Чествување на празникот Св. Атанасиј Велики во Тетовско
Празникот на Свети Атанасиј Велики архиепископ Александриски, на 31 јануари 2012 г. беше торжествено одбележан во црквите и манастирите на Тетовското архиерејско наместништво од Полошко Кумановската епархија на Македонската православна црква.
Манастир "Свети Атанасиј" на Балтепе на тетовската тврдина Кале.
Неговото Високо Пресвештенство Митрополитот Полошко-Кумановски Господин Кирил во сослужение на Архиерејскиот наместник Протојереј-ставровфор Мирко Станковски, протојерејот Предраг Исаевски и парохиски свештеник Дарко Наумовски во присуство на голем број православни верници изврши мал водосвет и ги благослови и прережа славските колачи посакувајќи им на кумовите добро здравје и благосостојба на нивните домови и чеда и нови рожби.
На Свети Атанасиј Велики Светата Црква му го должи Симболот на Верата. Со своето дело Свети Атанасиј Велики стана тврдина на христијанството, светлината на светот, град на планина кој не може да се сокрие, свеќник кој им свети на сите вкуќи за да се прослави Отецот на Небесата, како што беше денес читано од Евангелието по Матеј.
Денес со радост можеме да забележиме дека напорите на Полошко-Кумановската епархија и на Паско Кузман и неговата тајфа вродија со плод. Залечени се раните нанесени на ова светилиште од воените дејствија во 2001 г. Очекуваме наскоро да се возобнови и фрескоживописот со што ова светилиште ќе го добие полниот сјај.
Нашите срца ги полни и радоста што годинава одбележуваме 45 години од возобновувањето на автокефалоноста на светата Македонска православна црква. Повратена е честа гордоста и достоинството на македонскиот народ.
Црква Св. Атанасиј во Брвеница.
Празнувањето го предводеше старешината на црквата отец Ивица Спасеновски. На Божествена Литургија верниот народ се причести со Светите Христови Тајни. По Литургијата беа благословени и прережани славските колачи.
Отец Ивица го храбреше верниот народ со житието и примерните дела на Свети Атанасиј Велики. Малкумина христијани биле толку жестоко и долготрајно прогонувани како Свети Атанасиј Велики. Неговата жртва и милоста на Троединиот Бог нека бидат подтик за нови свети дела меѓу нашиот народ и искоренување на зостанатите пагански обичаи и крвни жртви.
СВЕТИ АТАНАСИЈ МОЛИ ГО БОГА ДА БИДЕ НАПОМОШ НА ЛУЃЕТО ОД НАШИТЕ СЕЛА И ГРАДОВИ.
За Преминпортал
Ратислав Кардалев