23 септември 2014 лето Господово
Претседателот на Синодалниот информативен оддел Владимир Легоида, на средба со учесниците на VI Mеѓународен фестивал за православни медиуми „Верата и светот“, претстави посебен труд на Неговата Светост Патријархот Кирил наречен „Слобода и одговорност: Во потрага по хармонија“.
Владимир Легоида исто така изјави дека развојот на православното новинарство без следењето на основната цел, а тоа е сведочењето на Христа, е пат што не води никаде, соопштува СИНФО.
Презентирајќи го патријаршискиот труд, претседателот на СИНФО истакна дека проблемот на слободата и одговорноста, актуелен како никогаш досега за православниот новинар, му дава можност да го избегне користењето на концепти туѓи на православната традиција, при известувањето за значаен општествен проблем.
„Смисолот на православните медиуми – сведочењето за Христа - е всушност апостолското служење. Ако православните медиуми пишуваат претежно за политички прашања или за православната кујна, а не за Христа – тие се бесполезни“, изјави Владимир Легоида.
Претседателот на Синодалниот Информативен Оддел додаде дека православната журналистика претполага движење во длабочина, а не во широчина, таа не може да се развива екстензивно, а истовремено да ја шири тематиката во потрага по аудиториум, дури и ако тоа се покажува ефективно за зголемување на популарноста на изданието.
„Кога се зборува за криза на православната журналистика, тоа не е повод за взаемни обвинувања, туку можност да се преосмислат сопствените дејности, споредувајќи ги своите резултати со целта, а тоа е сведочење на Христа. И ако притоа се случи намалување на интересот кон православниот медиум, ние сме должни да го сфатиме тоа како професионален или духовен предизвик“, истакна претседателот на СИНФО.
„Сведоштвото за Вистината никогаш не губи актуелност“, заклучи Владимир Легоида.
Извор: Правмир
Преземено од: Бигорски манастир