татко.“
Не поминало долго време откако било изедено и последното парче леб, кога – пред воопшто отците да почувствуваат глад – во манастирот Филотеј дошол еден капетан на брод, од Кавала, со молба да земе дрва во замена за жито. Отците, откако ја увиделе толку јасно манифестираната промисла на Пресвета Богородица и начинот на кој Таа, како добра Мајка, се погрижила за Нејзините чеда, сите заедно го прославиле Бог. Старецот Сава, којшто постојано и искажувал благодарност на Пресвета Богородица преку својот свет живот, го славел Бога и се заблагодарувал на Богородица повеќе отколку кој било друг. Подоцна старецот им рекол на отците:
„Зарем не ви реков, благословени отци, дека Пресвета Богородица нема да нè остави?“
Автор: преп. Старец Пајсиј
Извор: Бигорски манастир