Благословено Ново лето 2012
„Василие, ти изобилно ги нахрани гладните со небесна храна, зашто твојот збор е лебот ангелски, за кој ти се покажа како најдобар распоредител.“ (канон на светиот)
Големиот архиереј на светата Црква, светиот Василиј Велики ни остави еден прекрасен обичај, кој произлегува од неговото свето житие, кога како епископ на Кесарија, целосно се давал во служба за својот верен народ. Така во една прилика, сакајќи да ги заштити своите сограѓани од гневот на злобниот цар Јулијан Отстапник, кој се заканувал дека ќе го запали градот, доколку не му се даде потребниот данок, Св. Василиј побарал од народот да го собере сето злато што го има, за со него некако да го смири царот и да го откупи градот од ова зло. Истовремено, тој ја засилил молитвата а и своите сограѓани ги замолил да постат и се молат за Господ да го оттргне тоа искушение од нив. И Небесниот Цар ја услишал нивната усрдна молитва: На светиот архиереј во видение му било покажано како Богомајката го испратила маченикот Меркуриј со цела ангелска војска против Јулијан и потоа како маченикот го убил овој безбожен цар со своето копје. За да се увери во вистинитоста на ова видение Св. Василиј го посетил храмот на маченикот и видел дека од таму биле исчезнати неговите мошти и копјето, а нешто подоцна до нив стигнала и веста за убиството на царот. Тоа значело дека градот по милоста Божја е спасен, но сега требало да им се врати на граѓаните собраното злато, а притоа да се запази праведноста. Затоа светиот, просветлен од Бога, дал да се замесат лебови и во секој од нив ставил по една рака од златото, и тие лебови потоа ги разделил на сите семејства како благослов. Во нив секој си го нашол токму она злато што претходно го дал. И ете, тогашниот леб, подоцна, според светиот, наречен „василопита“ на граѓаните им донел благослов и голема радост заради избавувањето. Во спомен на тоа чудо, кај православните и до ден денес се одржал ваквиот обичај на ставање паричка во питата, за благословување на годината. Затоа сестрите од манастирот посветен на Св. Георгиј во Рајчица, по свечената празнична богослужба и светата Василиева Литургија, одбележувајќи го споменатово чудо од IV век, припремија посебен колач „Василопита“ и заедно со својот старец, кој оваа божикна недела ја помина во манастирот во Рајчица, како и бројните дечиња и гости, се собраа во гостинската просторија, за таму да го побараат во молитва Божјиот благослов за претстојната година и да ја поделат Василопитата на сите присутни. Според обичајот, оној кој ќе се удостои да ја добие паричката, го има благословот од Бога во текот на целата година. Господ промисли паричката да се падне кај едно од децата гостинчиња во манастирот, како да сакаше уште еднаш да нè потсети за тоа колку е важно гостопримството за кое св. Апостол Павле вели: Взаемната љубов нека пребива меѓу вас! Гостољубивоста не запоставувајте ја, бидејќи преку неа некои, не знаејќи, им укажаа гостопримство на ангели.“ А дали има поголеми ангели од децата, кои со својата детска љубов и чисти детски молитви, се вистински пример за нас возрасните. Како што вели и Самиот наш Господ, Исус Христос: „Вистина ви велам, ако не се обратите и не бидете како деца, нема да влезете во Царството небесно.“ Господи наш преблаг и човекољубив, Исусе Христе, Ти кој на овој ден си примил телесно обрезание, по молитвите на светиот Василиј, великиот архипастир на Светата Црква, благослови ни ја годината, Црквата запази ја од искушенија, богољубивата влада умудри и поткрепи ја за богоугодни дела, народот закрили го од секаква непријателска наезда, земјата плодоносна покажи ја и добрите дела умножувај ги, за да можеме со уште посилна вера и љубов да Ти служиме и да го прославуваме Твоето свето Име, во век и веков, амин!
Извор: Бигорски манастир