50 Б Е С Е Д И
ЗА СОВРШЕНСТВОТО
БЕСЕДА 4
Христијаните, за да се удостојат за небесните пофалби од Бога и од ангелите, треба внимателно и грижливо
да се држат до својот правец во овој свет
1. Ако сакаме да водиме христијански живот како што треба во совршенство, неопходно е со сите сили да се погрижиме, пред сè, за смислата и расудувањето на душата, па откако ќе стекнеме способност точно да ги разликуваме доброто и лошото и во секој еден случај да можеме да распознаваме што влегло во чистата природа, а ñ е несвојствено, да живееме правилно и без сопнување, како и, користејќи го расудувањето како око, да бидеме во состојба да не се здружуваме и согласуваме со сугестиите на порокот, а преку тоа, удостоени за божествениот дар, да станеме достојни за Господа. Да земеме пример од она што е видливо, затоа што постои сличност меѓу телото и душата, меѓу она што е телесно и она што е душевно, видливото и сокриеното.
2. Телото како свој патеводител го има окото. Окото гледа и на тој начин сознава целото тело. Замисли си дека некој човек поминува низ некое калливо место, обраснато со густа шума и трње, каде што патот му го попречува оган и боцкаат трнови, а има и провалии и обилни води. Ако патникот е умешен, внимателен и бестрашен, тогаш, имајќи ги очите како патеводители, ги поминува сиве овие тешко проодни места многу внимателно и со рацете и нозете грижливо го придржува својот хитон (долга кошула) за да не го искине меѓу дрвјето и трњето, да не го извалка во калта, да не го исече од боцките. А очите, служејќи му како светлина на целото тело, му го покажуваат патот за да не падне во провалија, или да не потоне во вода, или да не се повреди поминувајќи некое потешко проодно место. Така умешниот и досетлив патник, кој внимателно си го прибрал хитонот и оди право како што му покажуваат очите ‡ и себе си се сочувува неповреден и хитонот што го облекол неизгорен и неискинат. А ако низ истите места поминува човек неработлив, мрзелив, негрижлив, неумешен, немарен, тогаш неговиот хитон се вее ваму-таму, зашто кај патникот недостасува цврста решеност внимателно да си ја прибира облеката, па таа се кине од гранките и трњето, подгорува од огнот, ја дрпаат боцките или се извалкува од калта. Со еден збор, новиот и прекрасен хитон набргу се упропастува поради неговото невнимание, немарност и мрзеливост. А ако патникот не обрнува целосно и потребно внимание на тоа што му го покажуваат очите, и самиот ќе падне в дупка или ќе потоне во водата.
3. Слично на ова и душата ‡ која на себе ја носи облеката на телото како прекрасен хитон, и во себе го има расудувањето, кое ñ дава насока на целата душа, заедно со телото, додека поминува по калливите животни патеки обраснати со густа шума, значи, низ кал, оган, по ивиците на провалиите, т. е. желбите, задоволствата и останатите отпатни нешта на овој век ‡ треба трезвено, храбро, грижливо и внимателно постојано да се прибира и да се чува. А за да не се случи телесниот хитон да се искине некаде во шуместите и трнливи места на овој свет, од грижите, немањето време и земните разоноди, а и да не изгори од огнот на желбите, душата, облечена во него, го одвраќа окото за да не ги види лукавствата, исто така и слухот, за да не ги слуша сплетките, го задржува јазикот од празни разговори, рацете и нозете од лоши занимања, затоа што на душата ñ е дадена волја да ги одвраќа членовите на телото и да не им допушта да се доближуваат до лошите глетки, да слушаат нешто лукаво и срамно, да кажуваат непристојни зборови и да се занимаваат со светски и лукави занимања.
4. Душата и самата се одвраќа од занимавањето со лукави работи и го оградува срцето, сакајќи неговите помисли да не кружат во овој свет. А кога се подвизува на таков начин, во тоа ја вложува сета своја желба и многу внимателно, во секој поединечен случај, ги задржува членовите на телото да не прават лошо, успева да го сочува неискинат, неизгорен, неисцрнет телесниот хитон. Љубознателноста, осмисленоста и расудливоста на нејзината волја ја чуваат и неа самата, а најмногу од сè Господовата сила, ако, според мерата на своите сили, се воздржува и одвраќа од секоја светска желба. Така, преку ова таа добива помош од Господа, за вистински да се запази од злата што ги наброивме погоре. Зашто Господ, штом ќе види дека некој храбро се одвраќа од животните задоволства, од материјалните разоноди и грижи, од земните окови, и не им дава во умот место на суените помисли, му ја дава Својата благодатна помош и на душата, којашто овој лукав век го поминува на најдобар начин, ñ ја запазува безбедноста. А кога душата ќе успее да се сочува себе си, а и хитонот на своето тело, колку што можела, преку одвраќањето од секоја светска желба и, со Божја помош, на најдобар начин ќе го заврши своето движење низ арената на овој свет, се удостојува за небесни пофалби од Бога и ангелите.
5. Ако некој, поради неработливост и немање грижа, е невнимателен во овој живот и по сопствена волја не го трга своето внимание од сите светски желби и не го сака, со сета своја желба, единствено Господа, тогаш хитонот на неговото тело се кине од трњето и дрвјето на овој свет, изгорува од огнот на посакувањето, се осквернува од калта на задоволствата. Па така, во денот на судот се покажува дека душата нема смелост, затоа што не успеала својата облека да ја зачува неосквернета, туку ја расипала меѓу измамите на овој век. Поради ова неа ја исфрлаат од царството. Зашто, што ќе направи Бог со оној што по своја сопствена воја се предава на светот, се мами со неговите задоволства или блуди (лута со умот), кружејќи во материјалното? Тој Својата помош му ја дава на оној што се одвраќа од материјалните задоволства и од поранешните навики, што секогаш, со усилба, ја устремува својата мисла кон Господа, се одрекува од самиот себе, а Го сака само Господа. Таквиот ‡ кој во густата шума на овој свет во секоја ситуација ги избегнува мрежите и пајажините, кој со страв и трепет го гради своето спасение (Филип. 2, 11), со целосно внимание ги заобиколува мрежите, пајажините и похотите на овој век, а ја сака помошта Господова и, по милоста Господова, се надева да се спаси преку благодатта ‡ Бог го чува.
6. Еве, петте разумни девојки, останувајќи будни и итајќи кон она што е необично за нивната природа, откако ставија елеј (масло) во садовите на своето срце, т. е. ја ставија благодатта на Духот којашто се дава одозгора, успејаа да влезат со Младоженецот во небесната брачна одаја. А другите, неразумните девојки, останувајќи на својата сопствена природа, не останаа будни, не се потрудија додека сè уште беа во плот во своите садови да сипат „елеј на радоста” (Псал. 44, 7), па поради неработењето, немарливоста, немањето грижа, незнаењето, а можеби и поради вообразеноста дека се праведни, како да беа потонале во сон. Поради ова, пак, не им е допуштено да влезат во брачната одаја на Царството, зашто не можеле да Му угодат на небесниот Младоженец. Задржувани од светските окови и од некаква земна љубов, тие не Му ја посветиле целата своја љубов и приврзаност на небесниот Младоженец и со себе не донеле елеј. Душите, кои го засакале она што е необично за природата ‡ светињата на Духот, со сета своја љубов се приврзани кон Господа, со Него одат, од сè се одвраќаат, кон Него ги управуваат молитвите и помислите, можат непречено да си го продолжат својот правец, во сè целосно угодувајќи Му на духовниот Младоженец. А душите, кои остануваат на својата природа, со помислата лазат по земјата, за земјата помислуваат и нивниот ум живее на земјата. Тие, самите за себе, мислат дека Му припаѓаат на Младоженецот и украсени се со плотски оправдувања. Меѓутоа, бидејќи не го примиле елејот на радоста, не се ни родиле одозгора преку Духот.
7. Петте умствени душевни сетила, ако во себе ја примат благодатта одозгора и светињата на Духот, реално стануваат мудри девојки, кои одозгора во себе ја примиле благодатната мудрост. А ако остануваат само на својата природа, стануваат неразумни и се покажуваат како чеда на светот; зашто не го слекле духот на светот, иако самите за себе, според некои показатели и според надворешноста, мислат дека се невести на Младоженецот. Како што душите, кои сецело се прилепиле кон Господа ‡ во Него престојуваат со помислата, кон Него ги издигнуваат молитвите, одат заедно со Него и ја посакуваат љубовта Господова, така, од друга страна, душите што ñ се предале на љубовта кон светот и посакале живеачката да им биде на земјата ‡ таму одат, таму престојуваат со мислата, таму живее нивниот ум. Затоа тие не се наклонети кон доброто мудрување на духот, како кон нешто необично за нашата природа, а под ова ја подразбирам небесната благодат, којашто неопходно е да се спои со нашата природа, за ние да можеме да влеземе заедно со Господа во небесната брачна одаја на Царството и да го најдеме вечното спасение.
8. Како последица од непослушноста на првиот човек, ние во себе примивме нешто туѓо за нашата природа ‡ штетните страсти, и со навиката, со нивното долговремено усвојување, ги претворивме во нешто како наша природа. И повторно со нешто необично за нашата природа ‡ небесниот дар на Духот, од нас треба да го истераме ова туѓово и дарот на Духот треба да ни ја поврати првобитната чистота. И ако сега, со многу молење, просење, со вера, молитва, со одвраќање од светот не ја примиме во себе онаа небесна љубов на Духот и нашата природа, осквернета од порокот, не се прилепи кон љубовта, т. е. кон Господа, и не биде осветена со онаа љубов на Духот, и ако ние не останеме до крај исправени, живеејќи најточно според Господовите заповеди, нема да можеме да го зграпчиме небесното царство.
9. Со намера сум, според мерата на своите сили, да искажам некое суптилно и длабокомислено слово. Затоа, послушајте со разум. Бескрајниот, недостапен и несоздаден Бог, по Својата безгранична и за мислата недофатлива благост, се оплототворил Себе си и, така да се каже, како да ја смалил Својата непристапна слава, за да биде можно да влезе во единство со Своите видливи творби ‡ мислам овде на душите на светителите и ангелите ‡ и ним да им стане можно да учествуваат во животот на Божеството. А секоја творба ‡ и ангелот, и душата, и демонот, по својата сопствена природа, е тело*; затоа што тие, иако се истенчени (префинети, суптилни), сепак, во својата суштина, според своите карактерни црти и според ликот, во согласност со истенченоста на својата природа, се тенки тела, додека нашето тело во својата суштина е дебело. Така и душата, иако истенчена, се облекла со око, со коешто гледа, и со уво, со коешто слуша, а слично на ова и со јазик, со којшто зборува, и со рака. Со еден збор, откако се облекла со целото тело и со неговите членови, душата се споила со телото, и како последица на тоа спојување се извршуваат сите животни функции.
10. На сличен начин, бескрајниот и за мислата недофатлив Бог, по благоста Своја, се смалил Себе си, се облекол со членовите на ова тело и ја сокрил Својата непристапна слава. Преобразувајќи се од снисходење и човекољубие, Тој се плототвори Себе си, влегува во единство, ги восприема светите и верни души што му благоугодиле и, според изреката на Павле, заедно со нив е во еден Дух (1. Кор. 6, 17), така да се каже ‡ душа во душа и ипостас во ипостас, па душата, достојна за Бога и Нему угодна, да може да живее обновена и да го сеќава бесмртниот живот, и да се направи причесничка на непропадливата слава. Зашто Тој и оваа видлива творба ја привел од небитие во битие во некоја голема разнообразност и со мноштво разлики, и неа ја немало додека не била приведена во битие. Тој посакал, и без труд ни од што створил природи цврсти и груби, на пример: планини, дрвја (гледаш колку е тврда нивната природа!), потоа средни: водите, а од водите заповедил да се родат птиците, и уште потенки (пофини): оган и ветрови, а и такви, кои, поради нивната истенченост, се невидливи за телесното око.
11. А штом безграничното и неискажливо уметништво на многуразличната Божја премудрост ни од што создало груби, тенки и меки тела, кои почнале да постојат преку Божјата волја, колку полесно Оној Кој е, како што сака, и преку што сака, поради неискажливата благост и за мислата недофатливата добрина, Самиот се претвора, се смалува, се прави сличен на светите и достојни верни души, плототворејќи се, според мерата на нивната способност да примат, со цел Невидливиот за нив да биде видлив, и Неопфатниот, сразмерно на својството на душевната тенкост, да биде опфатлив, и душите да ја сетат благоста и сладоста Негова и опитно да се насладат со светлината на неискажливата наслада. Кога сака ‡ Тој е оган, што ја изгорува секоја непригодна и во нас навлезена душевна немоќ. Зашто, кажано е: „Нашиот Бог е оган, што изгорува” (Евр. 12, 29). А кога сака ‡ Тој е неискажан спокој, па душата да се успокојува со спокојството на Божеството. И кога сака ‡ радост е и мир, ја стоплува и штити душата.
12. Ако, пак, на радост и веселба на духовните творби, сака Себе си да се уподоби и на некоја од творбите, на пример: на градот на светлината ‡ Ерусалим, или на гората ‡ небесниот Сион; тогаш сè може, како што Му е угодно, според кажаното: „Вие, пак, пристапивте кон планината Сион и кон градот на живиот Бог, небесниот Ерусалим” (Евр. 12, 22). Ништо не Му е тешко и сè Му е удобно, што и да сака, Нему, Кој се преобразува заради душите што Му се достојни и верни. Човекот треба само да се потруди да Му стане пријатен и благоугоден, па опитно, на чувствен начин, да ги види небесните блага, неизразливата наслада, бескрајното богатство на Божеството, во вистинска смисла на зборот „што око не виде, уво не чу, ниту на човека на ум му падна” (1. Кор. 2, 9), да Го види Духот Господов, Кој стана спокој, радост, наслада и вечен живот на достојните души. Зашто Господ се плототвори Себе си и за храна и за пиење, како што е напишано во Евангелието: „Кој јаде од овој леб, ќе живее вечно” (Јован 6, 51), со цел на неискажлив начин да ја успокои душата и да ја исполни со духовна веселба. Зашто вели: „Јас сум лебот на животот” (Јован 6, 35). А слично на тоа се плототвори Себе си и за пиење од небесната река, како што вели: „Кој пие од водата, што ќе му ја дадам Јас, нема никогаш да ожедни; таа во него ќе стане извор на вода, што ќе тече во живот вечен” (Јован 4, 14). „И сите”, кажано е, „пиеја исто духовно пиење” (1. Кор. 10, 4).
13. Така, според тоа како што Самиот благоволил и како што било полезно, Тој му се јавувал на секој од светите отци, на еден начин ‡ на Авраам, на друг ‡ на Исак, поинаку ‡ на Јаков, поинаку ‡ на Ное, Даниил, Давид, Соломон, Исаија, и на секој од светите пророци, поинаку ‡ на Илија, поинаку ‡ на Мојсеј. И мислам дека Мојсеј, за сето време на четириесетдневниот пост на гората, пристапувајќи кон онаа духовна трпеза, од неа се утешувал и насладувал. Потоа, како што Самиот благоволил, Тој му се јавувал на секого од светителите за да го успокои, спаси и да ги приведе во познание на Бога. Зашто Нему Му е удобно сè што ќе посака и намалувајќи се Себе си, како што сака, се плототвори и се преобразува, правејќи се видлив за оние што Го љубат, според големата и неизразлива љубов, во непристапната слава на светлината јавувајќи им се на достојните, сразмерно на силите на секого. А душата, којашто се удостоила со голема желба, очекување со вера и со љубов да ја прими во себе онаа сила одозгора ‡ небесната сила на Духот, и којашто во себе веќе го има небесниот оган на бесмртниот живот, реално се одврзува од секоја светска љубов, се ослободува од сите врски (окови) на порокот.
14. Како што железото, оловото, златото или среброто, кога ќе бидат ставени во оган, го губат својството на тврдост, променувајќи се во меки материјали, и сè додека се во огнот, по силата на топлината на огнот, се растопуваат и ја менуваат природната тврдост; исто така и душата, којашто се одрекла од светот и Го возљубила единствено Господа со голема срдечна желба, преку труд, преку подвиг, непрестајно очекувајќи Го со надеж и вера, откако во себе го примила оној небесен оган на Божеството и љубовта на Духот, веќе реално се одврзува од секоја светска љубов, се ослободува од секоја штета од страстите, сè отфрла од себе, го менува својот природен квалитет и својата гревовна тврдост, сè смета дека е излишно, а спокојна е само кога е соединета со Небесниот младоженец, Кого Го примила кај себе, и кога ја чувствува својата пламена и неискажлива љубов кон Него.
15. Ти велам дека душата, така да се каже, се одвраќа и од најсаканите браќа, што ñ се пред очи, ако и пречат во онаа љубов, затоа што нејзин живот и спокој е таинственото и неискажливо општење со небесниот цар. Зашто и љубовта кон плотското општење одвојува од таткото, мајката, браќата, и сè што е поврзано со нив во умот станува второстепено и туѓо. И ако човек ги љуби нив, ги љуби како туѓи, додека целата своја наклонетост ја насочил кон неговата сопруга. Зашто, кажано е: „Поради тоа човекот ќе го остави татка си и мајката своја и ќе се придружи кон жената своја, та обајцата ќе бидат една плот” (Ефес. 5, 31). Според тоа, ако плотската љубов така нè одврзува од секоја љубов, тогаш колку повеќе оние, коишто се удостоиле реално да стапат во општење со небесниот и посакуван Свет Дух, се одврзуваат од секоја љубов кон светот и за нив сè изгледа излишно, затоа што се поразени од небесната желба и силно зависни од него, таму се нивните желби, таму помислите, таму живеат, таму се движат нивните мисли, таму секогаш престојува нивниот ум, поразен од божествената и небесна љубов и од духовната желба.
16. Значи, возљубени браќа, кога ни претстојат толку блага и Господ ни дал толку ветувања, да ги оттргнеме од себе сите пречки, да се одвратиме од секоја љубов во светот, да се посветиме на барањето и посакувањето на единственото богатство, за да можеме да дојдеме во состојба да ја задобиеме онаа неизречена љубов на Духот, кон која нè советувал да итаме блажениот Павле, велејќи: „стремете се кон љубовта” (1. Кор. 14, 1), и за да можеме, по својата цврстина, да се удостоиме да бидеме изменети од десницата на Вишниот и, откако ќе бидеме ранети од љубовта на божествениот Дух, да влеземе во кротост и духовен спокој; зашто Господ штедро покажува милост кон нас, веднаш штом целосно ќе се свртиме кон Него, истргнувајќи се себеси од сè спротивно на ова. Дури и ако ние, поради големо незнаење, поради младост или поради тоа што пороците се вкорениле во нас, се одвраќаме од животот и самите на себе си поставуваме многу пречки, без да сакаме вистински да се покаеме, Тој, долготрпеливиот кон нас, покажува голема добросрдечност веднаш штом се обратиме, пристапиме кон Него и го просветиме нашиот внатрешен човек, за да не се посрамат нашите лица во денот на судот.
17. Ако ова ни изгледа тешко, поради суровоста на подвизите на добродетелта, подобро кажано ‡ според сугестијата и советот на противникот, сепак, Господ сè уште е милосрден и долготрпелив, и го очекува нашето обраќање. Ако грешиме, ова го пренесува во очекувањето на нашето покајание. Ако паѓаме, не се срами одново да нè прими, како што рекол пророкот: „Зар паднатите не стануваат, и оние што скршнале од патот не се враќаат” (Јерем. 8, 4)? Доволно е да станеме трезвени и да стекнеме добра мисла; поскоро и на вистински начин да се свртиме кон Него и да ја побараме Неговата помош. А Тој е подготвен да нè спаси; затоа што Тој од нас го очекува пламеното устремување на нашата добра волја кон Него, што треба да произлезе од слободата на верата и усрдноста, според мерата на нашите сили, додека секое напредување во нас самите го произведува Тој самиот. Затоа, возљубени, откако ќе го соблечеме секое предубедување, неработење и мрзеливост, како чеда Божји да се погрижиме да се направиме храбри и подготвени да одиме по Него, да не го одложуваме ова од ден на ден, под влијание на порокот; зашто не знаеме кога ќе биде нашето излегување од плотта. Големи се и неискажливи ветувањата дадени на христијаните, и тоа толку големи, што со верата и богатството на една душа не можат да се споредат дури ниту целата слава и убавината на небото и земјата, и останатиот нивни украс, и разнообразноста, богатството, убавината на видливото и насладувањето со него.
18. Значи, при толку поттици и ветувања од Господа, како да не посакаме целосно да пристапиме кон Господа и да Му се посветиме, откако, пред сè, според евангелието, ќе се откажеме и од својата душа, да Го возљубиме единствено Него и да не љубиме при тоа ништо друго? Еве, сево ова ни е подарено и уште колкава слава! Колку промислувања Господови имаше за нас од времето на отците и пророците! Колку возвишени ветувања! Колку поттици! Колкава добросрдечност имаше Владиката кон нас уште од почетокот! Најпосле, при Своето доаѓање, Тој ја докажа неискажливата благост кон нас со распетието, па нас, кои се обративме, да нè воведе во животот. А ние сè уште не се разделуваме од своето самоволие, од љубовта кон светот, од лошите предубедувања и навики, и преку тоа се покажуваме малуверни, па дури и неверни! Сепак, и покрај сето тоа, Господ останува милостив кон нас, невидливо нè чува и успокојува, до крајот не нè предава, поради нашите гревови, на порокот и измамите на светот, поради големата благост и долготрпението не допушта да погинеме, сè уште сметајќи на нас дека некогаш ќе се свртиме кон Него.
19. Но се плашам да не се случи врз нас, коишто живееме пренебрегнувајќи сè и се раководиме од предрасуди, со време да се исполни апостолската изрека: „Или го презираш богатството на Божјата благост, кротост и долготрпеливост, не разбирајќи дека Божјата благост те води кон покајување” (Рим. 2, 4)? А ако, и покрај долготрпеливоста, благоста и кротоста Негова, уште го зголемиме бројот на гревовите и со своето неработење и негрижа си приготвиме најтешка осуда, тогаш врз нас ќе се исполни апостолското слово: „Според твојата упорност и непокајаното срце си собираш гнев за денот на гневот, кога ќе се открие праведниот суд од Бога” (5). Зашто голема е и неискажлива Божјата благост, неизразливо е Божјото долготрпение кон човечкиот род, само ако посакаме да се отрезниме и да се погрижиме целосно да се свртиме кон Бога, за да можеме да го задобиеме спасението.
20. А ако сакаш да го познаеш Божјото долготрпение и големата Божја благост, на ова можеме да се научиме од боговдахновените писма. Погледни ги Израилците, од кои се „отците”, преку кои биле дефинирани ветувањата, „од нив по плот е Христос, и службата и заветите” (Рим. 9, 4 и 5). Колку многу тие грешеле? Колку пати скршнувале од патот? Но сепак, Бог не ги оставал, туку на кратко време, во нивна полза, ги предавал на казни, сакајќи преку маката да им ги смекне жестоките срца, ги упатувал, ги поттикнувал, им испраќал пророци и колку време бил долготрпелив кон нив, додека тие грешеле и Го нажалувале? Тие што се обраќале ги примал со радост. И кога одново ќе скршнеле ‡ не ги оставал, туку преку пророците ги повикувал да се обрнат. И иако многукратно Го напуштале и Му се враќале, секојпат ги пресретнувал со добра настроеност на волјата, ги примал човекољубиво, додека, најпосле, не попаднале во голем грев, со тоа што ставиле раце врз својот сопствен Владика, Когошто, според преданието на отците и светите пророци, Го очекувале како свој Искупител, Спасител, Цар и Пророк. Зашто, кога дошол ‡ не Го примиле. Дури, откако многу Го исмејале, на крајот Го предале на смртна казна на крстот. Со оваа голема повреда и огромен престап нивните преумножени гревови ја достигнале својата полнота. Затоа тие најпосле беа оставени, откако Светиот Дух се оддалечи од нив, кога се искина завесата на храмот. Затоа и нивниот храм беше предаден на паганите, и разурнат и запустен, според определбата на Господа, дека „нема да остане тука ни камен на камен, а да не биде урнат” (Мат. 24, 2). На тој начин, тие конечно им беа предадени на јазичниците, царевите што тогаш ги потчинија ги расејаа по целата земја и им беше наредено веќе да не се враќаат во својата земја.
21. Така и сега Бог, Кој е милостив и благ кон секого од нас, го пројавува Своето долготрпение. И покрај тоа што од секого доживува многукратни повреди, тихува, очекувајќи ‡ ќе се отрезни ли човекот со време и ќе се промени ли, па веќе да не Го нажалува? И со голема љубов и радост Тој го прима оној што се обрнува од гревот. Зашто, вака зборува: „Таква радост станува за еден грешник што се кае” (Лука 15, 10), и уште: „Вашиот Отец небесен не сака да загине ниедно од овие” (Мат. 18, 14) најмаливе. Но ако некој ‡ и покрај големата милосрдност и долготрпеливост Божја кон него, кога Бог не го подложува на казна за секој гревовен престап, скриен или отворен, туку гледајќи го тоа, молчи и тихува, како некако да го очекува покајанието ‡ самиот, откако стасал до голема негрижа, почнува на гревовите да им додава гревови, на немањето грижа немање грижа, врз еден грев да гради друг и ја исполнува мерата на гревовите, тогаш тој, најпосле, паѓа во таков грев, од кој не може да излезе, туку пропаѓа и, откако ќе му се предаде на лукавиот, целосно погинува.
22. Така било со содомјаните. Грешејќи многу и свртувајќи се кон гревот, најпосле им дошла зла умисла против ангелите, посакале со нив да имаат полов однос и паднале во таков грев, што веќе не останало место за покајание, туку биле конечно отфрлени. Затоа што ја беа исполниле, па дури и надминале мерата на гревовите. И затоа, според Божјиот суд, биле изгорени со оган. Така било и во времето на Ное. Многукратно раздразнувајќи Го Бога, и при тоа не принесувајќи покајание, луѓето стасале до такви гревови, што најпосле ја развратиле целата земја. Исто така, Бог бил милостив и кон Египќаните, кои многу Го нажалувале Бога и грешеле против Неговиот народ, не наложувал врз нив казни за конечно да ги истреби, туку само за да ги поучи, да ги поттикне да се обрнат и да се покајат, им нанесувал лесни удари, пројавувајќи го Своето долготрпение и очекувајќи го нивното покајание. Но тие, откако во многу работи згрешија пред Божјиот народ, де обрнувајќи се, де премислувајќи се од тоа, и се зацврстија во древното неверие на злото самоволие, го обременија народот Божји со работа, а најпосле, кога Бог преку Мојсеј со многу чуда го изведе народот од Египет, направија голем грев со тоа што тргнаа да го гонат народот Божји. Затоа божествениот суд конечно ги истреби, ги погуби и потопи во водата, потврдувајќи дека се недостојни за видливиот живот.
23. Слично на ова, и Израилците, како што е кажано погоре, многукратно си го попречуваа патот и грешеа, убивајќи ги пророците Божји и извршувајќи многу други лоши дела, додека Бог молчешкум долготрпел, очекувајќи го нивното покајание. Најпосле, тие се сопнале така, што се упропастиле, и веќе не можеле да станат; затоа што ставиле раце на величеството на Владиката. Така, откако најпосле биле напуштени од Бога, биле отфрлени. Од нив било одземено пророштвото, свештенството и богослужењето. А сево ова им е дадено на јазичниците кои поверувале, како што вели Господ: „царството Божјо ќе се земе од вас и ќе се даде на народ, што ги принесува неговите плодови” (Мат. 21, 43). Дотогаш Бог ги трпел, не го прекинувал Своето долготрпение, не престанувал да биде милосрден кон нив. Но бидејќи ја исполниле, па дури и преполниле, мерата на гревовите, со тоа што ги ставија рацете свои на величеството на Владиката, конечно беа напуштени од Бога.
24. Ја раширивме мислата за ова, возљубени, потврдувајќи со мисли избрани од Писмото дека, колку што е можно поскоро, треба да се обратиме и да поитаме кон Господа, Кој е милостив кон нас и очекува целосно да се оддалечиме од секое лукавство и лошо предубедување, а оние што се обраќаат ги прима со голема радост; ја раширивме, велам, мислата за ова, за да не се случи од ден на ден да се зголемува нашата негрижа и да не се умножуваат во нас нашите гревовни падови, па преку тоа на себе да го навлечеме Божјиот гнев. Затоа, да се потрудиме, откако ќе се обратиме со искрено срце, да пристапиме кон Бога и, бидејќи очајувањето е сугестија на злобата и неискреноста, да не очајуваме во поглед на спасението, спомнувајќи си за поранешните гревови, кои го ставаат човекот во очај, немарност, пасивност и немање грижа, за тој да не го задобие спасението, иако се обратил и пристапил кон Господа, според големата милост Господова кон човечкиот род.
25. А ако обраќањето од многуте гревови кои одамна завладеале со нас ни се гледа некако неостварливо и невозможно (а таквата мисла, како што веќе кажавме, е сугестија на злобата и претставува пречка за нашето спасение), тогаш да се присетиме и да не заборавиме како Господ, кога дојде меѓу нас поради Својата благост, им давал на слепите да прогледаат, ги лекувал раслабените, ја исцелувал секоја болест, воскреснувал мртви, до кои веќе се допрело распаѓањето и уништувањето, им го отворал слухот на глувите, од еден човек истерал легион бесови и на дојдениот до таква опседнатост му го вратил здравиот ум. Колку повеќе ќе ја обрати Тој душата, којашто се обраќа кон Него, од Него бара милост и помош, и ќе ја приведе во целомудрието и бестрасноста, во благоустројството на секоја добродетел, во обновеност на умот, ќе ñ подари здравје, прогледување на разбирањето, мир на помислите, ќе ја издигне од слепоста, глувоста и мртвилото на неверието, незнаењето и немањето страв кон целомудрието на добродетелта и чистотата на срцето. Зашто Тој што го создал телото, ја створил и душата. И како што, престојувајќи на земјата поради Својата благост, како благ и единствен лекар, на сите што доаѓале кај Него и од Него барале помош и исцеление им давал штедро сè од што имале потреба, исто така Тој е штедар и во духовното.
26. Ако бил толку добросрдечен кон телата, коишто повторно треба да се распаднат и умрат, и секому со готовност и благост му го правел тоа што го барал, тогаш колку повеќе Тој на душата бесмртна, неуништлива и нераспадлива ‡ којашто попаднала во болеста на незнаењето, порокот, неверието, немањето страв и другите гревовни страсти, па сепак му приоѓа на Господа, од Него бара помош, на Неговото милосрдие гледа, од Него сака да ја прими благодатта на Духот за свое избавување и ослободување од секој порок и од секоја страст ‡ со најголема итност и спремност ñ дарува исцелително избавување, во согласност со следново слово: уште повеќе Небесниот отец ќе „ги заштити Своите избраници, што викаат кон Него дење и ноќе”. Господ кон ова додава: „Ви велам, ќе ги заштити набргу” (Лука 18, 7 и 8). А на едно друго место нè советува: „Сакајте и ќе ви се даде: зашто секој што сака, добива, и кој бара, наоѓа, и на оној што чука, ќе му се отвори” (Мат. 7, 7 и 8). И понатаму, додава: „Колку повеќе небесниот Отец” ваш „ќе им даде Дух Свети на оние, што Му бараат” (Лука 11, 13). „Но ви велам, макар и да не стане да му даде затоа што му е пријател, но ќе стане заради неговото настојување и ќе му даде, колку што треба” (8).
27. А со сето тоа Тој нè убедуваше во тоа неодложно, непрестајно, неуморно да просиме од Него благодатно застапништво; затоа што Тој дојде заради грешниците, за тие да се обратат кон Него, и намерата му е да ги излечи оние што веруваат во Него. Ние само треба да отстапиме од лошите предубедувања, колку што имаме сили за тоа, да ги замразиме нашите грди занимања и светски самоизмами, да се одвратиме од лукавите и суетни помисли, а секогаш, според мерата на своите сили, да се прилепуваме кон Него. А Тој е подготвен да ни ја укаже Својата помош. Зашто Тој е многу милосрден, живототвори, ги лекува неизлечивите страсти, ги избавува оние што го повикуваат, што се обраќаат кон Него, по сопствена волја и непринудено се оддалечуваат, според мерата на силите, од секоја светска љубов, го одвојуваат умот од земјата и со својата желба и волја се устремени кон Него. Достојна за Неговата помош станува душата којашто сè смета дека е излишно, не почива врз ништо во светот, само едно нешто очекува за да се успокои, а тоа е да се успокои и израдува од Неговата благост. И така, откако за таквата вера го примила небесниот дар ‡ по благодатта несомнено успокојувајќи го своето посакување, откако Му послужила на Светиот Дух на пригоден и соодветен начин, со секој нов ден напредувајќи во доброто, не скршнувајќи од патот на праведноста, до крајот останувајќи несовладлива за порокот, не здружувајќи се со него и со ништо не нажалувајќи ја благодатта ‡ таа се удостојува за вечното спасение, заедно со сите свети, кои ги подражавала живеејќи во светот, како нивна заедничарка и сопатничка. Амин.
Превод: о. Игор Калпаковски
Друго:
Посети: {moshits}