Сомнителната „позитивна енергија“
Свештеник Темистоклис Мурѕанос
Модерно е да се промовира потребата да имаме „позитивна енергија“ во нашиот живот. Се рекламираат производи за конзумирање, окултни групи, но и философии со азиско потекло, преку медитација, со користење на амајлии, разработка на богослужбени методи од Истокот со чие користење ќе добиеме апетит за живот или ќе го отфрлиме дејството на негативната енергија, прават дел од луѓето, особено младите, да се свртуваат кон шарлатанство или да мислат дека нашиот живот е раководен од една негативност, но безлична. Градат едно чувство дека за нашите неуспеси, за лошото расположение, за нашите грешки не сме виновни ние, туку една безлична енергија, која треба да ја прогониме.
Предрасудите никогаш не исчезнале од нашиот живот. Од една страна живееме во една рационалистичка култура, која ја смета верата за предрасуда и бара оддалечување од нашиот живот, напаѓајќи ја безмилосно, а од друга страна, луѓето бараат утеха и надеж за нивните несреќи во случајноста и во безличните сили, избирајќи една прикриена и болна религиозност. Не бараат да се допрат вистински до Бога и да поверуваат во Него. Сакаат магиско разрешување на симптомите, без да преземат целосна одговорност за животниот пат.
Поддржувачите на оваа предрасуда итаат да ја осудат верата. Што друго прави таа, освен што продава мошти, икони, памукчиња со миро и други симболи кои штитат од злото во името на Бога? Јасно е само по себе дека, каде што има таква трговија тоа е за осуда. Тоа не ја изразува Црквата во нејзината целовитост. Но, критичарите на Црквата не можат да сфатат дека светињите во Црквата не се безлични. Тоа се спомени и белези на луѓе кои Го живееле Бога и оставија благодатта во љубовта кон Него да ги преобрази во богоподобни битија и преку нив Бог го благословува светот.
Само што тие ја прифатија одговорноста да ги следат Неговите заповеди. Да се борат не со една безлична сила или други безлични „енергии“. туку со ѓаволот како олицетворение на злото, како татко на лагата и на измамата. И оваа борба се случува во Црквата и во нејзиниот живот. Тоа не е индивидуален настан. Тоа е борбата на членовите на Телото Христово за да го засакаат Бога и ближниот, гледајќи ги страстите и грешките. Зреејќи во победите. Со доверба во таинствата на Црквата. Со смирение и молитва. Со сведочење и мачеништво, не за „позитивна енергија“ во животот, туку за благодатта на Светиот Дух и нејзините плодови. Многу млади лесно паѓаат во замката на обезличувањето. Го прифаќаат постоењето на енергии коишто не лишуваат од благодарноста. Постојат навистина такви енергии, ама тие се личносни. Ѓаволски се оние со кои успеа да го убеди светот дека самиот тој (ѓаволот) не постои и ги уловува душите и умовите, така што да го негираме и постоењето на Бога. Да мислиме дека самите можеме. Со нашите предрасуди.
Да се свртиме кон вистината на нашето Свето предание и да оставиме настрана сѐ што не оддалечува. Со одговорноста за животот во нашите раце и со повикување на името Божјо во животот на Црквата. Таму е одговорот.
Превод од грчки јазик: Свештеник Јани Мулев
Православна светлина бр. 42
9.08.2017 god