Маркова Сушица, 5 февруари 2012 год.- Манастир на св.вмч. Димитриј
Во Марковиот манастир „Св. вмч. Димитриј Солунски“, (Маркова Сушица, Скопско), во Неделата на митарот и фарисејот на 5 февруари 2012 година, отец Дејан Трајков одслужи Божествена Литургија. Верниот народ се причести со Светите Христови Тајни. По Литургијата, сестра Илијана игуменијата на манастирот и отец Дејан ги подкрепија верните со благослов, чај и вкусни колачи.
Оваа недела Светата Православна Црква со четивото за фарисејот и митарот почнува да нè подготовува за Великиот пост. Истакнат е лицемерениот и наемнички однос на фарисејот кон Бога наспроти покајниот однос на митарот (цариникот).
Фарисејот е убеден дека Го задолжил Бога само со почитувањето на Писмото и затоа Бог треба да му проштева. За жал, ваквиот однос го имаме се повеќе и денес меѓу христијаните кои извршуваќи ги ритуално Светите преданија на Православната Црква сметаат дека завршиле сè и дека се исправни пред Бога.
Додека, митарот знаејќи си ги сторените гревови се плаши дури и да го крене погледот кон Богам, а не да застане поблизу до Него.
Да се запрашаме себеси – дали се препознаваме во некој од ликовите на оваа приказна?
Да внимаваме да не западнеме и самите во стапицата како фарисејот.
Мораме да бидеме свесни дека е неизбежно секојдневно да грешиме. Како што не можеме да станеме наутро од постелата и да го поминеме денот, а да не ни се извалкаат рацете. Па, како што внимателно пред секое јадење ќе си ги измиеме рацете, уште повнимателно да се исповедаме и покаеме од длабочината на нашето срце.
Во таа смисла во предстојниве недели достојно да се подготвиме за Велигденскиот пост. Внимателно да ги проследиме и восприемиме пораките од неделите на Блудниот син, Меспусната и Сиропусната (Прочка).
Оваа недела се блажи целата па сме ослободени од постот во среда и петок.
По Литургијата, охрабрените верни се спротивставија на зимските окови и направија продуховена прошетка до остатоците од древната црквичка во близината на Марковиот манастир. На темелите на црквичката се одпеаа песни и молитви во слава на Бога. Попатно, селаните од Малчишта со кафе радосно ги почестија поклониците.
За Преминпортал
Ратислав Кардалев