– Оф, оф, оф! Помогни ми, добар човеку!
– Еј, лаве, па ти си влегол во погрешна приказна.
– Ма не сум јас во никаква измислена приказна, туку во најреалната ралност. Ти Герасим ли си?
– Да.
– Значи, не си измислен, туку навистина постоиш. А јас сум еден трапав лав, и тоа навистина лав. Еве, допри ме!
– Сепак си погрешил, затоа што лавовите не офкаат, туку рикаат!
– Ех, јас да рикнев, ти од страв ќе избегаше и кој ќе ми помогнеше тогаш?
– Сепак, како децата да поверуваат дека лавот зборува?
– А зошто да не поверуваат? Децата не се сомневаат како возрасните. Со своето чисто срце, тие знаат дека за Бога се’ е можно.
– Добро, кога си веќе така мудар, тогаш кажи како јас, слугата Божји, Герасим, можам да ти помогнам тебе, царот на сите животни?
– Ногата ме боли, па не можам да одам.
– Па што си правел, немирко?
– Сакав да скинам една преубава роза. Опојно мириса, а нејзините ливчиња се преливаат на сонцето во чудесни бои. Ја подавам шепата и таман да ја скинам, кога она – боц! Толку страшно ме боцна, што трнот ми остана во шепата.
– Баш си смешен! Па што ќе ти е тебе роза?
– Навистина малку се срамам, но кога ме прашуваш, ќе ти кажам. Тука, во пустината, во близина на мојата пештера, живее една убава лавица. Многу ми се допаѓа, па сакав розата неа да и’ ја подарам.
– Ех, трапавко, трапавко, така ти е тоа кога некој ќе се заљуби во лавица. Кога сите заљубени би скинале по една роза, од земјата би го снемало тој прекрасен мирис. Затоа Бог и’ даде трња на розата, за да може да се брани. Туку, дај ја шепата, стисни ги забите и биди мирен!
– Ќе ме боли ли?
– Види колкав си, а се плашиш! Срамота. Ако те слушнат децата, ќе ти се смеат, затоа што тие се толку мали, а сепак не се плашат кога мама со игла им вади трн од прстето.
– Оф!
– Па што е сега? Уште не те ни допрев, а ти веќе офкаш.
– Абе, јас офнав однапред, за секој случај. А што, всушност, направи ти?
– Се прекрстив и Бога го замолив за помош. Ние, луѓето, секогаш кога сакаме нешто да направиме, дури и најмала ситница, прво се прекрстуваме, па потоа почнуваме.
– Зошто?
– Господ наш Седобар рекол: Без мене не можете ништо да направите, а се’ што Господ рече, е апсолутна вистина и само вистина. Затоа ние секогаш прво замолуваме: Боже, помогни ми, па потоа го правиме она што сме наумиле. Ете, го извадив трнот. Ух, колку гној! Не ја спуштај шепата додека не ја завиткам.
– Ех, колку си добар – поради мојата шепа, си ја искина својата облека.
– Јас можам да сошијам нова мантија, но тебе нова нога не може да ти порасне.
– Ти благодарам, пријателу!
– На Бога благодарност! А сега, збогум, заљубен трапавко.
– О, не, без мене ти никаде не одиш.
– Ти оди во својата пештера, а јас одам во својот манастир.
– Мене нема да ме измамиш. Добро те знам: секогаш ова време од годината скиташ по пустината и ниту нешто јадеш ниту во манстир одиш, се’ додека не процвета дрвото пред мојата пештера. Зошто го правиш тоа?
– Ова е време на Светата Четириесетница, кога ние, луѓето, со молитва, покајание и пост се подготвуваме да го дочекаме светлото Воскресение Христово.
– Мора да ти е тешко без јадење и спиење?
– Без Божја помош – би било не само тешко, туку и невозможно. Но јас, немоќниот, со Господ Семоќниот, можам се’!
– Значи, можеш да станеш совршен?
– Господ нам на тоа не’ повика, велејќи: Бидете совршени како што е совршен Отецот ваш Небесен. Тоа значи дека совршени можат да станат сите кои тоа го сакаат и се трудат.
– Како?
– Едноставно – никому не прави зло, туку секогаш само она што сакаш тебе другите да ти го прават.
Лавот одлучи и тој така да прави – со својата лавовска сила да им помага на луѓето и да ги слуша, токму како што тоа некогаш во Рајот го правеле сите животни. Така, од својот пријател Герасим, свети Герасим, веќе не се одвојувал.
Лавот не знаел дека Самиот Господ го чува Својот угодник Герасим, па се трудел постојано да е во негова близина за да, ако има потреба, го заштити со својата лавовска сила.
Ех, лаве, лаве, ниту сите лавови на светот не можат да го зачуваат човекот, ако Самиот Господ не го чува! А Господ навистина светиот Герасим го чувал од раѓање.
Уште додека беше сосема млад, Господ го повика на патот монашки. Од родната Ликија, Герасим прво отиде во пустината Тиваида. Таму, во далечниот Египет, Му вознесувал на Бога топли молитви за спасене на целиот свет.
Така прават сите монаси и монахињи, нашите вистински пријатели – се молат на Бога за сите нас. И за тебе, се разбира! Навистина, пријателство е кога со некој ќе поделиш чоколада, но најголемо нешто што можеш да направиш за пријателот, е да се молиш за него на Бога.
Герасим многу сакал да биде блиску до реката Јордан – светата река на која свети Јован, Претеча Господов, Го крсти Самиот Господ Исус Христос. И Господ му ја услиша желбата. Тука Герасим и го запозна трапавкото. Огромниот лав му се умилкуваше како да е мало, сосема мало маче.
Се приближи и Воскресението Господово – празник над празниците, па свети Герасим се врати во манастирот за заедно со отците и братјата да го дочека најрадосниот празник на светот. А каде тој, таму и лавот. Кога монасите го видоа својот духовен отец Герасим како доаѓа во манастирот со лавот, малкуцка се уплашиле.
– Не плашете се, ова е само еден заљубен трапав лав. Многу е добар и послушен. Туку, затоа што сака да биде во манастирот, тогаш треба и нему некое послушание да му дадам.
– Како тоа, оче, на лавот послушание? Па зарем ќе разбере?
– Гледајте и учете се како и ѕверот може да слуша. Трапавко, ти ќе го чуваш нашето магаре Њако. Тој е многу вреден и послушен и секојдневно на неговиот грб ни носи вода од Јордан. Многу сака да пасе зелена тревичка, но никој од монасите нема време да го чува.
Велејќи го тоа свети Герасим, лавот веднаш во забите го зеде конопот со кој магарето беше врзано за едно дрво, и го одведе на ливада. Њако го послуша и тргна по него. Се врати лавот во самрак, водејќи го магарето за узда. И така секој ден. Само, лавот имал една голема маана – многу сакал да спие. Ех, таков спанко не сум видел во својот живот. Чуј само што му се случило на лавот-спанко!
Припекло попладневно сонце, цвеќето на ливадата преубаво мириса, а Њако грицка зелена тревичка. На лавот така му се приспа, што не одолеа – отиде малку подалеку, легна во ладовината и заспа со сладок сон. Додека тој спиеше, покрај магарето пројде некој трговец со камили претоварени со прекрасни работи. Одел во Ерусалим за сето тоа да го продаде. Гледа трговецот – магарето само, никаде никој, па го фати и го одведе. Всушност, трговецот го украде магарето. А кражбата е грев. Нема тука никакво оправдување – украл и точка! Каква врска има тоа што магарето било само? И што му е нему гајле чие е магарето? Ех, како само го ожалости лавот. Кога се разбуди, целата пустина ја пребара, но Њако го нема па нема.
И се врати тажниот спанко во манастирот. А кога монасите видоа дека го нема магарето, се посомневаа во лавот и го обвинија дека тој го изел Њако. Ма, каде тој, добричкиот, би го направил тоа! Најтажното било што му се чинело дека и самиот старец Герасим се сомнева во него.
– Епа, пријателе, затоа што не си го чувал добро Њако, од денес ти место него ќе ни носиш вода од Јордан, – му рече свети Герасим.
Не му беше тешко на спанкото да носи вода, туку му беше жал што го изневери добриот старец Герасим. Неколку години послушно носеше вода на својот грб, се’ додека еден ден не дојде во манстирот некој добар војник. Кога го виде лавот како на својот грб ги носи тешките садови преполни со вода, рече:
– Оче Герасиме, те молам, прими ги овие три златници, па купи друго магаре, лавот ослободи го од обврските. Нека повторно лавот биде лав, а магарето – магаре.
– Во право си, пријателе! Лавот навистина се покаја за својата невнимателност.
И купија друго магаре. На тоа сите, освен лавот, се израдуваа. Тој и понатаму тагуваше затоа што на старецот Герасим не можеше да му докаже дека не го изневерил. Знаеше дека не сторил добро што спиеше, наместо да го чува Њако, но да го изел – е, тоа веќе не е вистина. Но, се’ што е скриено, кога-тогаш ќе се дознае, верувај ми! Така се дозна и за гревот кој го направи трговецот.
Имено, еден ден нашиот лав после ручекот ожедне, па тргна кон реката Јордан да се напие вода. Токму тогаш истиот оној трговец повторно одеше во Ерусалим, носејќи многу товар пченица. Абе, не го носел тој, туку се’ натоварил на камилите. И на Њако. Токму тој ја мина реката Јордан, кога… Ау – само да си го чул тој лавовски рик! Сета пустина одекна кога нашиот спанко од радост рикна. Лавот го препозна својот пријател Њако, па од радост – јуриш кон него. А трговецот страшно се уплаши и избега колку што го држеа нозете. Лавот ја зграби уздата и го поведе Њако во манастирот. Се зарадуваа отците и братјата, но старецот Герасим најмногу. Знаеш, му било жал што лавот толку тагувал. Старецот и го молувал и му велел дека го сака, но се’ залудно – лавот многу се каел што не го слушал старецот подобро. А сега, ех која радост! Како само му се умилкуваше на старецот… Абе само да го видеше! Знаеше дека сега се’ му е простено и беше многу среќен поради тоа. И старецот му го даде името Јордан.
Минуваа години, а старецот Герасим се’ повеќе и повеќе сакаше да прејде кај Господа свој и наш. И се’ потопло се молеше на Бога да го повика кај Себе. Ја услиша Господ молитвата на Својот угодник и старец Герасим – свети Герасим се пресели кај Господа. Тоа беше на четврти март по стар, односно седумнаесети по нов календар, 475 година.
Токму тој ден лавот Јордан беше отишол во пустината да ги посети своите пријатели. А кога се врати, ех! Абе што да ти раскажувам?! Кога монасите му рекоа дека старецот отиде кај Господа, тој само рикна и веќе не стана. Па зарем тој без својот добар старец да биде тука на земјата? О, не, тоа никако не сака и не може! Затоа тој и отиде по својот добар старец.
Ех, какво пријателство меѓу човекот и животното! И какво послушание на животното кон човекот!
Послушание од љубов! Токму како некогаш во Рајот!
20-ти март 2018 лето Господово
Извор:Послушност по љубави
Преземено од: Маран Ата