Многу Светии од поново време биле особено загрижени за негрижата и немарот, што како некоја заразна болест го зафатила духот на новото време. Еден од нив е и големиот чудотворец Св. Нектариј Егински, кој на оваа тема напишал:
„Негрижливиот човек е несреќен, бидејќи не знае дека живее за да стане совршен. Не знае дека е повикан во висините на славата, не знае дека е потопен во секаква благодат, подготвена да му даде секаква духовна радост, додека тој одбива да ги подигне очите и да ја види. Тој не знае дека радоста е во маките, не знае дека среќата е во напорот, дека веселбата е во ревноста, дека во трудот се слават честа и венците. Не знае дека дошол на свет како оној што треба да се бори и дека животот е подвиг на добродетелта. Не знае дека ита кон вечноста, заборавил дека треба да положи сметка пред својот божествен Творец, дека Он ќе му го побара со добивка талантот, скриен во земја. Заборавил дека е слуга на Господарот, Кој ќе дојде во часот во кој нема да Го очекува. Заборавил дека го чека иден живот и идна осуда.
Негрижливиот, во овој живот претставува исклучок, како некој што е жив без живот, бидејќи додека сѐ, од најголемо до најмало се движи, работи, чекори, твори, ги исполнува своите должности, го извршува своето пратеништво – единствено тој останува неработлив и неподвижен, одрекувајќи се од своите должности и кон себе, и кон Бога и кон човештвото“.
За празнословието
23 октомври 2017
Погледнете како Св. Нектариј Егински се изјаснил за празнословието, коешто денес, заради намалената одговорност на човекот за своите зборови, станува сѐ поголема слабост:
„Празнословие значи да се зборува напразно, односно за тоа што е непотребно и празно. Празнословецот е запуштен, необразован, со слаб карактер, се занимава со мали и бесполезни нешта, а зборовите му се немудри. Тој зборува недолично и одвишно, прераскажува стари приказни и со своето силно брборење не го поштедува својот ближен. Нема ни мерка, ни ограда во неговите зборови, ниту доследност во неговото зборување. Тој е зборлив и зборува непромислено, неповрзано и бесмислено. Јазикот му трча пред разумот, па затоа реди зборови без логичен ред. Тој полесно ќе се лизне на јазикот, отколку на лизгав терен. Празнословецот самиот себеси си прави многу жалости“.
Извор: Бигорски манастир