БЕСЕДА 48
За совршената вера во Бога.
1. Господ, имајќи намера да ги издигне Своите ученици до совршената вера, рекол во Евангелието: Неверниот во малку е неверен и во многу, а „верниот во малку и во многу е верен” (Лука 16, 10). Што значи тоа ‡ малку? И што значи тоа ‡ многу? Малку ‡ тоа се ветувањата на овој век. Сè она што Господ ветил дека ќе им го обезбедува на оние што веруваат во Него, на пример, храна, облека, и останатото што служи за мир на телото или за здравјето и слично, и за што заповедал воопшто да не се грижиме, надевајќи се на Него, затоа што Господ во сите работи промислува за оние кои прибегнуваат кон Него. А многу ‡ тоа се даровите на вечниот и непропадлив век, што им ги ветил на оние што веруваат во Него, непрестајно се трудат и Го молат за нив. Затоа што вака им заповедил: Вие, вели, „барајте го најнапред царството на Бога и Неговата правда, и сè ова ќе ви се придаде” (Мат. 6, 33). А ова го заповедил со цел секој од нас да биде испитан преку ова коешто е малку и привремено, дали тој верува во Бога, Кој ветил дека ќе ни го обезбедува ова само ако не се грижиме за тоа, туку почнеме да се грижиме за идното, вечното.
2. Тогаш кога човекот запазува здрава вера, размислувајќи за кажаново, станува јасно дека верува во непропадливото и навистина ги бара вечните богатства. Зашто секој од оние што се покоруваат на словото на вистината треба или самиот да се испита и да си размисли, или да се подаде на расудувањето и испитувањето од страна на духовни луѓе: како тој поверувал и Му се предал на Бога, дали навистина во согласност со Неговото слово или, вообразувајќи си за своето оправдување и за својата вера, само си мисли дека е верен. Секој се испитува и се разобличува дали е верен во малку, што значи ‡ во привременото. А како бива тоа? Слушни. Ќе се наречеш ли себе верен, дека ќе се удостоиш за небесното царство, дека си се родил одозгора и си станал син Божји и сонаследник Христов, дека заедно со Христа ќе царуваш низ сите векови и ќе блаженствуваш во неискажливата светлина, во бесконечните и неизбројни векови, како и самиот Бог? Без сомнение ќе речеш: Да, токму од таа причина се оддалечив од светот и Му се предадов на Господа.
3. Значи, испитувај се дали се занимаваш со земни грижи, дали премногу се грижиш за телесната храна и облека, за останатите потреби и задоволства, и дали, со свои сили, упорно бараш нешто и мислиш за себе, а, всушност, заповедено ти е за себе воопшто да не се грижиш. Зашто, ако веруваш дека ќе ги добиеш бесмртните вечни нешта, коишто постојат постојано и се преизобилни, зар не би требало полесно да веруваш дека Господ ќе те обезбеди и со минливите и земни нешта, коишто Бог им ги дава и на нечеститите луѓе, и на ѕверовите, и на птиците? Зашто заповедил човек воопшто за ова да не се грижи: не грижете се за тоа што ќе јадете, или што ќе пиете, или во што ќе се облечете, „зашто сето тоа го бараат незнабошците” (Мат. 6, 31 и 32). А ако ти сè уште се грижиш за ова и немаш целосна доверба во Неговото слово, тогаш знај дека сè досега не си се уверил дека ќе ги добиеш вечните блага, т. е. царството небесно, и само мислиш дека си верен, додека и во она што е малку и пропадливо се покажува дека си неверен. И уште: Како што телото е поскапоцено од облеката, така и душата е поскапоцена од телото. Значи, веруваш ли дека твојата душа ќе добие од Христа исцелување на вечните рани што луѓето не можат да ги излечат ‡ срамните страсти, дека Господ томку затоа и дошол овде, за да ги излечи верните души од неисцеливите страсти и да ги очисти од нечистотата на гревовната проказа, Тој, единствениот вистински Лекар и Исцелител?
4. Ќе речеш: Несомнено верувам; зашто цврсто стојам во ова и таква е мојата надеж. Па, откако ќе се испиташ себе си, разбери: Зар не те водат некогаш страдањата на плотта кај земните лекари, како божем Христос, во Когошто си поверувал, да не може да те излечи? Види како самиот се мамиш и мислиш дека си верен, а сè уште не веруваш така како што навистина треба. А кога би верувал дека вечните и неизлечиви рани на бесмртната душа и гревовните болести ги лечи Христос, тогаш би поверувал дека Тој е моќен да ги излечи и привремените телесни слабости и болести и би прибегнувал само кон Него, презирајќи ги помошта и услугите на лекарите. Зашто Оној што ја создал душата, Истиот го створил и телото. И Оној што ја исцелува бесмртната душа, Истиот може да го излечи и телото од привремените страдања и болести.
5. Но, ќе ми го кажеш следново: Бог заради лечење на телото дал земни тревки и лековити материи и заради телесните слабости предвидел лекарска помош, определувајќи така што телото, земено од земјата, да се лечи со помош на разновидни земни производи. И јас се согласувам дека е така. Но биди внимателен и разбери кому му е дадено ова и за кого Бог имал особен план, според Своето големо и бесконечно човекољубие и добрина! Човекот, откако отстапил од заповедта што му била дадена, подлегнал на гневната осуда, од рајската наслада бил истеран во овој свет, кој за него е затвор и срам, или јама, се покорил на власта на темнината, измамен од страстите станал неверен, и најпосле паднал во страдања и болести на плотта, иако претходно не знаел ниту за страдања, ниту за болести. Очигледно е, пак, дека и сите родени од него потпаднале под истите страдања.
6. Преку ова Бог го покажал Својот план за немоќните и неверните, бидејќи поради Својата голема добрина не сакал грешниот човечки род потполно да погине. На световните луѓе и на сите надворешни им дал лековити средства за утеха и лечење на телото, за задоволување на неговите потреби. Им дозволил да се ползуваат со сите средства, затоа што тие сè уште не се во состојба целосно да Му се поверат на Бога. А ти, иноку, кој си пристапил кон Христа, си посакал да бидеш син Божји и да се родиш одозгора од Духот, си примил ветувања повисоки и поголеми одошто првиот бестрасен човек ‡ благоволението на Господовото доаѓање, и си му станал туѓ на светот, треба да стекнеш некои нови и за сите световни луѓе необични вера, разбирање и живот. Слава на Отецот и Синот и Светиот Дух во вековите! Амин.
Превод: о. Игор Калпаковски
Друго: