Покајание – Ден 2
дек27 by Маран Ата
Расказ за Таксиот воин
mitarstva_mmmВо Картагина живеел еден маж по име Таксиот, војник, кој водел многу грешен живот. Еднаш во градот Картагина се појавила заразна болест, од која умирале многу луѓе. Таксиот бил обземен од страв, се обратил кон Бога и се покајал за своите гревови. Тој го напуштил градот заедно со својата жена и се оддалечил во едно село, каде што престојувал поминувајќи го време во богомислие.
По некое време, по дејство на ѓаволот, тој паднал во прељуба со жената на земјоделецот, кој живеел во нивното соседство. Но, по неколку дена откако згрешил, бил каснат од змија и умрел.
На растојание од едно поле (200 метри) од тоа место имало манастир. Жената на Таксиот отишла во тој манастир и ги замолила монасите да дојдат да го земат телото на покојниот и да го погребаат во црквата. Го погребале во третиот час од денот.
Кога настапил деветтиот час, од гробот се чул силен извик: “Помилувајте ме, помилувајте ме!” Кога се приближиле до гробот и го чуле викот на погребениот, монасите веднаш го откопале и го нашле Таксиот жив. Ужаснати, тие се зачудиле и го прашале, сакајќи да дознаат што се случило со него и како оживеал. Но, тој поради силниот плач и ридање не можел да им раскаже ништо и само молел да го одведат кај епископ Тарасиј. И бил одведен кај него.
Епископот побарал да му раскаже што видел таму во текот на три дена, но дури на четвртиот ден погребаниот почнал да разговара. Со горчливи солзи, тој го раскажал следново:
- Кога умирав, видов неколку Етиопјани, кои стоеја пред мене; изгледот им беше многу страшен и мојата душа се смути. Потоа видов две многу убави момчиња; мојата душа тргна кон нив и во тој миг, како да полетавме од земјата, почнавме да се издигаме кон небото, среќавајќи ги по патот митарствата, кои ја задржуваат душата на секој човек и секое од нив ја измачува за посебен грев: едно за лагата, друго за зависта, трето за гордоста, и така секој грев има свои испитувачи во воздухот. И ете, во ковчежето, кое го држеа ангелите, ги видов сите мои добри дела, кои ангелите ги споредуваа со злите. Така ние ги минувавме тие митарства. Но, кога приближувајќи се кон небесните врати, стигнавме до митарството на блудот, стражарите ме задржаа и почнаа да ги покажуваат сите мои блудни плотски дела, извршени од детството до мојата смрт, и ангелите, коишто ме водеа, ми рекоа:
- Сите телесни гревови кои си ги извршил, додека си бил во градот, Бог ти ги прости, бидејќи си се покајал за нив.
Но противничките духови ми рекоа:
- Но, кога излезе од градот, на полето ти згреши со жената на твојот земјоделец.
Кога го чуја тоа, ангелите не најдоа добро дело, кое би можеле да го спротивстават на тој грев, и оставајќи ме, си заминаа.
Тогаш злите духови ме фатија, почнаа да ме тепаат и ме одведоа надолу; земјата се отвори и јас, воден низ тесни влезови и тесни, смрдливи отвори, стигнав до најдлабоките места на адските бездни, кадешто во вечна темнина се заклучени душите на грешниците, каде што нема живот за луѓето, туку само вечна мака, безутешен плач и неискажливо чкртање со заби. Таму секогаш се слуша очаен извик: “Тешко нам! Тешко нам!” И не е возможно да бидат опишани страдањата, кои се случуваат таму, да се раскажат сите маки и болки, кои ги видов. Лелекаат од дното на својата душа и никој не се смилува над нив; плачат и нема утешители; молат, и нема кој да ги чуе и да ги избави. И јас бев заклучен во овие мрачни места, полни со ужасна скрб, и плачев, и ридав горко од третиот до деветтиот час. Потоа видов слаба светлина и два ангела дојдоа тука; и усрдно почнав да ги молам да ме изнесат од тоа место на маката, за да се покајам пред Бога.
Ангелите ми рекоа:
- Напразно се молиш. Никој не излегува оттука, додека не дојде времето на општото воскресение.
Но, бидејќи јас продолжив усрдно да просам милост и да ги умолувам, и ветив дека ќе се покајам за своите гревови, тогаш едниот ангел му рече на другиот:
- Сигурен ли си дека ќе се покае, и тоа од се срце, како што ветува?
Другиот рече:
- Сигурен сум!
Потоа, тој ми подаде рака. Тогаш ме изведоа оттука на земјата и ме доведоа до гробот, каде што лежеше моето тело и ми рекоа:
- Влези во она, со кое што си се разделил.
И ете, видов дека мојата душа свети како бисер, а мртвото тело е црно како кал и испушта смрдеа, и затоа не сакав да влезам во него. Ангелите ми рекоа:
- Не е возможно да се покаеш без телото, во кое си ги вршел гревовите.
Но, јас ги молев да не влегувам во телото.
- Влези – рекоа ангелите, – инаку повторно ќе те однесеме таму, од каде што те зедовме.
Во тој момент јас влегов, оживеав и почнав да викам: “Помилувајте ме!”
Тогаш светителот Тарасиј му рекол:
- Нахрани се.
Тој не сакал да јаде, но одејќи од црква до црква, паѓајќи ничкум и со солзи и длабоки воздишки, ги исповедал своите гревови и на сите им велел:
- Тешко на грешниците, зашто ги очекува вечна мака; тешко на оние, кои не принесуваат покајание додека имаат време; тешко на оние, кои го осквернуваат своето тело!
По своето воскресение, Таксиот проживеал четириесет дена и се очистил себеси со покајание; ја предвидел својата смрт три дена пред тоа и отишол кај Милосрдниот и Човекољубив Бог, кој ги изведува од адот и дава спасение на сите, Кому е слава во веки. Амин.
Заветување
Јас си ги спечалив маките, затоа што грешев и не знам со сигурност дали Бог ми простил.
Можам да бидам осуден на маки и затоа што сеуште грешам, и не знам дали навистина со сите сили се борам против гревот.
Можам да бидам осуден на маки, зашто не сум го променил својот нарав и не знам со сигурност дали навистина ќе се променам пред да умрам. Ако на смртниот час и по исповедањето на вообичаените своите гревови, пак ќе паднам поради својата внатрешна согласност со гревовите, кои толку пати сум ги вршел, што ќе стане со мене?
Плод
Донеси цврсто решение да не греши повеќе.
Исправи се од секој грев, дури и ако ти изгледа мал, бидејќи тој го прави несигурно твоето спасение.
Принеси во овој ден покајание, помнејќи ги маките, кои заслужуваш да претрпиш, ако Бог не беше се умилостивил.
Помоли се и овој ден вака: Ги исповедам пред Тебе, мојот Господ, Бог и Создател, Кој е прославуван и и на Кој се поклонуваме во Света Троица Отец, Син и Свети Дух, сите свои гревови, извршени во сите дни на мојот живот, во секој час и сега, со дела, со зборови, со мисли: прејадување, опивање, ненавремено јадење, празнословие, униние, мрзеливост, дрскословие, непослушност, клеветење, осудување, невнимателност, самољубие, среброљубие, грабење, лага, кражба, давање на заем со лихва, завист, гнев, оскрбување на ближниот, плотска похот и нечистотија, злопаметење, омраза и она што згрешив со сите мои сетила: вид, слух, мирис, вкус, чувство и со сите душевни и телесни чувства, преку кои Те прогневив Тебе, мојот Бог и Творец, и го навредив својот ближен. Жалејќи за овие свои гревови, признавајќи се себеси за виновен (виновна) пред Тебе, мојот Бог, коленопреклоно паѓам и се каам, помогни ми, Господи, Боже мој, со солзи смирено Ти се молам. Прости ми ги според Твоето милосрдие, сите минати и сегашни согрешенија и ослободи ме од нив, како благ и човекољубец. Амин.
Достојно е навистина да Те блажиме, Богородице, секогаш блажена и пренепорочна, и Мајка на нашиот Бог. Почесна од херувимите и неспоредлива пославна од серафимите, нетлено Бог Словото што Го роди, Тебе, вистинска Богородице, ние Те величаме.
Слава Ти на Тебе, Христе Боже, надеж наша, слава Ти на Тебе.
Слава на Отецот, и Синот, и Светиот Дух, и сега и секогаш и во сите векови. Амин.
Господи, помилуј (3).
По молитвите на светите отци наши, Господи Исусе Христе, Боже наш, помилуј нé. Амин.
Извор: Света Гора Зограф
Преземено од : Маран Ата